Одлуката, годинешната Нобелова награда за литература, покрај на полската писателка, Олга Токарчук, да му се додели и на австрискиот писател, Питер Хандке, предизвика лути реакции, поради поддршката што Хандке му ја даваше на режимот на Слободан Милошевиќ.
Амбасадорката на Косово во САД, Влора Читаку, ја оцени одлуката како „апсурдна и срамна“.
Британскиот историчар и писател, Орландо Фиџис, изјави дека е „длабоко шокиран“ што „озлогласен апологет на убиствениот режим на Слободан Милошевиќ“ е добитник на Нобеловата награда за литература.
Нобеловиот комитет соопшти дека на Хандке му е доделена наградата „за влијателно дело, што со јазична генијалност ја истражува периферијата и специфичностите на човековото искуство“.
Тој е автор на многу романи, драми, поетски дела и есеи, работел на филмови и соработувал со режисерот Вим Вендерс, како косценарист на филмот „Небото над Берлин“.
Но, неговите симпатии кон Србија, во воените години, за време на режимот на Милошевиќ, веќе долго предизвикуваат контроверзии.
Во 1997 година, Хандке ја напиша, како што беше оценето, просрпска книга за балканските војни, насловена како „Патување до реките: правда за Србија“, а во март 2006 година, присуствуваше на погребот на Милошевиќ во Пожаревац, при што одржа говор.
„Јас не ја знам вистината, но гледам, слушам, чувствувам, се сеќавам, се прашувам. Затоа сум денеска тука, со Југославија, со Србија и со Слободан Милошевиќ“, изјави тогаш Хандке.
Тој, во 2006 година, одби да ја прими наградата „Хајнрих Хајн“, заради слични реакции на неговите симпатии кон Милошевиќ, а кога во 2014 година му беше доделена награда Ибзен, дојде до протести.
Во 1999 година, Хандке ја врати германската награда за литература „Георг-Бихнер“, во знак на протест затоа што Германија учествуваше во НАТО бомбардирањето на Југославија, што имаше за цел да го натера Милошевиќ да стави крај на воената кампања во Косово.
Како добитници на Нобеловата награда, Хандке и Токарчук ќе добијат околу 830.000 евра и медали.
Токарчук, позната полска писателка и политички активист, но и критичар на десничарската влада во нејзината земја, стана 15-тата жена добитник на Нобеловата награда.