Анализи

20 години ДУИ: Тешко со нив, не може без нив

Сите ги сакаат во опозиција, но на сите им требаат за власт

Oд првите „полесни“ ресори, како екологија, локална самоуправа и социјална политика пред 20 години, до клучните – шеф на дипломатијата и „чувар“ на државната каса – денес. Но, не само министерски фотелји, туку и претседател на парламентот и прв вицепремиер.

Политичката еволуција на ДУИ за 20 години достигна крешендо, и тоа според „партитурите“ на првата коалиција со СДСМ, кога тоа се случуваше „тивко и внимателно“.

За да му се удоволи на ДУИ, без кој не можеше да се формира ниту последната влада по изборите во 2020, се скрои нова функција – прв вицепремиер, за неа мораше да се менува Законот за влада.

Охридскиот рамковен договор во седиштето на партијата | Фото: БИРН

Првиот вицепремиер Артан Груби дополнително доби уште една функција – министер за политички систем, а со тоа и нови работни простории и барокна зграда во центарот на Скопје. Министерството е наследник на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор, институција која е редовно „таксана“ за кадри на ДУИ.

За две декади политички живот, создадоа слика дека се политички „резерват“ на заштитени видови, бидејќи ретко кој нивен функционер, за кој имало сомнежи дека се огрешил пред законот, завршил со одговорност. Речиси и да не ги допреа ниту „шрапнелите“ од политичките бомби во 2015 година.

Од пред две години добија политичка „зрелост“, а за два дена ќе дуваат 20 свеќички на роденденската торта.

Веќе најавија и тридневна прослава со различни настани во Скопје и во Тетово под слоганот „20 години заедно“.

Концерт на плоштадот Скендербег, пречек на членовите на семејствата на загинатите во конфликтот, панел на форумот на жени на ДУИ, фудбалски натпревар… Централната прослава е закажана за в недела.

Од ДУИ, за БИРН, велат дека се партија блиска до граѓаните.

ДУИ го слави роденденот под слоганот „20 години заедно“ | Илустрација: Фан-страница на ДУИ на Фесјбук

„Од основањето, па сѐ до денес, ДУИ победи на сите изборни циклуси: парламентарни, локални, референдум, претседателски“, потврдуваат за БИРН од партијата.

Тврдат дека никогаш не ги излажале гласачите и не се сложуваат дека нема одговорност за нивни функционери. Велат дека перцепцијата за корупција на нивните функционери се темели на пропаганда.

Дури сметаат дека биле жртва на политичките бомби.

„Материјалите за ДУИ се продаваа на тезги и се објавуваа масовно и незаконски на Фејсбук, Јутјуб и на други платформи“, велат од таму. Тоа, тврдат тие, покажало дека „во над 100.000 разговори не се најде ниту трошка криминал во дејствувањето на ДУИ“.

Тајната на успехот на ДУИ

Охридскиот договор е неисцрпен политички капитал за ДУИ | Фото: Р. Атанасовски

Пред 20 години, воените униформи станаа „passé“. Ослободителната народна армија, со ист акроним како и косовската УЧК, се демилитаризираше во ДУИ. Oттогаш го водат рекордот за должина на владејачкиот мандат и постојано се повикуваат на потезите на тогашната паравоена формација.

Така беше и на почетокот на мај, кога највисоките партиски функционери открија спомен-кула во Слупчане, со ист број метри, колку што и постојат, како сеќавање на жртвите во конфликтот. Лидерот на партијата оттаму порача дека во Македонија „нема историја без ОНА“.

Себеси се сметаат за единствен и автохтон чувар на Охридскиот рамковен договор. Документот им е на почесно место во партиските простории.

Toкму тоa e еден од клучните столбови врз кои почива успехот на ДУИ, смета политикологот и професор Ненад Марковиќ, а со постојаното „ритуално“ повикување на Охридскиот договор, по потреба црпат симболички материјал за пред гласачите.

Богата донаторска мрежа

Еден поглед врз финансиските извештаи на партијата покажува дека имаат дарежливи донатори. Од директори до секретари. Некои за партијата донираат и по 5.000 евра. Некои постојано. Меѓу донаторите се и фирми, кои речиси сите приходи што ги добиле им биле од тендери со државни институции, кои најчесто ги раководат кадри на ДУИ.

