Вести

Белчева: Тие победија

По 30 дена ќе биде сеедно дали мораториумот за градење во Центар ќе се врати

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ретко кој е поразочаран од одлуката на Уставниот суд привремено да го укине мораториумот за градење во Општина Центар од претседателката на општинскиот совет, Јана Белчева Андреевска.

Во нејзината канцеларија сѐ уште стојат постерите „Стоп за мафијашката урбанизација“ од движењето „Здравје пред профит во Центар“, преку кое таа дојде на функцијата, откако оваа граѓанска иницијатива влезе во невообичаена предизборна коалиција со партијата СДСМ, со спогодба дека ако оваа партија победи, ќе се ревидираат деталните урбанистички планови за да се овозможи похумано живеење.

„Граѓаните застанаа зад одлуката за мораториумот. Колку и да изгледаше изненадувачка таа одлука, сепак ја доби поддршката на пошироката јавност. Сакавме да покажеме дека промени се можни и на општинско ниво и дека општината може да се развива според принципи, а не според предаторски интереси. Но, тие победија“, вели Белчева за БИРН.

Иако одлуката на судот со која се укинува мораториумот е привремена и се најавува дека ќе трае 30 дена, според Белчева, тоа е сосема доволно време за да се поднесат голем број барања за градежни дозволи, а потоа би било залудно дури и да се врати забраната за градење.

Зеленото светло за нов бран градење во Центар дојде од Уставниот суд | Фото: БИРН

„Ова е доволен период за сите што чекаат со подготвени папки во рацете. Многу луѓе и досега се труделе да најдат процеп од еден до два дена меѓу две одлуки на советот за продолжување на рокот за ревизија на плановите, за да поднесат барање за одобрение за градба. Така што со 30 дена на располагање ќе биде сеедно дали мораториумот ќе се врати или целосно ќе се укине. Со тоа се нанесува ненадоместлива материјална и нематеријална штета по животната средина, вредноста на имотите на сегашните жители, урбаниот развој и безбедноста“, додава Белчева.

Се чувствува и лично одговорна за неуспехот бидејќи одлучила да стане претседател на Советот на Општина Центар за да ги спроведе ревизиите на плановите. Но, вели дека ќе почека барем до утре за да реши дали ќе се повлече од оваа функција.

„Со стручни анализи докажавме дека плановите не се во согласност со Генералниот урбанистички план и дека не придонесуваат за квалитетен развој, хумани услови за живот, безбедност и здрава животна средина. И таквите планови сега повторно влегуваат во сила“, истакнува таа.

Со укинувањето на мораториумот, меѓу другото, ќе нема пречка да се поднесе барање за да се гради на плацот спроти хотелот „Холидеј ин“, чија приватизација предизвика големи реакции во јавноста. Ќе нема пречки ниту да продолжи градењето во некои од најгусто изградените делови на Општина Центар, како Дебар маало, но и Маџир маало, каде што со анализи се покажа дека со сегашниот ДУП голем дел од жителите воопшто нема да добиваат дневна светлина.

Се враќа во сила и ДУП-от за Маџир маало со кој голем број жители ќе останат без дневна светлина | Фото: БИРН

БИРН, минатата година анализираше на кои сѐ локации во Скопје сѐ уште би можело да се гради иако во градот повеќе од една деценија има градежна експанзија. Освен 60-катниците кај „Холидеј ин“, во деталните планови во Општина Центар има и облакодер од 26 ката кај Европски универзитет, хотел од девет ката на зеленилото пред Олимписки базен, нови згради на Водно, во Капиштец, Буњаковец, Крњево и други места. Општина Центар успеа да ревидира само два урбанистички плана, со што, меѓу другото, беше избришан хотелот кај базенот, кој беше нацртан на државно земјиште.

Уставниот суд ја донесе одлуката по иницијатива на Стопанската комора на Македонија и на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Градежните комори подолго време на јавни настани истакнуваа дека мораториумот во Центар му носи голема штета на градежниот бизнис.

Судот ја донел одлуката со тајно гласање. Но, претходно уставните судии Дарко Костадиновски, Осман Кадриу, Јован Јосифовски и Владимир Стојановски  се залагале судот да се произнесе, а дел од нив и отворено заговарале укинување на мораториумот.

Кадриу рекол дека општината ги пречекорила своите овластувања и дека граѓаните што сакале да градат биле ставени во нерамноправна положба. Костадиновски, пак, истакнал дека не постои институтот мораториум и дека одлуката била самоволие на општината. Тој додал дека „со тешко срце, но со чиста совест“ ја оценил одлуката за мораториум како незаконска, образложувајќи дека ако тоа ѝ биде овозможено на Општина Центар, и другите општини ќе можат да носат слични одлуки „правдајќи се со хуманизација“.

Судиите Елена Гошева, Вангелина Маркудова, Јован Јосифовски и Владимир Стојановски сметале дека судот воопшто не треба да расправа за иницијативата.