Извештај

Без контрола илјадници евра за изборите се слеваат во портали

Државниот завод за ревизија детектира проблеми во изборното медиумско рекламирање

На една година пред редовниот термин за парламентарните избори во 2024, стигнаа наодите на ревизорите за изборните кампањи на партиите од 2021 година.

Нивните заклучоци за финансиските извештаи на политичките партии генерално се позитивни. Партиите вистинито и објективно ги прикажале податоците.

Но, ревизорите бараат промена и доуредување на Изборниот законик. Причините се неколку, а добар дел од нив се за платеното политичко рекламирање на медиумите, особено на порталите, кои, според ДЗР, се сѐ подоминантна платформа за изборната партиска пропаганда.

Тоа впрочем го покажуваат бројките. За парламентарните избори во 2020, порталите добиле нешто над половина милион евра.

А и нивниот број не е мал. За локалните избори, кои се одржаа во 2021, партиите можеа да се рекламираат на дури 186 портали.

Ревизорите констатираат дека нема институција што го следи известувањето на онлајн-медиумите за време на изборната кампања.

Наоѓаат дека една фирма со повеќе портали може да добие неограничен број пати по 15 илјади евра за рекламирање, како и дека од сите профили на медиуми, само за порталите нема предвидено прекршочни одредби ако не достават извештај за изборната пропаганда.

Никој не е надлежен

ДЗР препорачува да се промени Изборниот законик | Фото: БИРН

За разлика од Aгенцијата за медиуми, која ја мери секоја потрошена секунда изборна пропаганда на радијата, телевизијата и весниците, и која при пречекорување на времето има законска обврска да изрекува прекршочни глоби, во државата нема надлежна институција што ќе го следи известувањето на изборното медиумско претставување на интернет-порталите. Ова го напишале ревизорите во нивните извештаи.

Таква надлежност за следење на медиумското претставување на интернет порано постоела. Првин преку Агенцијата за медиуми, а потоа таквата надлежност преминала на Државната изборна комисија.

Но, со законските измени низ годините, оваа надлежност на ДИК ѝ била одземена, а не била определена друга институција за да го следи изборното медиумско претставување на порталите.

ДЗР пишува: „Со измените и дополнувањата на Изборниот законик од февруари 2019 година и февруари 2020 година, сите горенаведени активности што треба да ги спроведува ДИК во однос на надзорот на интернет-порталите се бришат, без определување институција надлежна за следење и надзор на изборното медиумско претставување преку интернет-порталите“.

Икс пати по 15 илјади евра

Извештај на портал за локалните избори во 2021 | Фото-скрин: Веб-страница на ДЗР

Едно од главните укажувања на ревизорите е дека партиите може да се рекламираат речиси на секој портал бидејќи нема пропишано услови што треба да ги имаат исполнето интернет-медиумите за вршење на дејноста.

Нема ниту критериуми и услови за статусот на порталите да нудат рекламирање, како на пример, колкав период работат како фирма, каква е сопственичката структура или самиот формат на медиумот.

Затоа ревизорите сметаат дека е потребно во Изборниот законик да се уредат услови и критериуми што е потребно да ги исполнат онлајн-медиумите за да може да добијат државни пари од реклами.

Сумата што може да се исплати на еден портал и печатен медиум од еден учесник во изборниот процес се максимални 15.000 илјади евра без ДДВ.

Овде ревизорите детектирале уште еден проблем што постои со години. Една фирма со повеќе портали може да добие онолку максимални суми колку што има портали.

БИРН објави дека четири портали на фирмата „Тетова-сот медиа“ во предизборието, во 2021 година објавувале банери само на ДУИ и за услугата од државата, а во име на партијата ја добиле максималната сума од 15.000 евра плус ДДВ, односно фирмата инкасирала вкупно 70.600 евра. Од овие сајтови, само tetovasot.com има импресум, а четирите медиуми често објавуваат идентични содржини.

Затоа потребно е да се пропишат прецизни критериуми за распределба на буџетските средства наменети за платеното политичко рекламирање за порталите.

Ревизорите детектирале и дека не постојат прекршочни глоби за оние портали што нема да поднесат извештај за рекламниот простор што го искористиле партиите во изборната кампања и за парите што се побаруваат, односно се исплаќаат за реклами.

„Прекршочни казни се предвидени само за радиодифузери и за печатени медиуми, а не и за електронските медиуми (електронските портали), кои, исто така, имаат обврска за доставување на наведениот извештај“.

Само копии од банерите на порталите не се доволни

Нема софтвер за партиските банери на порталите | Фото-скрин: Веб-страница на ДИК

За да се докаже дека одредена реклама на политичка партија или коалиција навистина била на порталот, потребно е да се достави примерок (принт скрин) од објавениот банер со јасно видлив и читлив датум на објавата, како и писмени изјави за појавувања на сајтот.

Но, ревизорите велат – само тоа не е доволно.

„Со приложување на примерок (принт скрин) од секој објавен банер и писмените изјави за реализирани импресии не се обезбедува доволен и веродостоен доказ за реално потврдување на периодот на рекламирање и количеството реализирани импресии во дадениот период“.

Oваа резерва на ревизорите тргнува од можноста порталите да го менуваат датумот на објава на банерите.

За ДЗР спорни се и писмените изјави за појавувања на сајтот, бидејќи нема „софтвер кој ќе има техничка можност за собирање на метрички и статистички податоци за активност на банерите“.

Препораката е да се определи надлежна институција, која би воспоставила систем за размена и контрола на податоци за активност на банерите, во кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни.

Освен тоа, ревизорите заклучуваат дека, иако во Изборниот законик е пропишано дека медиумите и нивните поврзани лица не смеат да им даваат донации на партиите, многу тешко е тоа да се препознае во изборната кампања.

А поврзани лица, освен членови на семејството, на пример, се лицата, кои со маркетинг или со друг договор, во тримесечен или во една година остваруваат повеќе од 30 проценти од приходите од рекламирање, телешопинг и спонзорство или, пак, лица што се членови на управниот или надзорниот одбор во радиодифузерот и лицата што се сметаат за поврзани со членовите на управниот или надзорниот одбор.

Ревизорите сметаат и дека во Изборниот законик треба да се уреди начинот на кој донаторите ќе докажат односно потврдат дека не се поврзани лица со радиодифузерите, всниците и порталите при финансирање или давање донации на политичките партии.