Со слична оценка е и неговиот колега, професор Гордан Георгиев. Тој во разговор за БИРН вели дека, благодарение на ДУИ, се создал впечаток дека Албанците во Македонија политички „се појавија“ во 2001 година, и тоа „на голема врата“.

Претходно, како што вели тој, доминирал впечатокот дека Албанците ги управувале македонските политички елити, и тоа по примерот на Србија на Милошевиќ, но помеко и потолерантно.

„Конфликтот во 2001 и последователното појавување на политичкиот претставник на Албанците, ДУИ, е хумусот, кој оттогаш до денес ја прави политичката почва кај етничките Албанци постојано плодна“, тврди Георгиев.

Но, освен симболичкиот капитал што се црпи од Охридскиот договор, низ годините партијата копирала дел од менталитетот на македонските партии.

„Клиентелизмот, непотизмот и корупцијата детално разработени и минуциозно имплементирани се теренскиот мотор, кој му овозможува на ДУИ постојано да победува во албанскиот политички простор“, заклучува Георгиев.

За поранешниот министер и претседателски кандидат Имер Селмани, тајната на успехот на ДУИ лежи во „Вештината за прилагодување кон партнерите со кои ја дели власта, без разлика дали се со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ на власт периодично, создавањето голема мрежа партиски поддржувачи, кои дел поради идеолошки причини, а дел поради лукративни лични причини ја поддржуваат минатите 20 години“.

Селмани смета дека тоа во комбинација со добрите пријателски односи со стратешките партнери САД и ЕУ се клучот на нивниот успех.

Парламентарните мандати на ДУИ низ годините | Илустрација: БИРН

Новинарот Назим Рашиди, пак, развојот на ДУИ го гледа во три фази. Од ОНА станаа политичка партија, фаза во која, вели тој, била многу инволвирана меѓународната заедница, која ги „научи да дејствуваат и да се развиваат како модерна политичка структура“.

Во втората фаза, што Рашиди ја именува учење и запознавање со функционирањето на институциите, а сега е третата фаза во која тие го пресликуваат моделот на владеење на големите македонски партии.

„Тие се фокусираат на начинот на владеење, кој го виделе и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ. Интересите почнуваат да бидат приоритетни. Треба да имаме предвид за вклучување Албанци во администрацијата. ДУИ го прави релативно исто тоа што го правеа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“.

Сите ги сакаат во опозиција, но на сите им требаат за власт

Некогашните и сегашни челни луѓе на ДУИ | Фото: Р. Атанасовски

Со тактика што многу потсетува на ликовите од култната трагикомедија на Шекспир, „Венецијанскиот трговец“, ДУИ коалициски „тргуваше“ со македонските партии. Временски речиси идентично – девет години беше со ВМРО-ДПМНЕ, а со сегашниот мандат ќе има девет години на власт со СДСМ.

Јавноста ја гледаше цената на „пазарот“ дури кога веќе беше завршен. На прв поглед, меѓукоалицискиот однос меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ пред јавноста функционираше повеќе мазно, отколку со СДСМ.

Никола Груевски го помина речиси целиот мандат со интегративците на Али Ахмети. По поразот на СДСМ во 2006, нецели две години беа во опозиција, кога ВМРО-ДПМНЕ коалицираше со ДПА. Но, и тогаш лути, преку неколкумесечен бојкот на Собранието и блокади, ја диктираа политичката игра.

Цела декада подоцна, иако и Зоран Заев и Христијан Мицкоски порачуваа дека му е време на ДУИ да замине во опозиција, тоа не се случи.

Најнова таква изјава е онаа на Мицкоски, кој, во интервју на Телма, рече дека не може да се помири со фактот што иднината на државата „се крои во Мала Речица“.

Претходно, Заев на прес-конференција, пред парламентарните избори во 2020, кажа: „Здраво е за државата ДУИ да оди во опозиција“. На тие избори ДУИ освои пет пратеници повеќе од изборите во 2016 година.

Етнички претприемачи

Различни коалициски матрици со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ | Фото: Р. Атанасовски

Кога политичката идеологија е во прашање, ДУИ нема јасно исцртани координати. Не се ниту строго леви, ниту десни, ниту, пак, центар, туку некаков хибрид, па затоа речиси е нормално партијата да биде во власт, без разлика дали владеат левите или десните. Едно е јасно – главен фокус досега им беа етничките прашања.

