Регион

Колку тврдењата на Додик се втемелени?

Проверка на факти

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Обвинувајќи ја меѓународната заедница за тензиите во БиХ и обвинувајќи ја дека „сака муслиманска држава“, Додик предупреди дека секој потег на Европската Унија, да ја исклучи РС од програмите што ги спроведува, само ќе ја „зацементира независноста на РС“.

Тој најави преземање на касарните во РС, со кои сега управуваат вооружените сили на БиХ, на начин како што тоа го направи Словенија, во времето кога се отцепи од поранешна Југославија во 1991 година, истовремено наведувајќи дека сите акции ќе бидат мирни и без конфликти, и покрај фактот дека неколку десетици луѓе загинаа за време на 10-дневниот конфликт во Словенија.

Тој, исто така, потврди дека било спроведено истражување меѓу војниците во вооружените сили, кое покажало дека постои голема поддршка меѓу војниците од српска националност, да ѝ се приклучат на војската на РС, дека РС може да смета на поддршка од Кина и дека побарал поддршка од Русија во случај Европската Унија да им ја ускрати финансиската помош.

БИРН провери колку наводите на Додик се темелат на факти.

Дали ентитетите можат да ги отфрлат одлуките на високиот претставник?

Средба на Сергеј Лавров и Милорад Додик во Бања Лука 2018. Извор: Министерство за надворешни работи на Русија

Додик изјави дека Народното собрание на Република Српска (НСРС), во следните неколку дена, ќе одлучува за повлекувањето на одобрувањето за реформа на војската, за Високиот судски и обвинителски совет, за фискалниот систем и за други институции.

„Ќе донесеме закони за ништовност и неприменување на законите на БиХ, кои ги има наметнато високиот претставник. На подрачјето на Република Српска, тоа се околу 140 закони, а меѓу нив се законот за Судот, Обвинителството, СИПА, за разузнавачката служба и други, за јавните набавки, бидејќи и тоа ѝ беше одземено на Република Српска“, нагласи Додик.

Според Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши војната, страните потписнички ќе се воздржат од секаква акција со закана или со употреба на сила или на друг начин, против територијалниот интегритет или политичката независност на БиХ.

Со анексот 10 од Дејтонскиот договор, се налага целосна соработка со високиот претставник и неговиот персонал, како и со меѓународните организации и агенции. Дополнително се наведува дека високиот претставник има овластување за конечно толкување на договорот.

Според Уставот на БиХ, кој како анекс 4 е дел од Дејтонскиот мировен договор, ентитетите целосно ќе се придржуваат кон државниот устав.

„Ентитетите и сите нивни административни единици целосно ќе го почитуваат овој Устав, со кој се ставаат надвор од сила законските одредби на Босна и Херцеговина и уставните и законските одредби на ентитетите, кои не се во согласност со него, како и одлуките на институциите на Босна и Херцеговина“, се наведува во Уставот на БиХ.

Кога НСРС во 1999 година ги донесе одлуките за применливост на претходно донесените закони во Парламентот на БиХ, тогашниот висок претставник, Волфганг Петрич, ги поништи, наведувајќи дека ниту Владата на Република Српска, ниту Владата на Федерацијата БиХ, не се надлежни за донесување на каква било одлука, со која можат да ги одбијат или да ги сменат одлуките на Советот на министри на БиХ.

Законите за Обвинителството и за Судот на БиХ, за ОСА и СИПА, како и за јавните набавки, се усвоени во Парламентот на БиХ.

Дали преземањето на касарните во Словенија помина без проблеми?

Додик објави дека работата на Судот на БиХ и на Обвинителството на БиХ, наскоро ќе биде забранета на територијата на Република Српска, откако овој ентитет ќе ја повлече својата согласност за нивна работа. На новинарско прашање, како планира да ги исфрли војската, судиите и обвинителите, тој се осврна на искуството на Словенија од 1991 година.

„Ве упатувам на начинот на кој тоа го сторија Словенците, тие убаво ги блокираа касарните и рекоа дека тие момци кои не им чинат, а таму имаше и Бошњаци, колку што знам, мора да заминат“, им рече Додик на новинарите.

„Никого нема да закачаме, никому нема да недостасува ни влакно, а на крајот на краиштата, верувам дека војниците Бошњаци и Хрвати ќе го разберат тоа“, додаде тој.

Словенија беше првата република која побара излез од Југославија, и тоа не помина мирно. Конфликтот со Југословенската народна армија (ЈНА) траеше десет дена, откако големото мнозинство од електоратот, на референдум одржан во декември 1990 година, гласаше за независна држава.

Според официјалните податоци, ЈНА имаше 44 жртви и 146 ранети во Словенија, а словенечката војска 19 жртви и 182 ранети. Загинаа и 12 странски државјани.

Зошто младите луѓе ја напуштаат Република Српска?

