Регион

Албански обвинител не гледа причина да се води истрага за исчезнувањата во комунизмот

Истрагата што ја отвориле обвинителите во Тирана официјално е запрена во декември 2010 година, шест месеци откако што почна

Под стилизираната фотографија на Мајка Тереза, на која, со компјутерска обработка, е додадена и една нејзина поема, која советува добрина и прошка дури и за луѓето што се „неразумни, нелогични и себични“, обвинителот, Сокол Стојани, за БИРН објаснува зошто верува дека обвинителите не треба да имаат некаква улога во истрагата на случаите на неколкуте илјади Албанци, што исчезнаа за време на комунистичкиот режим во Албанија.

Но, при разговорот се покажа дека обвинителите барем во еден случај признале дека требало да постапат, но тоа не го сториле, иако тоа од нив било побарано во 2018 година.

Во вториот случај, кој беше отворен во 2010 година, обвинителите, исто така, не одговорија, иако овој предмет вклучуваше ексхумирани човечки посмртни останки, кои останаа неидентификувани.

Стојани, директор за институционална координација во Главното обвинителство, одговара на прашањата на БИРН, откако Европската комисија го спомена ова прашање во својот годишен извештај за напредокот на Албанија кон членството во ЕУ, објавен оваа недела.

„Во текот на извештајниот период, обвинителите не спроведоа никаква истрага по службена должност, за случаите на исчезнатите лица во комунизмот“, се вели во извештајот на Европската комисија.

На прашањето зошто обвинителите не покренаа истраги, Стојани прво се повика на Меѓународната конвенција за заштита на сите лица од присилно исчезнување, која Албанија ја ратификуваше во 2008 година.

Според Конвенцијата, „присилно исчезнување“ значи апсење, притвор, киднапирање или која било друга форма на лишување од слобода од страна на агенти на државата или од лица или групи на лица кои дејствуваат со одобрување, поддршка или согласност на државата, следено со одбивање да се признае лишувањето од слобода или прикривање на судбината или местото каде се наоѓаат исчезнатите лица, што го става таквото лице надвор од заштитата на законот“.

Стојани смета дека Албанците, кои исчезнаа за време на комунизмот, не спаѓаат во оваа категорија.

„Овие луѓе беа приведени од органите на прогонот, им било судено пред судовите и биле осудени според тогашните важечки закони“, вели тој.

„Присилното исчезнување, како што е дефинирано со (меѓународната) конвенција и кривичното право (на Албанија), значи исчезнување под принуда на државните органи и постоење на фактот дека не е откриено каде се исчезнатите. Значи, тоа има поинакво значење од тоа да не се открие каде е гробот на лицето кое е осудено на смрт или умрело додека ја издржувало казната“, додава тој.

Доколку обвинителите би биле вклучени во процесот на пронаоѓање на гробовите на исчезнатите лица, нагласува тој, тоа би било негативен преседан.

„Идентификацијата на смртните останки е административно прашање … Полицијата може, доколку се откријат факти за кривично дело, истите да ги достави до обвинителот“, истакнува Стојани.

Тој вели дека Главното обвинителство „не добило индикации што би можеле да го оправдаат отворањето на истрага“ и дека застареноста на случаите ги спречува обвинителите да се занимаваат со ова прашање.

Закопани во необележани гробови

Обвинителот Сокол Стојани | Фото: ЛСА

Околу 45 години, од 1946 до 1991 година, Албанците живееја под тоталитарен комунистички режим, кој ги користеше затворениците како евтина работна сила и приведе илјадници членови на семејствата на „државните непријатели“, вклучувајќи жени и деца, во работни логори.

Луѓето кои ги преживеаја овие логори подоцна изјавија дека биле сведоци на смртта на затворениците во овие притворски установи и дека повеќето од нивните тела биле закопани во необележани гробници, од страна на затворските власти.

Еден таков работен логор се наоѓал во близина на индустрискиот град Балш, денес дом на затворена рафинерија за нафта. Општо е познато дека во близина на овој поранешен логор, има неколку десетици необележани гробови на луѓе, кои починале во заробеништво.

Во 2018 година, Балш беше идентификуван како соодветно место за започнување на долго одложуваниот процес на идентификација на останките на жртвите.

Во тоа време, Албанија потпиша договор со Меѓународната комисија за исчезнати лица (МКИЛ), а Европската унија на МКИЛ ѝ одобри финансии за да им помогне на локалните власти во ексхумацијата на локацијата.

