Регион

Балканските земји бараат спас од недостигот од струја

Енергетската криза е на повидок, а државите во регионот различно ѝ пристапуваат

Повеќето балкански земји планираат да ја надминат кризата предизвикана од цените на гасот во Европа така што ќе продолжат да се снабдуваат со електрична енергија од термоцентрали на јаглен или да земаат природен гас од Русија.

Иако цените на гасот во Европа нагло скокнаа во последниов период, во повеќето балкански земји, енергетската ситуација е сè уште стабилна.

Некои влади сè уште не се изјасниле јавно за кризата, други рекоа дека ќе продолжат да ги користат традиционалните извори, а трети одлучија да ги замрзнат цените на струјата до пролет.

Досега Албанија е во најлоша ситуација од целиот регион, поради што премиерот Еди Рама најави вонредна состојба на 8 октомври, очекувајќи недостиг од електрична енергија во зимата.

Тој ја предупреди јавноста дека високиот раст на цените на енергенсите на меѓународните пазари ќе ја погоди Албанија.

„Зачудувачкиот раст на цените на гасот и на јагленот на сите меѓународни пазари и силниот тренд на раст на цените на нафтата, придружено со генералниот раст на цените на стоките за широка потрошувачка, сето тоа денес стои наспроти секоја земја како сенка на непријателска армија на хоризонтот, во очекување на многу тешка зима за целиот свет“, рече Рама.

Србија и Северна Македонија ќе се потпрат на јагленот

РЕК Битола ќе работи со полн капацитет | Фото: БИРН

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој многупати изјавил дека Србија нема да ги затвори своите термоцентрали на јаглен иако се голем извор на загадување, во понеделникот рече дека Србија „за среќа имала храброст да направи гасовод со Русија“.

Тој додаде „Ми рекоа дека сум луд бидејќи не сум сакал да ги затворам рудниците за јаглен. Но, не можете да постигнете енергетски баланс со ветерна и со сончева енергија“.

„Кризата е многу поголема отколку што мислите. Цените на градежните материјали растат секаде во Европа. За среќа, ние имавме храброст да направиме гасовод со Русија (Турски поток); ако не го направевме тоа, можев да земам јаже и да се обесам“, рече Вучиќ по средбата со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Србија, главно, го користи гасот за системите за греење во големите градови. Вкупно 85 отсто од гасот доаѓа од увоз, а руски Газпром е најголемиот снабдувач на земјата.

„Кога станува збор за гасот, тоа што е важно за Србија е што имаме долгорочен договор со Газпром и преговори меѓу Србијагас и руската компанија за нов договор, кои траат од 1 јануари“, рече министерката за енергија, Зорана Михајловиќ, во изјава за агенцијата Танјуг минатата недела.

За да ја олесни ситуацијата во пресрет на зимата и на очекуваната поголема потрошувачка на електрична енергија, Северна Македонија, која делумно е зависна од увоз на струја, реши да го засили домашното производство на секој можен начин.

Тоа значи да се увезува и да се ископува повеќе јаглен за термоцентралите во земјата да работат со полн капацитет.

Владата во септември донесе одлука за итен увоз на јаглен.

Компанијата за производство на електрична енергија во државна сопственост, Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), објави дека, исто така, ќе го засили ископувањето јаглен.

Првиот човек на ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека е поисплатливо и посигурно за земјата да увезува повеќе јаглен за домашните електрани да произведуваат струја, што може да донесе повеќе профит за нив отколку да се потпира на увозот на струја, кој може да стане поскап и понесигурен за време на зимата, бидејќи побарувачката расте.

Косово ги замрзнува цените до пролет

Косовскиот јаглен ќе ги грее и соседите | Фото: БИРН

На 8 октомври, косовската регулаторна канцеларија за енергетика, ЕРО, рече дека цените на струјата во Косово нема да се зголемат до 1 април 2022 година, кога се прави редовната годишна ревизија на цената на струјата.

ЕРО ја донесе одлуката за енергетските тарифи за периодот од април 2021 до март 2022 во октомври, а не како што е вообичаено, до крајот на март, бидејќи немаше функционален борд на директори.

ЕРО соопшти дека приходите пораснале поради зголемената побарувачка на струја, што ќе им биде од корист на дистрибутерите и на набавувачите, и покрај непредвидливиот раст на цените на увозот на струја.

Некои земји немаат план

Се очекува привремената влада на Бугарија, до крајот на неделава, да ја соопшти својата стратегија за да спречи понатамошен раст на цените на енергенсите. Деталите засега се непознати.

Уште од летото, повисоките сметки за струја беа жешка тема меѓу стопанствениците, бидејќи нивната струја доаѓа од приватни снабдувачи, за разлика од таа на домаќинствата.

До септември, сметките за електрична енергија за домаќинствата пораснаа за околу пет отсто. Сегашните процени се дека до јануари 2022 година, цените на струјата за бугарските домаќинства ќе порасне за 20 до 30 проценти, во споредба со истото време минатата година.

Тие што користат гас за секојдневните активности може да очекуваат раст на сметките за околу 50 проценти до октомври, во споредба со октомври 2020 година, предупредува телевизијата БТВ во извештај објавен во понеделникот.

Првиот човек на црногорската компанија за електрична енергија, Никола Ровчанин изјави дека сегашната ситуација во Црна Гора е стабилна, и дека во земјата ќе нема рестрикции.

Во Босна и Херцеговина властите во двата ентитета рекоа дека нема да ја зголемат цената на струјата.

Милица Стојановиќ, Синиша Јаков Марушиќ, Фјори Синорука, Џорџина Бами, Светослав Тодоров и Самир Кајошевиќ