Ракопис

„Бела Краина“

Раскази: Улиците што ги нема

 

 

Елиф набрзина го отвори шкафчето за чевли во ходникот за да најде подлабоки обувки, оти надвор истураше. Ненадејниот студ како да ја пресече долгата златна есен со лута сабја: на едната страна се стркала презреаното лето, на друга – нестрпливата зима. Раскрвавените бои на октомври истекоа во сивило. Веќе не се излегуваше надвор во балетанки… Наврапито испопаѓаа едночудо најразлични, неспарени чевли, речиси врз неа. Елиф се штрекна, инстинктивно отстапи наназад, во истиот миг сфаќајќи дека, освен мажот ѝ кој ја напушти пред многу години заради друга постара, дури не ни помлада жена!, и децата кои си заминаа од дома пред помалку, неа којзнае кога ја напуштила и педантноста без воопшто да забележи. И тоа на подмолен, невидлив начин, зашто целата нивна куќа на некогашната улица „Бела Краина“ во Влае, сегашна „Блаже Биринчето“, навидум беше во беспрекорен ред. Сосе фасадата и дворот, терасите, прозорците; сосе дневната соба којашто како прв пат да ѝ влезе в очи со сиот свој впечатлив ред. Во аголот од огледалото Елиф се здогледа и себеси: спастрена средовечна жена во убава облека, умешно нашминкано лице, одлична фризура. Шкафот за чевли сум јас, си помисли и ѝ се стегна грлото. Вратичките му се секогаш бришани-пребришани однадвор, а внатре – буниште.

Го соблече мантилот, го прибра чадорот во бањата и цврсто решена да ги среди сите обувки дома пред да излезе каде било, Елиф енергично истурка сѐ од тоа, ама и од сите други шкафчиња во ходникот. Како да ѝ беше малку целиот тој куп, се вдаде и во спалната и во детските соби, излезе и на терасите и сите чевли и оттаму ги испофрла во ходникот. Купот стана планина, а на врвот од очите прва се искачи една солза која веднаш ѝ се стркала удолу, низ образот. Втренчено гледаше во планината од обувки, не можејќи да им поверува на очите колку години го нема средено ова. Машки, женски, стари, нови, сосем нови, спортски, ниски, чевли со високи потпетици, дневни, вечерни…  

Всушност, воопшто не беше тешко да се среди планината. Првин требаше на еден рид да се стават женските, на друг – машките обувки. Таа и ќерка ѝ носеа ист број – 37, но лесно се разликуваше кои чии се, по стилот; мажот ѝ, бившиот маж, и син ѝ носеа различни броеви – 42 и 43, ама, пак, носеа речиси ист тип обувки. Женскиот рид беше значително повисок од машкиот. Речиси со секој пар чевли што ќе ги издвоеше, и нејзини и на ќерка ѝ, ѝ доодуваа нови спомени. Овие ги носеше на матура,.. со овие одеше на англиски и на пладневно кафе со другарките во Порта Влае. Овие речиси никогаш не ги обу, а се преубави… Сите чевли на ќерка ѝ ги подзабриша со многу љубов и внимателно ги нареди во една голема кутија. Озгора напиша ЃУЛЕР, за да може веднаш да се најде што каде е во подрумот, кога ќе ги нареди кутиите едноврздруго. Чевлите на синот не беа многу, 3-4 заборавени пара, сите – мокасини, без врвци. И нив ги нареди во засебна кутија и напиша ЕРОЛ. Додека со многу измешани чувства ги одделуваше чевлите на мажот ѝ, на бившиот маж, здогледа некој непознат женски чевел сред нив. Не се сеќавам веќе ни на сите чевли што сме ги имале, се прекори, го тргна настрана и продолжи со негуваните раце со дискретен лак на ноктите и префинет накит, истовремено да ги милува и да ги тепа неговите чевли. Неговите прекрасни чевли, неговите проклети прекрасни чевли! Секогаш одбрани со многу вкус, совршени, дури и со идеална должина на врвците, со идентична нијанса на конецот на опшивката  или на ластикот со бојата на кожата. Вистински порој ѝ го понесе срцето кога ги здогледа неговите челзи-чевли од телешки набук. Се сети на вечерта кога ги носеше, кога не стигна ни да ги собуе пред… Се сети на смеата потоа и како му ги собува чевлите клекната на коленици, додека тој седеше на креветот, не одлепувајќи ги очите од неа. Феминистките врска немаат што, всушност, значи фразата „чевлите да му ги собуваш, нозете да му ги миеш“ на мажот што го сакаш,.. прстите да му ги допираш, еден по еден, си надодаваше Елиф и… пред да ги бакне, ги џитна во кутијата. Посака да му удри по една шлаканица на секој чевел одделно. Да се вдлабне и ишара набукот, ни со четкање да не може да се изедначи и измазни! Кога ги спари неговите црни адидас-патики со по три бели ленти на секоја, првин си ја касна долната усна, потоа залипа. Ја затвори неговата кутија и додека со црн маркер испишуваше БИВШИОТ МАЖ, една јадра солза ѝ капна врз вториот збор и го размачка.