Додик ја обвини Европската унија дека го извлекува работоспособното население во земјите на ЕУ, за што, како што рече, Република Српска, како заедница, издвоила огромна сума пари, образувајќи ги младите луѓе.

„Ние, како заедница, одвоивме многу пари, школувајќи ги тие млади и способни луѓе, кои пораснаа тука, станаа писмени, станаа професионалци“, нагласи Додик.

„Затоа беа потребни професори, беа потребни училишта, беше потребно светло, електрична енергија, компјутери. Бесплатна здравствена заштита мораше да им се обезбеди на сите деца и сето ова го направи РС. И кога ќе пресметаме што ни достави ЕУ и што извлече од нас преку тој индиректен, подмолен начин, тогаш тоа е многу повеќе од она што го добивме од нив“, рече тој.

Демографската слика во РС е далеку од завидна.

Причините за заминување веќе не се само сиромаштијата и невработеноста, и сега се иселуваат образовани и висококвалификувани лица, честопати добростоечки, кои земаат со себе цели семејства, без намера да се вратат, барајќи подобри услови за раст на децата, за нивно образование, квалитет на животот и општа безбедност.

Според една студија создадена од Центарот за изборни студии и фондацијата „Хајнрих Бол“, во 2017 година, проблемот со невработеноста се уште е главната причина за иселување, но и целосниот социоекономски амбиент, здравството, нестабилноста на државата и други проблеми.

Дали мнозинството Срби во вооружените сили сакаат да преминат од државна во ентитетска војска?

Почесната единица на полицијата на РС, на дефилето на 9 јануари во Бања Лука. Фото: БИРН

За време на прес-конференцијата, Додик изјави дека е спроведена анкета меѓу припадниците на вооружените сили на БиХ, според која околу 80 проценти од нив од редовите на српскиот народ се подготвени „откако ќе се донесе закон за војската, да ја напуштат службата и да им се приклучат на новите структури во Република Српска“.

„Од овие 20 проценти, некои не успеавме да ги интервјуираме, некои можеби не сакаат“, рече Додик. Тој не даде повеќе детали за тоа кој и кога го спровел истражувањето.

Реагирајќи на овие тврдења, началникот на Заедничкиот штаб на вооружените сили на БиХ, Сенад Машовиќ, за klix.bа изјави дека официјално не е спроведена никаква анкета.

„Спроведувањетп на таква анкета би било кршење на законот и процедурите“, рече тој.

Дали Република Српска може без финансиска поддршка од ЕУ?

Знаме на ЕУ и БИХ. Извор: Европска комисија

Во следниот период, доколку Европската комисија не ги одобри заемите и деловите од донациите, РС ќе склучи договори со Кина, истакна Додик.

„Во тој поглед, Република Српска нема да остане без инвестиции“, додаде тој.

На новинарско прашање дали побарал од Русија каква било помош, Додик нагласи дека не побарал воена помош.

„Побарав економска, на еден или на друг начин. Воздуша. Сѐ што ќе дојде од Русија, ќе дојде со авион. Потребен ни е санитетски материјал, ни треба ова, ни треба тоа“, рече Додик, пред да почне да се смее.

Според информациите на Министерството за финансии на БиХ за состојбата со јавното задолжување на БиХ на крајот на 2020 година, Република Српска учествува со вкупниот надворешен долг на БиХ од 8,6 милијарди конвертивилни марки со 3,5 милијарди (1,79 милијарди евра).

Европската инвестициска банка (ЕИБ) е најголемиот заемодавател на РС со повеќе од милијарда конвертибили марки (510 милиони евра) заем. Ова претставува речиси една третина од сите заеми за РС. Основач на оваа банка е Европската Унија.

Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) учествуваат заедно со уште една милијарда конвертибилни марки.

Меѓу доверителите на РС има неколку земји од ЕУ, како што се Белгија, Шпанија, Португалија и Полска, како и банки од Германија и Австрија, но и Европската комисија и Европската банка за обнова и развој.

Од вкупниот долг, повеќе од половина доаѓа од земјите на ЕУ.

Според официјалните податоци на Министерството за финансии на БиХ, до крајот на 2020 година, Кина и Русија не биле меѓу доверителите на РС.

Според Централната банка, најзначајни инвеститори во БиХ од мај 1994 до декември 2019 година биле Австрија, Хрватска, Србија, Словенија, Холандија, Русија, Германија, Италија, Велика Британија и Швајцарија.

Според извештајот за странски директни инвестиции, иако претходните години имаше зголемување на инвестициите од Руската Федерација и Блискиот Исток, најважни инвеститори во БиХ останале земјите од Европската Унија.

Само во последните неколку години Кина значително инвестирала во РС, односно обезбедила заеми за проекти, најчесто од инфраструктурата, како што се автопати или електрани за производство на електрична енергија.