„Само делата се вистина“ е мотото на бизнисменот Ванчо Чифлиганец и на неговата градежна компанија „Адора инженеринг“ кои повторно се актуелизираа по неодамнешните „бомби“ на СДСМ.
„Адора инженеринг“ е инвеститор на зградата сместена на „Димче Мирчев“ бр. 20 во која станови купија неколку високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, како поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и двата сина на пратеничката Силвана Бонева.
Како да нема бизнис без „Ексико“
Ванчо Чифлиганец води две градежни компании под брендот „Адора“. Првата е „Адора инженеринг“, а втората е „Адора груп“ за која малку се знае во јавноста. Партнер на Чифлиганец во втората и помалку позната „Адора“ е скопската компанија „Архи“.
Зад компанијата „Архи“ стои „Орка“ на бизнисменот Орце Камчев и таинствената компанија „Ексико“ која има непознати сопственици од Лугано, Швајцарија.
„Архи“ е инвеститорот на хотелот „Панорама резиденс“ околу кој во 2013 се дигна прав. Токму овој хотел доби дозвола да се подигне на десет ката за време на ланската контроверзна седница на Општина Центар, кога одлучувачки беше гласот на претседавачот Мирослав Шиповиќ. Тој гласаше спротивно од своите сопартијци и во корист на повисоката „Панорама“, како што гласаа и советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Чифлиганец е ктитор на православниот храм Св. Јован Крстител во Аеродром, а ги има донирано и спомен-обележјето за Водици во Охрид, саат кулите во Ѓорче Петров, Скопје и Струмица, фонтаната Македонија во Кисела Вода, Скопје и други корисни дела за граѓаните и заедницата
И партијата ВМРО-ДПМНЕ пазарела кај Чифлиганец
Покрај Јанкулоска и Бонева, стан во истата зграда на „Димче Мирчев“ купиле и мајките на генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, и на директорот на Управата за финансиско разузнавање, Владимир Атанасов, сопругот на државната секретарка во Министерството за животна средина, Соња Лепиткова, еден од телохранителите на премиерот Никола Груевски, како и советничката во Град Скопје, Слободанка Алексовска.
Лани СДСМ објави дека во декември 2013, во еден ден владејачката партија купила станови, деловни простории и земјиште вредно вкупно околу 800.000 евра. Меѓу новиот недвижен имот што тој ден го купила ВМРО-ДПМНЕ, се наоѓаат и две деловни простории од по 40-тина квадрати со гаражи, чија вредност, според опозицијата, е околу 150.000 евра.
Овие простории се во зградата која се наоѓа во скопско Ново Лисиче, на улица „Февруарски поход“ бр. 42. И на оваа зграда инвеститор е Чифлиганец.
Сопственикот на „Адора инженеринг“, повозрасните го паметат како прв човек на рудникот „Бучим“ и како пратеник на СДСМ во собранискиот состав од 1994 до 1998 година. Шеесетгодишниот радовишанец веќе 13-та година ја води градежната компанија „Адора инженеринг“ која досега изградила многу објекти во Скопје и во внатрешноста.
Точно три недели БИРН се обидува да стапи во контакт со Чифлиганец и да го праша што работи „Адора груп“ и како се случило неговото партнерство со Камчев и со таинствената офшор-компанија од Швајцарија.
Сакавме да знаеме и по која цена ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери пазареле станови кај него и да ни ја разреши мистеријата дали министерот Ставрески или неговиот братучед го платиле станот кој се спомнува во „бомбите“ на СДСМ.
Чифлиганец засега одлучи да молчи.