Ален Зекиров, некогашниот телохранител на ексдиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков го доби судскиот спор против Министерството за внатрешни работи за неговиот отказ.
Граѓанскиот суд пресече, а Скопска апелација потврди дека отказот што го добил во 2018 година бил незаконски.
Според пресудата, на Зекиров со потпис на поранешниот министер Оливер Спасовски му бил откажан договорот за вработување во 2018 година. Причината за отказот од МВР е што сторил потешка дисциплинска повреда со учество во собраниските настани од 27 април 2017.
„Влегол со толпа граѓани во Собранието на РСМ и не презел дејствија со цел на заштита на животот на полициските службеници, граѓаните и имотот, спротивно на член 13 од Законот за полиција“, пишува во пресудата.
Зекиров бил упорен во докажувањето дека отказот му е незаконски. Првин се обидел преку Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос да го поништи отказот и предметот повторно се нашол пред дисциплинската комисија. Таа повторно го потврдила отказот.
Незадоволен од ваквата одлука на МВР, тој во 2020 поднел тужба против решението на МВР. Граѓанскиот суд пресудил дека Зекиров е во право, а апелациските судиите лани во февруари ја потврдиле пресудата.
Судиите пресудиле дека не само што Зекиров незаконски добил отказ, туку дека има право да се врати на работа, а државата требало да му исплати 99 илјади денари за трошоци за водење на постапката.
На 15 октомври на Зекиров му биле исплатени нешто над 51 илјада евра како надомест на штета поради неисплатени плати и придонеси за време на престанокот на работниот однос.
Oд МВР за БИРН велат дека е „донесена пресуда со која се задолжува министерството на именуваниот да му ги исплати платите и придонесите за време додека траел престанокот на работниот однос“.
Зекиров му беше телохранител на Мијалков од 2006 до 2012 година.
Тој беше основач и сопственик на фирмата за маркетинг „Аналитико“, која непосредно по парламентарните избори во 2006 склучи спорен договор за маркетинг услуги и дистрибуција на сим картички со „Телеком“. Во неа беа вработени најблиските луѓе на Никола Груевски.
Поранешниот телохранител на Мијалков, беше правосилно осуден на шестмесечна затворска казна поради тоа што усмрти пешак.