Константно приоритетни за партијата се членството во ЕУ и во НАТО.

Од ДУИ велат дека партијата е државотворна.

Нагласуваат дека работат на проширување на електоратот и во средините што не се албански, и тоа преку зелената агенда, и дека не се грижат само за правата на етничките Албанци, туку и за правата на сите етникуми што живеат во земјава.

ДУИ „тежи“ 2,8 милиони евра

Според финансискиот извештај што ДУИ го доставил до ревизорите, вкупниот имот што го поседува партијата е над 2,8 милиони евра. Во првите години од формирањето на партијата, финансиери на политичките кампањи на ДУИ беа и јавни претпријатија.

„Добивме гласови низ цела Македонија и со тоа планираме да го зацврстиме и да го зајакнеме нашето присуство кај сите граѓани во следните години затоа што гледаме дека граѓаните гледаат во нас како трета опција и партија што испорачува и го реализира тоа што го ветува“.

Иако партијата има марксистички бекграунд, па оттаму би требало да се лева партија, партијата во еден дел е многу слична со десницата, вели Марковиќ.

„Но, фактот дека овде ништо, освен само етнички игри не успева, нив ги прави во исто време и десничарска партија, која мора да се занимава со етнички теми“ и да решаваат социјални конфликти преку клиентелизам.

Во таа смисла, тој го толкува впечатокот за „леснотијата“ во коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ.

„Тие и ВМРО се согласуваат дека таблата на која ќе се игра политичката игра ќе биде етничкиот терен, а не граѓанскиот“, и токму затоа, според него, коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ функционирала врз „базичната конзервативна премиса дека добри огради чинат добри комшии“.

За проблематичните ликови од историјата се почитува начелниот договор тие да „не ја иритираат другата страна, а сè друго е пазар“, вели тој, како на пример со поделбата на кадрите, за што се чу во бомбите кога Муса Џафери и Сашо Мијалков избираа кадри за судството.

Победничка низа

ДУИ победува кај албанските партии на сите парламентарни избори од 2002 до 2022. Бројот на гласови им варирал. Од над 86 илјади во 2016 до над 150 илјади во златното време на ДУИ во 2014 година. Иако во споредба со 2016 имаат сѐ помалку гласови, самите велат дека последните локални избори потврдиле оти партијата е апсолутен победник во општините со доминантно албанско население.

СДСМ, според Марковиќ, наметнал поинаков коалициски модел, кој ДУИ не може да го прифати, зашто, така како што вели, ќе го загуби „монополот на етничко претприемништво, односно базата врз која се формирани“.

Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ е многу поприродна и пореципрочна, смета професорот, додека, како што вели, „СДСМ изгледа наивно и потиснато во коалицијата со ДУИ“.

Спротивно на тоа, Рашиди смета дека коалицијата меѓу интегративците и СДСМ ја носи нишката на големи промени. Како левоориентирани и евроатлантски насочени, врската меѓу двете партии е „спонтана и природна“.

Недопрени

ДУИ велат дека се единствената партија што самата побарала целосно да биде истражена  | Фото: БИРН

Кога се коментира политичкото дејствување на ДУИ, често се користи епитетот – недопирливи. Нејзините функционери скоро, па редовно избегнуваат одговорност. „Нивната неодговорност произлегува од нивната комотна позиција. Тоа е политички партнер што секому му треба“, вели Марковиќ.

Во првата коалиција со СДСМ, за функционери на ДУИ се врзуваа афери за багателна продажба на земјиште на градскиот плоштад и гласни прозивки од поранешниот премиер Хари Костов за корупција и непотизам.

Настрана амнестијата на поранешните борци на ОНА и нивното назначување на високи функции, како што беше првото министерско место во одбраната на некогашниот командант Талат Џафери или непроцесирањето на Хашките случаи, она за што најмногу ги критикуваат нивните политички ривали се сомнежите за корупција.

Подоцна, јавноста гласно го коментираше заменикот на Гордана Јанкулоска, Џевад Бучи од ДУИ, кој пред камери ги симна лисиците на учесник во инцидентот на Калето, во 2011, кога се судрија две групи (Македонци и Албанци) поради почетокот на изградбата на музеј-црква.

Протестите ги организираше невладината „Разбуди се“, која ја предводеше денес актуелниот прв вицепремиер Артан Груби.

