Регион

Комеморација за жртвите на масакрот во Снагово

Од комеморацијата во Снагово во 2018. Фото: Исламска заедница на Зворник

Годишнината од убиствата на 36 бошњачки цивили извршени на 29 април 1992 година во селото Снагово, во близина на Зворник, источна Босна, во понеделник беше одбележана со верски обред, со предавање за младите и со посета на гробиштата на кои се закопани жртвите.

Златија Мујановиќ, која тогаш ги загубила 14-годишната сестра и својата мајка, која била во осмиот месец на бременоста, за БИРН вели дека жали што досега за ова злосторство никој не одговарал.

Мујановиќ, која во тоа време имала 15 години, во разговор за БИРН се присети како тој ден ја фатиле силите на босанските Срби.

Таа вели оти кога дента пристигнале војниците, тие ги одвојиле мажите од жените, а потоа ги одвеле во Рашид Хан во близина на Снагово, каде што било извршено масовно стрелање.

„Почнав да бегам. Со себе ја зедов помладата сестра од шест години. Се скрив во еден полски тоалет и така успеав да останам жива“, вели таа.

„Убиваа сѐ по ред, деца, жени, бремени жени … Тогаш ја убија и мајка ми Исмета, кој беше во осмиот месец на бременоста, помладата сестра, која имаше 14 години, и баба ми Дерва”, додава таа.

Кога слушнала дека војниците заминуваат, таа „се вратила со својата сестра и видела мртви тела”.

По масакрот, како што нагласи, „српската војска се вратила и ги запалила убиените, за да го прикрие злосторството”.

Недим Чивиќ, еден од организаторите на одбележувањето на годишнината од убиствата во Снагово, истакна дека семејствата се огорчени на Обвинителството на БиХ, бидејќи не работи на гонење на одговорните.

„Ќе ја потсетам јавноста во БиХ дека овие луѓе се стрелани, некои преживеале, потоа биле фрлени на куп заедно со животински остатоци, со овци, и живи запалени”, нагласи Чивиќ.

„Тоа е нешто што ќе остане трајно врежано во сите пори на нашите животи”, додаде тој.

Судот на Босна и Херцеговина, во ноември 2007 година, со правосилна пресуда го ослободи Зоран Јанковиќ од обвиненијата, дека како припадник на Војската на Република Српска, учествувал во апсењето и убиствата на мештаните на село Снагово, поради недостиг на докази.