Регион

Европската ултрадесница има лек за Ковид-19 – национализмот

Екстремната десница во Европа ja користи ситуацијата со Ковид-19 за да ја докаже бесмисленоста на отворените граници и на слободното движење.

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Додека светот учи од пандемијата на Ковид-19 и замислува сосема друга иднина, десничарскиот јутјубер Angry Foreigner од Шведска вели дека една работа е веќе јасна: „Не постои такво нешто како што е солидарноста на ЕУ“.

Читајќи ги коментарите на видеата што ги поставил, со него се согласуваат повеќето од неговите, речиси четвртина милион следбеници.

И додека полека се олеснуваат мерките за самоизолација воведени со цел да се спречи ширењето на новиот корона вирус, Европа, како и поголемиот дел од светот, се соочува со имплозија на економијата, за која некои предвидуваат дека ќе ја надмине и Големата депресија од пред речиси еден век.

На сето ова  ултрадесничарските сили на овој континент мислат дека го имаат лекот – а тоа е уште повеќе национализам.

Отсуството на паневропски одговор на пандемијата – при што најтешко погодените земји, како што се Италија и Шпанија, беа оставени самите да го водат најтешкиот дел од борбата – послужи само за зајакнување на една од клучните пораки на ултрадесницата, а тоа е дека во тешки ситуации, секоја земја е оставена сама на себе.

„Франција украде маски од Шведска, а Италија беше бесна затоа што ниту една друга земја не ѝ помогна во кризата“, вели за БИРН, Angry Foreigner, чие вистинско име е Харис. „Европската унија одби да им помогне на земјите, како што е Србија, и наместо тоа, помошта дојде од Турција“.

Ковид-19, нагласува тој, ги откри „недостатоците на глобализмот во моментов, во смисла дека, со оглед на тоа што сите се поврзани, тоа би значело и  дека сите се премногу зависни едни од други“.

Харис, кој одби да го открие своето презиме, не зборува напразно. Некои од неговите видеа имаат стотици илјади прегледи, а неговите мислења ги споделуваат екстремно десничарски личности и движења низ цела Европа.

Експертите предупредуваат дека постои закана ваквите мислења да станат преовладувачки, бидејќи Европејците се обидуваат да се справат во општествата и економиите изменети поради вирусот, кој најверојатно нема да биде победен наскоро.

„Веќе видовме различни обиди на радикалната десница да го искористи (Ковид-19) за свои цели“, вели Метју Фелдман, професор на британскиот универзитет „Тисајд“ и директор на Центарот за анализа на радикалната десница.

Фелдман предупредува дека екстремната десница ќе се обиде да ја искористи пандемијата за да протурка ксенофобични пораки во доминантниот политички дискурс, надевајќи се дека тие ќе бидат усвоени од повеќе афирмирани политички актери.

„Ова е практика на фашизмот уште од 1945 година, која често се сведува на обид за вовлекување во мејнстримот преку јавните прашања“, нагласува тој за БИРН.

Проклетството на „отворените граници“

Мигранѕи во обид да ја минат македонско-грчката граница 21 август 2015. Фото Роберт Атанасовски

Со залижана мохиканска фризура и брадичка, Харис, со своите видеа на англиски и на шведски јазик, во кои говори против имиграцијата и „отворените граници“, си изгради име на јутјуб-сцената. Едно од тие видеа поставено во 2019 година носеше наслов „Отворените граници ја шират болеста“, што е популарен слоган на крајната десница.

„Имате глас на разумот“, e коментарот на еден од неговите следбеници, под видеото поставено во март 2020 година, во кое Харис ја обвини Турција дека сака да предизвика нова мигрантска криза во Европа. Друг напиша: „Интересно е што еден јутјубер објавува повеќе фактички информации од мејнстрим-медиумите“.

Иронично е што Харис и самиот е имигрант, кој ја напуштил родната Босна и Херцеговина во 1990-тите, како бегалец, за време на крвавиот распад на Југославија.

Харис преферира себеси да се опишува како „лев либертаријанец“ наместо како десничар, а поврзан е со Шведски демократи, популистичка партија со корени во шведската неонацистичка сцена од 1990-тите.