Три години подоцна, проектот финансиран од ЕУ беше завршен, но гробиштата во Балш не беа допрени. Во 2019 година, претставниците на МКИЛ изјавија дека обвинителите од блискиот град Фиери, како и оние во Тирана, не издале налог за ексхумација.

За да го поткрепи своето тврдење дека обвинителите го направиле она што е потребно, за време на интервјуто за БИРН, Стојани се јави во обвинителството во Фиери за да праша што е направено во врска со ова.

Обвинителот во Фиери, кого Стојани го вклучи на звучник за да го чуеме,  рече дека сѐ уште не одлучил што ќе прави, но дека наскоро може да донесе одлука, притоа признавајќи дека оваа работа предолго се одложува.

„Не тераа да отвориме истрага како за случај за убиство“, нагласи обвинителот од Фиери, алудирајќи на барањето на МКИЛ за пребарување на теренот, каде што се наоѓаат гробовите во Балш.

„Имаа стара карта која покажува дека во близина на постојните (селски) гробишта, има околу 60 (необележани) гробови“, додаде тој.

На прашањето на Стојани, обвинителот даде различни оправдувања зошто неговото обвинителство не реагирало -од недостиг на искуство во спроведувањето на масовни ексхумациии, до недостиг на финансиски средства. Тој, исто така, вети дека одлуката за ова прашање ќе биде донесена „многу скоро“.

Тој не објасни зошто му биле потребни четири години да одлучи дали ќе нареди ексхумација или не. Но, засега изгледа дека жртвите од работниот логор во Балш, ќе останат таму каде што се погребани, во необележани гробови.

По разговорот со обвинителот од Фиери, Стојани уште еднаш нагласи дека државните обвинители немаат никаква улога во проблемот со исчезнатите лица.

Внатрешен извор, запознаен со ова прашање, за БИРН вели дека несоработката на албанските власти, очигледно произлегува од нивната желба да го остават ова како историско прашање, за ексхумациите да не  доведат до гонење на оние што извршиле злосторства.

Ова е спротивен пристап од оној на МКИЛ, кој сака сите можни кривични дела да бидат документирани.

Албанија не истражила ниту едно злосторство извршено од државни функционери за време на комунистичката ера, а општата перцепција на државните институции останува дека егзекуциите биле извршени според законите што важеле во тоа време – со други зборови, дека не биле извршени никакви злосторства.

Работната група не презела ништо

Во февруари 2010 година Албанија беше шокирана од откритието дека во приватна режија синовите на некои жртви на комунизмот откриле масовна гробница во близина на Тирана, во која се наоѓале посмртните останки на околу 13 луѓе.

Подоцна беше соопштено дека оваа локација не им била позната на властите, кои и по сознанијата не презеле никакви службени напори да се ексхумираати да се идентификуваат останките, иако комунистичкиот режим веќе беше срушен 20 години порано.

Подоцна беше отворена истрага од обвинителот во Тирана, додека тогашната влада предводена од десничарската Демократска партија наложи формирање „работна група“ со задача да ги најде и да ги идентификува жртвите на комунизмот. Оваа работна група никогаш не спроведе ниедна видлива активност.

Новата влада предводена од левичарската Социјалистичка партија во 2013 година повторно формираше работна група, а настојувањето да се направи нешто по тоа прашање стана дел и од нејзината изборна програма. Меѓутоа, познато е дека некои од оние што биле на високи позиции во комунизмот беа на високи позиции и во новата социјалистичка влада./

Истрагата што ја отвориле обвинителите во Тирана официјално е запрена во декември 2010 година, шест месеци откако што почна.

Барањето на БИРН за пристап до досието, испратено во 2018 година, е одбиено со образложение дека и во овој случај „истрагата е во тек“ и податоците се тајни.

Социјалистичката влада во 2013 година ветуваше дека и натаму ќе вложува напори за соочување со минатото, па во 2018 година потпиша спогодба со МКИЛ во врска со исчезнатите лица. До сега се идентификувани две жртви чии посмртни останки се откриени во 2010 година, но нови ексхумации не се спроведени.

Албанскиот премиер Еди Рама неодамна изјави дека недостигот на напредок во идентификацијата на преостанатите жртви пронајдени во 2010 кај Тирана е резултат на недостигот на документи.

„Целосно е несфатливо дека толку време е изгубено, посебно во 1990-тите години, кога можностите биле многу поголеми и кога прашањето за исчезнатите и сокриени документи можело да се реши“, рече Рама.

Ѓерѓ Еребара