Регион

Хрватската Влада со воена симболика сака да ги привлече десничарите

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Зошто владејачката ХДЗ, која од овие 28 ја водеше државата 20 години, чекаше толку долго да го прогласи Денот на сеќавање на жртвата на Вуковар, де факто датум на национална неволја, за државен празник?

Причината е едноставна. Ваквиот потег служи за предизвикување на емотивност кај десничарите, во и надвор од ХДЗ, пред неколкуте избори што ќе се одржат во наредната година – претседателските избори, општите и внатрепартиските во ХДЗ.

За да се заштити од растечките напади на десничарските сили, поради формирањето на коалиција со политичките претставници на хрватските Срби и со либералите, ХДЗ го извлекува својот ас од ракавот – страдањето на Вуковар.

Идејата за нов датум за одбележување на сеќавањето, доаѓа од работна група, која работеше на новиот закон за Вуковар, со кој овој град ќе биде прогласен за „место на специјален пиетет“, идеја промовирана од организациите на бранители, кои во 2013 година се спротивставија на поставувањето табли со натписи на латиници и на кирилица, на јавните установи во овој град.

Сега, шест години подоцна, некои од овие организации на бранители и нивните семејства, се дел од работната група која бара Денот на сеќавање на жртвата на Вуковар, да се прогласи за државен празник, процес разработен зад затворени врати од страна на министерот на бранителите, Томо Медвед, кого честопати го сметаат за еден од поконзервативните членови на Владата.

Најавата доаѓа само два месеци пред претседателските избори, на кои кандидат за претседател на ХДЗ, е актуелната претседателка,  Колинда Грабар-Китаровиќ, околу седум или осум месеци пред внатрепартиските избори и 11 месеци пред општите избори.

Покрај тоа што ги мобилизира десничарските гласачи и со тоа му помага на ХДЗ на патот кон победата на изборите, овој потег служи и да им се зададе ‘шах-мат’ на десничарските опоненти, во и надвор од партијата.

Десницата нема да може да го отфрли ваквиот предлог, бидејќи Вуковар е неприкосновен симбол на националната жртва.

Историски преседани

Комеморација во Вуковар, во ноември 2015 година. Фото: Свен Милекиќ

Не е невообичаено ХДЗ да ја користи војната во 1990-тите, во краткорочните изборни препукувања.

Ќе потсетиме на 2011 година, кога еден месец пред општите избори, ХДЗ се соочуваше со историски пораз, како последица на големите корупциски скандали. ХДЗ тогаш предложи закон со кој ќе се стопраат обвиненијата и пресудите донесени од телата на ЈНА, против хрватските војници и команданти, за време на војната во 1990-тите.

Иако опозицијата го бојкотираше гласањето, ХДЗ успеа да обезбеди кворум и законот беше изгласан. Сепак, законот се покажа како безначаен, бидејќи тој не може законски да ги заштити хрватските граѓани од ваквите обвиненија.

Потоа, во 2010 година, следуваше друг инцидент, откако ХДЗ и опозицијата со месеци преговараа за уставните измени потребни за успешно затворање на преговорите за пристапување на Хрватска во ЕУ. На денот кога требаше да се донесат уставните амандмани, за кои беше постигнат мултилатерален договор, ХДЗ соопшти дека инсистира на мали измени во преамбулата на уставот или целиот договор ќе пропадне.

Имено, повикувајќи се на барањата на непозната организација на бранители, ХДЗ сакаше во дел од преамбулата, во кој се вели дека темелите на хрватската држава лежат на „победата на хрватскиот народ во Татковината војна, 1991-1995“, да се изврши измена и тој дел да гласи дека темелите на државата лежат на „победата на хрватскиот народ и хрватските бранители во праведната, легитимна, одбранбена и ослободителна Татковинска војна“.

Лидерот на опозицијата, Зоран Милановиќ, призна дека е политички невозможно да се спротивстави на предлогот, додавајќи дека не е фер што ХДЗ сакал да го истурка во последен момент.

ХДЗ, и за време на војната, и по нејзиното завршување, се обидува од неа да направи политички капитал.

Имено, во 1995 година, не помина ниту еден месец од воената операција на хрватската војска „Бура“, со која беше вратен голем дел од територијата на Хрватска, што претходно ја беа окупирале српските бунтовници, а ХДЗ веќе повика на предвремени избори, како би ја искористил еуфоријата и би ги зел заслугите за воениот успех.

Две години претходно, во 1993 година, хрватските сили, во текот на операцијата Масленица, поврати дел од територијата во заднината на Далмација, а ХДЗ тоа веднаш го искористи за кампања.

Сето ова покажува дека ХДЗ, во време на неволја или претстојни избори, секогаш се враќа на својата митологиска и самопрогласена улога во создавањето на независна Хрватска, кога сака да ја надмудри опозицијата во и надвор од партијата.

Свен Милекиќ е докторант на Универзитетот Мајнот, финансиран од ирскиот истражувачки совет во рамките на постдипломската програма на Владата на Ирска.

Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.