Елиф влезе во бањата и долго си го плискаше лицето со студена вода. Се погледна во огледало и ја виде својата остарена љубов како длабока брчка помеѓу веѓите.

– Не го сакам одамна, го заборавив! – рече гласно, излезе и продолжи со работата. Фати еден пар свои вечерни, црни, лачени чевли со високи потпетици и боен, црвен ѓон оздола и лицето првин ѝ завена, а потоа речиси прсна во смеа. Ги беше купила специјално за првиот состанок со својот млад љубовник на којшто и не отиде. Се виде во големите стакла на бензинската пумпа на „Партизанска“ и не можејќи да се препознае себеси, се врати дома. Со тие чевли беше изодела само половина пат до првиот престап. Не беше ни престап, си дообјасни себеси. Веќе бев слободна, напуштена жена. Втората половина ја изоде неколку месеци подоцна, со сосем други чевли. Ги најде и со раката нежно помина по нивниот кафеав велур. За да излезе со некој кој не ѝ значеше ама баш ништо и да го изневери мажот што го нема, ги купи токму нив и ги обу само тaa вечер, иако кај оној што не ѝ значеше ништо отиде уште најмалку десетина пати, ама тогаш веќе не ѝ беше до чевли, туку до нешто сосем друго. Повторно забележа женски чевел на кој не можеше да се сети и го тргна и него на страна… Беше различен од претходниот, не можеа да се спарат. О, имало повеќе пара чевли на кои не можам да се сетам. Потоа ја потпритисна кутијата, да не ѝ се испакнува капакот, и напиша БИВШАТА ЈАС.  

Ги нареди кутиите во подрумот едноврздруго, се качи горе и клекна на коленици за да го избрише шкафот однатре. Најде уште 4 женски чевли. Еден пар и две распар. Сѐ ѝ се состави во истиот миг. Сфати дека со години чувала дури три пара чевли кои… изгледа не се ниту нејзини, ниту на ќерка ѝ! Се уплаши од сопствениот заклучок, скокна ко девојче, мораше да види кој број се. Сите три пара беа 39-ки! Убави женски чевли број 39. Со коктел-височина на потпетиците од  6-7 сантиметри, преедноставни за нејзиниот префинет вкус. Сочувани, не многу носени. Ги земаше еден по еден в раце и ги гледаше како да се фотографии на непозната жена, постара од неа. Потоа уредно ги стави двата пара во чистото шкафче, третиот го обу, го облече мантилот, го зеде чадорот од бањата и излезе. Туѓите чевли ѝ клапаа, ама Елиф засекогаш ги спакува своите. Знаеше дека од тој момент, како и да изгледа во нив, секогаш ќе ги носи чевлите на жената на својот маж. Бившиот маж.