Од триесетина предмети на СЈО, само во еден имаше епилог за функционер на ДУИ.

Случајот „Табла“ за поранешниот директор на училиште во Зајас. „Титаник 3“ за координаторот на ДУИ во парламентот, Ејуп Алими, и заменик-директорот на УЈП во Скопје, Исмет Гури, се суди во прв степен, по вторпат, четврта година по ред.

Македонија мораше да ѝ врати 1,7 милион евра на ЕУ за утврдени злоупотреби, за што беше обвинет поранешниот државен секретар Јахи Јахија од редовите на ДУИ. Судењето за него трае.

Пријавата за проневера на 19 милиони евра во буџетот на Фондот за пензиско осигурување, каде што беа директори – кадри на ДУИ, заврши без обвинение. Бујар Османи, кој и самиот беше осомничен во случајот „Пациент“ на СЈО, па беше запрена постапката, во функција на вицепремиер ја обвини министерката Мила Царовска за ширење лажни вести и се закани со тужба.

Во оваа тема спаѓа и отфрлената кривична пријава против градоначалникот на Сарај за дивите платформи на Матка.

„Удирањето во пајак-возило“ сè уште го користи како синоним за повлекување на службениците пред моќниците . Тоа беше оправдувањето на полицајка, која најнапред го пријави за напад функционерот на ДУИ, Бекир Асани, а потоа ја повлече пријавата со образложение дека самата се удрила.

Но, од партијата велат дека го поддржуваат владеењето на правото и бараат ветинг за сите. Посочуваат дека се единствената партија што писмено се обратила до СЈО и Јавното обвинителство „да биде целосно истражена“.

„Никој не го штити ДУИ, ДУИ се штити себеси и не толерира коруптивно дејствување, не брани никого и нема да застане зад никого што згрешил, но нема да толерира и лов на вештерки и безмилосна и неоснована пропаганда“.

„Доколку имаше 1 процент вистина во тоа што го зборуваат без никакви конкретни дејствија, тогаш ќе постапеа досега, и партиите, и новинарите, и обвинителството“, велат оттаму.

„Вечниот“ Ахмети

Али Ахмети – своевиден политички тотем на партијата | Фото: Р. Атанасовски

Од контроверзен водач на ОНА, до своевиден политички тотем на партијата.

Улогата на Али Ахмети е неодминлива, кој и да е на власт кај македонските партии, велат соговорниците за БИРН. Тој е своевиден политички „шаман“ кај членовите на ДУИ, а кон него, функционерите имаат посебна стравопочит.

„Без ‘амин’ на Али Ахмети нема политика во Македонија што би можела да се реализира и да биде политички одржлива“, смета Георгиев, и додава дека оваа неодминливост жестоко на своја кожа ја почувствувале и Никола Груевски и Зоран Заев.

„Како главен носител на национализмот кај македонските Албанци и нивен прв бајрактар ‘и во војна и на свадба’, неговата умешност во политиката, неговиот природен талент за простор и време, неговата тактичност и конзервативен пристап во решавањето на политичките проблеми, постојано во дослух со ‘странците’, го прави незаменлива и неодминлива политичка фигура во историјата на македонската независност“.

Политичката егзистенција на ДУИ покажа дека Ахмети е врзивното ткиво на партијата, кој со години ги обединува и ги помирува различните крила во партиската архитектура.

Што мислат за лидерот на партијата неговите сопартијци | Илустрација: БИРН

„Кога не би бил тој, [тие крила] би се распаднале на повеќе партии или фракции. Тој е врзивното ткиво на партијата, иако повеќе не влијае толку на процесите“, вели Марковиќ.

И Селмани ја истакнува способноста на лидерот Али Ахмети да ги држи „на куп сите функционери и активисти кога тие меѓусебно не се поднесуваат“.

Иако кај дел од етничките Македонци буди негативен сентимент поради конфликтот и улогата на ОНА, Ахмети е фактор без кој не може да помине ниедна лидерска средба.

Неговиот микроменаџмент секогаш е „заднински“, па затоа, според аналитичарите, и му го доделуваа епитетот „премиер во сенка“. Култот кон Ахмети се одржува со постојано навраќање на неговата улога во конфликтот од 2001, како што тоа беше со поставувањето на споменикот во Слупчане.