Но, тој гледа и надвор од Шведска. Така, видео на кое се прикажани големи групи бегалци, кои ги преминуваат европските граници, изработено во 2017 година од Министерство за внатрешни работи на Полска, под раководство на владејачката десничарска Партија на законот и правдата, кое беше објавено на Јутјуб за ограничен број гледачи, што значи дека нема да се појавува како препорачано видео при пребарувањата, Харис го сподели на својот канал наречен „Based Poland“.

Таквиот назив не е случаен, изразот „Based“ е термин, кој широко се користи во ултрадесничарските медиуми, како „Дејли Стормер“ и на форумите како „8chan“, кога се зборува за некоја држава или личност, која се смета достојна за поддршка.

Терминот е преземен од американскиот рапер познат како Лил Б, кој вели дека терминот „Based“ значи: „Да не се плашиш од она што луѓето го мислат за тебе. Да не се плашиш да го правиш она што го сакаш“.

Во светот на крајната десница, држава за која се вели дека е „Based“, е онаа што е отворено горда на своето етничко, религиско и национално потекло и, што е од суштинска важност, не се плаши да оди против тоа што екстремната десница го смета за западен либерален поредок.

BasedPoland е и име на популарен ултрадесничарски профил на Твитер, со над 121.000 следбеници, кој го води Адам Старзински, Полјак, роден и израснат во Шведска, кој денес живее во Полска и од 2016 година има полско државјанство.

Додека Ковид-19 се ширеше низ Европа, на твитер-профилот BasedPoland беа поставувани видеа што ги прикажуваат малцинствата во негативно светло, како на пример, видеа во кои се обвинуваат муслиманските мигранти и ромската заедница дека не се придржуваат кон мерките за физичка дистанца.

Тој, исто така, се обиде да ги претстави земјите од источна Европа, како што се Полска и Унгарија, како земји што се во подобра позиција кога станува збор за справувањето со пандемијата, благодарение на нивните десничарски антиимигрантски политики.

Така, Старзински во својот твит од април 2020 година наведува дека во западноевропските земји, како што е Франција, мултикултурализмот ја загрозил „социјалната кохезија“. Општествата што се повеќе моноетнички и хомогени, како оние во Полска и во Унгарија, во справувањето со таквата пандемија имаат подобра позиција, напиша тој.

Старзински не одговори на бројните барања да даде коментар за овој текст. Но, тој не е единствената ултрадесничарска фигура во Полска, која нуди вакви аргументи.

Списанието „Штурм“, кое себеси се оценува како „национално радикално“, тврди дека решението за оваа криза е „етничката униформност“.

Во текст објавен во март на веб-страницата на „Штурм“, соработникот на списанието, Јарослав Острогниев, тврди дека она што на Европа ѝ треба во борбата против пандемијата на Ковид-19, е „враќање во етнички униформирани национални држави“.

„Етничката униформност обезбедува повисоко ниво на социјална доверба, како и пофункционално општество, што станува особено важно во справувањето со секоја криза“, напиша тој.

Матеуш Марзох, лидер на Сеполската младина (Młodzież Wsachedpolska), која се опишува себеси како „националистичка“ младинска организација и наследничка на ултранационалистичките групи активни во Полска во 1930-тите, истакнува дека пандемијата ја демаскирала Европската унија, како „унија“ поништена од иницијалното национално натрупување на медицински производи и од одбивањето на богатите северни земји, како Германија и Холандија, да ги разгледаат „корона обврзниците“ за да го споделат товарот на долгот на потешко погодените земји, како што е Италија.

„Разочарувањето во Европската унија и во глобализацијата ќе се зголемат по Ковид-19“, вели тој за БИРН.

„Мислам дека луѓето ќе сфатат дека Европската унија не им треба“, нагласува Марзох. „Она што им треба е силна национална влада, силна земја што може да ги заштити кога доаѓа опасност, кога нешто им се заканува“.

„Мислам дека по оваа ситуација со Ковид-19, многу земји ќе почнат да се грижат повеќе за сопствената безбедност, сопствените околности, а не за проблемите на другите земји“.

