Анализи

Државните пари за избори намамија рекорден број портали

Има од групации со повеќе сајтови до портали за слатки и солени рецепти

Групации со повеќе портали во обид да си ги зголемат можностите за заработка, сајтови со непознато сопствеништво или без наведен импресум, портали формирани неодамна, како и сајтови што не објавуваат дневни и политички информации – сето ова може да се најде на списокот од 249 онлајн-медиуми што се пријавиле во Државната изборна комисија за да земаат државни пари за партиски реклами, за време на кампањата за претседателските и за парламентарните избори.

Ова е рекорден број досега. За локалните избори во 2021 година се пријавија 176 портали, а за парламентарните во 2020 имаше 235 пријави.

Пријавувањето не значи дека сите ќе добијат пари. Ако името на порталот се најде на регистарот на ДИК, тој само се стекнува со правото и со можноста да им понуди на партиите и на кандидатите да објавуваат предизборни реклами на неговите страници. Учесниците на изборите ќе може да одлучат на некои портали да пласираат реклами, а на други не. Доказите за објавените реклами на крајот се носат во изборната комисија, која ги исплаќа медиумите од државниот буџет.

За колку пари станува збор? Од вкупната сума што Државната изборна комисија пресмета дека ќе биде потребна за предизборното рекламирање во двете паралелни кампањи – 10,6 милиони евра, околу 25 отсто, или максимум 2,7 милиони евра ќе може да се распределат меѓу овие портали и 11-те печатени медиуми.

Еден портал, од еден учесник на изборите може да добие реклами во вредност од најмногу 15.000. Но, ако една фирма има повеќе портали, може да земе по толку пари за секој од нив, како што и се случуваше во минатите изборни циклуси.

Преостанатите 75 отсто од сумата што ја пресмета ДИК ќе се исплаќаат за рекламирање на 37-те телевизии и на 35-те радија што се пријавиле во регистарот за платено политичко рекламирање.

Регулацијата изостана

Број и тип на портали пријавени за предизборни реклами во 2024

Портали што не ги исполнуваат професионалните стандарди повторно се најдоа во регистарот | Илустрација: БИРН

Порталската сцена привлекуваше најголем број учесници уште откога почна плаќањето на предизборните реклами од државниот буџет, за претседателските избори во 2019 година. Пристапната технологија и релативно лесната можност да се создаде онлајн-медиум, односно да се регистрира домејн и да се објавуваат вести, како и отсуството на прецизни критериуми која интернет-страница може да се нарече медиум, во изминатите изборни циклуси овозможија разни портали без познат сопственик, без наведена редакција и без други карактеристики што се елементарни за професионалното медиумско работење да се пријавуваат во регистарот, а некои од нив дури и да добиваат пари.

Обидите за построга регулација на ова поле не успеаја, бидејќи измените на Изборниот законик што ги подготвуваше Министерството за правда со работни групи не се усвоија во Собранието.

Ако пратениците ги изгласаа предложените измени, право да објавуваат партиски реклами за државни пари ќе имаа само портали што активно работат најмалку една година пред распишувањето на изборите, регистрирани се со мк домејн и имаат јавно објавени податоци за редакцијата, финансирањето и за сопственичката структура. Се предлагаа и други ограничувања, како на пример една компанија да може да се пријави со најмногу еден портал, а една партија да може да закупи најмногу 40 отсто од рекламниот простор што тој онлајн-медиум го определил.

Откако изостана регулацијата, на списокот што го објави ДИК повторно имаме 21 портал, чие сопствеништво не може да се провери (регистрирани се со ком, тв, инфо или со други домејни), дури 79 без објавен импресум (една третина од вкупниот број) и 15 формирани во последните 12 месеци (некои во 2024 година).

Една фирма пријавила девет портали

Портали за избори 2024

За рекламите се пријавиле и сајтови за рецепти, здравствени совети, земјоделство и други | Илустрација: БИРН

Дел од пријавените онлајн-медиуми за изборни реклами не се класични информативни портали што објавуваат дневни и политички вести. Има забавни магазини, портали за мода, спортски медиуми, дури и сајтови за здравствени совети и за слатки и солени рецепти. Сите тие ДИК ги прифатил како можни објавувачи на предизборни огласи.

Од другите куриозитети, има најмалку еден сајт, кој, иако е влезен на списокот на ДИК, не е регистриран според податоците на Марнет, а барем три, иако се регистрирани, не работат.

Појавата на групации – луѓе и фирми што пријавуваат по повеќе од еден портал се повторува и во овој изборен циклус. Најмалку 20 фирми се регистрирале со по два или повеќе портали. Рекордер е една скопска фирма со девет портали, две има со по шест, а една со пет различни сајтови. Има и сопственици што преку две или три различни свои фирми регистрирале по еден портал. Некои, пак, различните јазични верзии на својот портал (македонски, албански, англиски) ги пријавиле како различни сајтови, за сите да може да добиваат пари во рамките на лимитот од 15 илјади евра.

Телевизиите, радијата и весниците, исто така, ги пријавиле своите онлајн-изданија за објавување предизборни реклами, што значи дека ќе може да земаат пари од две места – и од буџетите за радиодифузери и издавачи, и од касата за онлајн-рекламирање.

Нова шанса за повторување на старите проблеми

Локални избори 2021 реклами

На локалните избори се даваа пари за реклами и на партиски активисти | Илустрација: БИРН

Имињата на сите портали и други медиуми можат да се најдат на интернетстраницата на Државната изборна комисија. БИРН не ги објавува бидејќи сè уште никој не зел пари. Целта на оваа анализа е да се покаже како функционира системот на предизборно рекламирање со државни пари, какви аномалии има и какви злоупотреби може да се случат. По изборите, кога ќе се објават податоците за исплатите, ќе може да се види дали, кој и колку ги искористил аномалиите во своја полза.

Искуствата од изминатите изборни циклуси покажуваат дека кога можноста за манипулации е отворена, таа обично се користи. Имаше примери каде што една партија на една фирма со регистрирани четири портали ѝ ја исплатила максималната сума за секој од нив, односно вкупно 60 илјади евра.

Порталската сцена е и место каде што има најмногу еднострано рекламирање, покажаа анализите на БИРН на конечните извештаи за поранешните изборни циклуси. Во 2021 година, на пример, од 111 портали што објавиле реклами и добиле пари, вкупно 57 имале само по еден огласувач.

Исто така, анализите на поранешните изборни циклуси открија дека во онлајн-просторот, врските меѓу сопствениците на портали и политичките партии што огласуваат кај нив се најочигледни. И за овој изборен циклус се пријавени портали во сопственост на членови или на активисти на партии, а порано тие добиваа и пари.

Во 2021 година имаше и примери со портали што откако завршија изборите и ги наплатија парите за објавување реклами од државниот буџет, се затворија или престанаа да објавуваат вести. Барем еден од нив, иако сè уште не се реактивирал, е повторно пријавен на сегашниот список на ДИК.