Регион

Албанец, сопственик на пекарница во Белград, на мета на српски националисти

На Aлбанец, сопственик на пекарница во Белград, животот сосема му се смени, откако српски десничари, на интернет повторно поставија фотографија, на која негов роднина со рацете го гестикулира албанскиот национален симбол, двоглавиот орел

Без оглед која е причината за ова, националистите се собраа пред неговата пекарница на 27-ми април, пуштаа српски патриотски песни, извикуваа националистичките слогани и на прозорците на пекарницата залепија налепници на кои пишуваше: „Косово е Србија”.

Во два наврати, групи од насобраните лица, влегоа во пекарницата, но полицијата ги потисна надвор.

Десничарите, исто така, го изразија својот револт фрлајќи свинска глава во пекарницата и извикувајќи пораки на омраза.

Десничарите го изразија својот револт фрлајќи свинска глава во пекарницата и извикувајќи пораки на омраза. Фото: БИРН

„Јас, со овој хаос, се борам веќе неколку дена, откако дознав за фотографијата. Добив ужасни закани и преку интернет“, вели Ѓурај за БИРН.

Тој додава оти заканите ги пријавил во полиција на 26-ти април.

За националистите во Србија, кои се лути поради губењето на поранешната покраина Косово, населена претежно со албанско население, гестикулацијата на двоглавиот орел е иритирачко и навредливо.

Во јуни минатата година, двајца Албанци, фудбалски репрезентативци на Швајцарија, Гранит Џака и Џердан Шаќири, предизвикаа незадоволство кај српските власти и јавноста, бидејќи на головите што ги дадоа против Србија на светското првенство, им се радуваа гестикулирајќи го двоглавиот орел со рацете. ФИФА ги казни поради ова.

Активистите за човекови права и повеќето опозициски партии во Србија, го осудија нападот врз пекарницата во Белград, а десничарскиот пратеник, Срѓан Ного, не само што беше присутен за време на нападот, туку застана и во одбрана на неговиот легитимитет.

Тој изјави дека локалните „граѓани им се спротивставиле на провокациите на албанскиот сопственик на пекарницата”.

„Време е да се врати од каде што е дојден”, напиша на Инстаграм, водачот на десничарската организација, Српска чест, Бојан Стојковиќ.

Некои локални жители не се согласуваат со ова. Тие го бранеа својот сосед и влегуваа и купуваа пекарски производи, и покрај присуството на десничарите.

Слично нешто се случи и минатиот месец во мирното село Долово, во Банат, Војводина.

Медиумите објавија дека група селани на 21 март се собрале пред локална пекарница во сопственост на Албанци, откако, наводно, сопствениците поставиле свои фотографии на Фејсбук, гестикулирајќи со рацете двоглав орел.

На една од фотографиите, двајца од нив држат пушки во своите раце, со коментар на еден од нив во кој се вели: „Одиме во лов. Ќе ни се придружите?“.

Милица Ѓурѓевиќ, од десничарското движење, Заветници, на Фејсбук напиша дека селото „станало мета на Голема Албанија”.

„Се прашувам само … како е дозволено, нескриени албански екстремисти да отворат свои пекарници и да шетаат вооружени среде Банат”, напиша Ѓурѓевиќ, на 21-ви март.

Неколку дена подоцна, медиумите објавија дека ова албанско семејство го напуштило Долово и заминало во Косово.

Фото:БИРН

Но, Ѓурај, од Борча, не сака никакви проблеми, ниту пак сака да замине. „Јас живеам овде, овде работам и овде плаќам даноци. Моите деца тука одат на училиште. Јас останувам“, нагласува тој.

Додава оти ова не е првпат да доживее омраза поради неговата националност.

„Секогаш кога Србија игра некој важен натпревар, некој ќе го скрши прозорецот од пекарницата  или ќе го оштети мојот автомобил”, вели тој.

Додека на интернет се објавуваат коментари против него, а десничарите објавуваат пораки со омраза, други презедоа контра активности, и објавија позитивни пораки на Твитер.

На оваа социјална мрежа, противниците на десничарите објавија дека на 3-ти мај ќе одат во Борча за да купат колачи кај Ѓурај. „Да ги поддржиме нашите соседи”, се вели во најавата на Твитер.

Ширум поранешна Југославија, Албанците беа познати како пекари.

Сепак, по распадот на Југославија, нивната позиција во Србија значително се влоши, особено по сецесијата на Косово, кое прогласи независност во 2008 година.

Многу Срби се огорчени поради губитокот на покраината и го обвинуваат албанското мнозинство за протерување на српското малцинство од Косово.

Ситуацијата беше особено тешка во 2008 година, кога во Србија избувна бран на антиалбанско насилство, при што некои пекарници во сопственост на Албанци, главно во Војводина, беа нападнати и уништени.

Но, не учествуваа сите во ова. Некои организираа настани на солидарност и масовно одеа да јадат во овие пекарници.

Ѓурај вели дека сé уште смета на заштитата на власта, иако министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, ја намали сериозноста на настаните.

„Собирот помина без инциденти, а полицијата не дозволи, ниту ќе дозволи, кршење на јавниот ред и мир”, рече Стефановиќ на 28 април, објави телевизија Н1.

Тој на оние кои протестираа во Борча, во саботата им упати порака дека не треба да заборават дека „Белград отсекогаш бил и останал мирољубив и домаќински град”.

Но, изгледа дека неговата порака нема никаков ефект, бидејќи десничарите веќе најавија нови активности, поттикнати од инфламаторните медиумски извештаи за нови, таканаречени албански провокации.

Така, весникот „Вечерње новости“, во неделата објави дека открил нов случај на албански националистички пекар во Војводина.

„Ова е сопственик на пекарница во Нови Сад, кој ја промовира ОВК, Голема Албанија и независна Војводина на ФБ”, се вели во еден од многуте коментари, по објавениот извештај.

Текстот во „Вечерње новости“ наскоро беше избришан, но десничарите продолжија да го напаѓаат споменатиот пекар на социјалните мрежи, откривајќи ја и адресата на која таа е лоцирана, што може да биде проблематично за сопственикот.

Полицијата соопшти дека ги зела предвид сите коментари поврзани со пекарницата во Нови Сад и дека го информирала обвинителството за ова.

„Присуството на полицијата во близина на пекарницата во Нови Сад, е интензивирано со дополнителни патроли”, соопштија за БИРН од полицијата во понеделник.