Регион

БиХ: Правдата на чекање, поради болест на дел од обвинетите

Судските процеси за воени злосторства во Босна и Херцеговина, во кои се обвинети високо рангирани лица, се одложуваат во недоглед, поради болест на дел од обвинетите

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Но, поради болеста на Ѓуриќ, нивното судење беше одложено.

Недим Салахаревиќ, чиј брат, Един, бил убиен во Власеница, за БИРН вели дека со години ја чека правдата.

„Ова е уште еден удар за жртвите … Ѓуриќ и Краљевиќ беа владетели на животот и смртта во Власеница. Гледав со свои очи, кога го убија мојот брат, Един“, раскажува тој.

„Ова е последна шанса да се направи нешто за жртвите од Власеница. Брзо процесирање е неопходно“, истакнува Салахаревиќ.

„Војниците и полицајците, по наредба на Ѓуриќ и на Краљевиќ, доаѓаа во нашите домови, заплашуваа, убиваа … Судот, со одолговлекување на оваа постапка, само им удоволува на нашите убијци”, нагласува тој.

Од Судот на Босна и Херцеговина, не ни одговорија на прашањето, дали размислуваат за одвојување на случајот против Ѓуриќ, за да може да продолжи судењето на Кралевиќ и на другите двајца обвинети.

Адвокатот на Ѓуриќ, Милош Периќ, смета дека одвојувањето на постапката не е економично. „Сето тоа е прашање на оценка на судот, дали треба да се одвои или не”, вели тој.

„Во случаите каде има повеќе обвинети, не е економично да се раздвојуваат предметите, бидејќи тогаш истите сведоци се повикуваат двапати и двапати се изложуваа истите докази”, истакна Периќ.

Со Периќ не се согласува потпретседателката на Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС) на БиХ, Ружица Јукиќ, која смета дека во вакви случаи, треба да се води сметка за брзото процесирање на воените злосторства.

„Не знам која може да биде причината, рочиштата со месеци да не се одржуваат. Нема потреба да трпи предметот и останатите обвинети“, нагласува таа.

„Бидејќи, ако некој е болен, тој не може да биде болен бесконечно. Ако постојат објективни причини за болеста, со одвојување на предметот, се постигнува економичност“, додава Јукиќ.

„Барем некој да биде осуден, а не предметите да одат во недоглед. Имаме случаи кога обвинетите се постари лица, и сведоците исто. Прашањето е, ако трае во недоглед, ќе го доживеат ли живите крајот на процесот“, прашува Јукиќ.

Злоупотреба на болеста, заради одложување на судењата

Мирослав Краљевиќ. Фото: Суд на БиХ

Слична е ситуацијата и со одложување на судењето во случајот против Атиф Дудаковиќ и 16 други поранешни припадници на Петтиот корпус на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ), кои се товарат за злосторства против човештвото, извршени во општините Босански Петровац, Кључ, Босанска Крупа и Сански Мост, како и за воени злосторства над цивилното население, во општините Бихаќ и Цазин.

Статусната конференција се одржа на почетокот на февруари, а веќе два месеци се чека судењето да почне, поради болест на обвинетиот, Але Хоџиќ.

Адвокатот на Хоџиќ, Изет Баждаревиќ, за БИРН потврди дека минатата недела била донесена одлука за одвојување на предметот, бидејќи неговиот клиент е навистина болен.

Сепак, како што нагласува Баждаревиќ, во некои случаи, болеста на обвинетите се злоупотребува.

„Има злоупотреби на процедурите, кои резултираат со одложување на сослушувањето. Бев судија и знам со што сѐ се служат обвинетите“, истакнува тој.

„Сепак, мора да има сериозно квалитетна документација, зошто некој е болен, и кој тоа го проценил”, додава тој.

„Але Хоџиќ беше на вештачење и од судот ни пристигна решение, дека постапката е одвоена од онаа во која тој првично беше обвинет со Атиф Дудаковиќ и другите”, информира Баждаревиќ.

Адвокатот на Дудаковиќ, Асим Црналиќ, смета дека не може да се даде генерална оценка, дали одвојувањето е вистинска одлука и дека тоа зависи од околностите на случајот.

„Постојат случаи каде што не е умесно да се одвојува случајот, бидејќи некои осомничени се поврзани со другите обвинети, па имате потешкотии врзано за докажувањето”, објаснува тој.

„Од друга страна, ако некои предмети не одвоите, нема да го завршите процесот, па судиите, до последен момент, се надеваат, дека некој, иако е болен, ќе биде способен за судење”, вели Црналиќ.

Слично мислење има и поранешниот долгогодишен судија, а денес адвокат, Владо Адамовиќ. Судот ги проценува околностите и способноста да се следи постапката, без разлика дали е посоодветно таа да се одложи или да се чека на оздравување, тврди Адамовиќ.

„На пример, ако судењето трае четири години, а некој треба да оди на операција, по која опоравувањето ќе трае шест месеци, прашањето е, дали постапката треба да се повтори и доказите повторно да се излагаат. Ова е од случај до случај, нема правила“, наглаува Адамовиќ.

Судење на 76-годишен обвинет, одложено на неодредено време

Борислав Паравац. Фото: БИРН

Во случајот на 76-годишниот воен претседател на кризниот штаб на Добој и повоен член на Претседателството на БиХ, Борислав Паравац, од септември не се сослушани сведоци.

На Паравац му се суди заедно со Андрија Бјелошевиќ, Милан Савиќ и Милан Нинковиќ, за злосторства извршени во Добој.

Паравац бил претседател на кризниот штаб, Бељошевиќ, началник на центарот на службите за безбедност, а Савиќ негов заменик.

Нинковиќ, поради чија болест судењето се одложува, бил член на кризниот штаб, на српската општина Добој.

Адвокатот на Нинковиќ, Бранко Ристиќ, вели дека смета оти судот е коректен, и покрај одложувањата.

„Тие се должни да водат сметка за здравствената состојба на обвинетиот. Никој не може да влијае на протокот на времето. Во некои случаи постои проблем со возраста на обвинетите, но советите се ефикасни до степен до кој можат да бидат ефикасни“, нагласува Ристиќ.

Веќе пет месеци, поради болест на еден од обвинетите, не е одржано судење во случајот на Саво Тепиќ, Душко Максимовиќ, Душко Вујичиќ, Илија Курушиќ и Радојко Кеверовиќ.

Тие се обвинети за учество во затворање, тортура и други нехумани дела,  извршени врз Бошњаците и Хрватите во Котор-Варош.

Според обвинението, Тепиќ бил началник на СЈБ, Вујичиќ, Максимовиќ и Кеверовиќ биле полицајци, додека Курушиќ бил припадник на Војската на Република Српска (ВРС).

Судот на БиХ не одговори на прашањата во врска со можноста за одвојување на овие предмети.

Судењата за воени злосторства пред државниот суд на БиХ, во предметите со повеќе обвинети, траат повеќе од две години, а во некои случаи дури и повеќе од пет години.