Анализи

Брзи прсти на владини седници

Концесии, спогодби, назначувања се усвојуваат во неколку минути

Околу една минута е рекордната брзина со која избраните владините министри усвојуваат предлози, закони или прописи ставени на дневен ред на седниците, покажува анализата на записниците објавени на страната на Владата.

Имено, од записниците од отворените седници, достапни на интернет можеби не може да се реконструира дијалогот на присутните, но темпото на нивната работа сепак може. Повеќето од нив покажуваат дека министрите најблаго кажано исклучително експедитивно ја завршуваат работата.

16 мај 2023 година. Владината седница се одржува со физичко присуство на министрите. Почнува во 12.30 часот, а присутните имаат за разгледување и одлучување 91 точка. Сите се со различна тематика- од доделување ѕвезди на хотели, давање концесии за минерални суровини, па се до гласање на препораки за справување со врсничкото насилство, а во светло на тогашното убиство во училиште во Белград.

Седницата, според владиниот записник, завршува во 14.10. Тоа значи дека за еден час и четириесет минути министрите успеале да разгледаат вкупно 91 точка, или одвоиле во просек по околу една минута за точка.

Некои владини седници траат по пет минути, најчесто оние што се одржуваат онлајн, а некои траат и по два часа, но и тоа не е долго, ако се земе предвид дека на дневен ред се и по стотина точки.

Од Владата за БИРН велат дека тоа е така затоа што подготовките и главните расправи се пред одржувањето на владината седница, односно на комисиските расправи, па дента кога се состанува владата работата оди брзо.

Точките што  одат во процедура минуваат на  генерални колегиуми, комисиски расправи па потоа со заклучоци стигнуваат на владина седница.

Во случај на дополнителна точка, како што на пример се тврди дека било ставено прашањето за спојување на концесиите за рудникот Иловица, од владата објаснуваат дека е можно да се прескокнат процедурите кои деловникот ги предвидува. Ова се прави најчесто ако се работи за временски врзана точка и мора итно да се донесе.

Но и во ваков случај ако некој од министрите има забелешки може да ја врати точката на комисиска расправа и да побара образложение. Ако пак никој нема забелешка, тогаш се гласа и се носи одлука.

Од минута до четири минути во просек

Своевиден рекорд по брзината на завршувањето на седницата држи првиот вицепремиер Артан Груби. Седници со кои тој претседавал траеле одвај пет минути.

Толку траела и 130 седница одржана на 12 февруари годинава на која меѓудругото се разгледувал и „извештајот за извршени преговори и за потпишување на Договор меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Молдавија во областа на образованието, истражувањето и иновациите“. Почнала во 16.40, а завршила во 16.45.

На друга седница пак, одржана на трети февруари имало три точки на дневен ред. Една за разрешувања на функционери и за именувања на функционери, друга за прашања и предлози и трета точка која изгледа како важна за дискусија на владините министри.

Таа точка предвидува разгледување на можноста и насоки за подготовка на документација, за државата да аплицира за грант од Европската унија за изградба на експресен пат кон Бугарија.

Можеби затоа, таа трета точка има и четири потточки. Во нив се задолжуваат со рокови неколку институции меѓу кои Јавното претпријатие за патишта, Министерство за финансии, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за транспорт и врски и други да подготват конкретни документи.

Пред ова, под точката број 2 именувана како прашања и предлози, министрите ги разгледуваат и заклучоците на Комитетот за преговори за склучување Договор за градење на Коридорите 8 и 10Д. И за нив даваат рокови.

Министрите сето ова успеале да го поминат за вкупно десет минути.

Меѓу објавените записници може да се најде и седница која ја водел вицепремиерот Фатмир Битиќи, но според точките на дневен ред, вкупно 99, и таа не траела многу долго – два часа, што значи дека за секоја точка министрите имале по минута и дваесетина секунди.

На таа седница, на пример, се донела предлог-програма за тоа како ќе се делат парите од игри на среќа и забавни игри за финансирање на националните спортски федерации и проекти на Агенцијата за млади и спорт, потоа предлог-програма за изградба и реконструкција на основни и средни училишта или предлог-програмата за лекување ретки болести.

За седниците кои се одржале оваа година недостигаат десетина записници. Повеќето се од оние што ги водел премиерот Димитар Ковачевски.

Од малкуте објавени записници може да се види дека под негова палка седниците траат нешто подолго. Но не многу. Па така на пример за 48 точки се заседавало два часа, или во просек – четири минути по точка.