Влијание врз политичката култура

Со повеќе од 120.000 животи изгубени досега во Европа, континентот живее нов вид нормалност, во која строго се контролираат некогашните флуидни граници, во која малцинствата, како бегалците и Ромите, се соочуваат со уште поголема стигматизација, во која земјите помалку соработуваат, а одговорите ги бараат внатре, во рамките на своите граници.

Критиката за очигледниот недостиг од солидарност меѓу земјите-членки на ЕУ ги надмина и самите граници на унијата, во земјите кои се надеваат на идно пристапување во неа.

Во Србија, земја-кандидат за членство во ЕУ, конзервативниот претседател  Александар Вучиќ ја искористи одлуката на ЕУ од март оваа година да го блокира извозот на клучна медицинска опрема во земјите на периферијата на унијата, како доказ за недостигот од грижа, поставувајќи, притоа, црвен тепих за помошта и поддршката од Кина.

Иако можеби ова не може директно да се „почувствува во гласачките кутии“, аналитичарите велат дека пораката за „поголем национализам“ може да прерасне во влијание во рамките на политичкиот мејнстрим, како што тоа можеше да се види во Италија

„Кризата предизвикана од епидемијата на корона вирусот, уште еднаш покажа дека ЕУ не може да функционира и дека вредностите врз кои таа се базира, не постојат во практика“, вели, Драгана Трифковиќ, претседателка на Комитетот за надворешни работи на ултрадесничарската опозициска партија Двери.

Двери, жестока антизападна проруска партија, верува дека пандемијата ја докажува мудроста на нејзината политика против евентуалното членство на Србија во ЕУ.

„Во последниве години, кризите во ЕУ фаќаат чекор една со друга, од економската, политичката, мигрантската, па сега и епидемиолошката, а европските институции не можат да најдат решение“, нагласува Трифковиќ за БИРН.

„Излезе дека нема заедничка политика, само растечки јаз меѓу европските земји“, додава таа.

Но, додека Двери, како резултат на пандемијата, може да се надева на зголемена поддршка, многу ултрадесничарски партии, според листата на популарност во земјите како што се Германија, Холандија и Шведска, потонаа откако Ковид-19 почна да циркулира во Европа.

Иако можеби ова не може директно да се „почувствува во гласачките кутии“, аналитичарите велат дека пораката за „поголем национализам“ може да прерасне во влијание во рамките на политичкиот мејнстрим, како што тоа можеше да се види во Италија.

Со повеќе од 30.000 смртни случаи поврзани со корона вирусот до денес, Италија е најтешко погодената земја во ЕУ.

Неофашистичкото движење Каза паунд Италија (CasaPound Italia) работи напорно на промовирање на сопствениот бренд на национализам, како лек за болеста во оваа земја, од онлајн и печатена пропаганда, до испорака на намирници во вреќички со логото на Каза паунд.

Но, нивните напори сè уште не резултирале со пораст на популарноста, вели политикологот Џорџија Були, професорка на Универзитетот во Фиренца и коавтор на студијата Каза паунд Италија: Современи екстремно десничарски политики, објавена во февруари 2020 година.

Самопрогласените „фашисти на третиот милениум“ сè уште немаат добиено забележително зголемување на поддршката, откако на почетокот на оваа година пандемијата ја погоди Италија, вели Були за БИРН, што не значи дека треба да се отфрлат напорите на Каза паунд и ним слични организации низ цела Европа.

Демонстрациите на движењето, со кои тоа го привлекува вниманието кон себе, како и широко распространетата мобилизација, го донесоа на насловните страници во италијанските медиуми, а се зборува и за постпандемиска средба меѓу умовите од Каза паунд и сличните на нив од националистичката Лего Норд на поранешниот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, или од националната конзервативна партија,  Фратели Д’Италија, во изолираната Италија скептична кон ЕУ.

„Тие имаа поголемо влијание врз политичката култура отколку врз донесувањето на политиките“, вели Були.

Како што официјалниот весник на партијата „Ил Примато Национале“ објави во март: „Ако вирусот е глобален, реалност е дека сите одговори беа национални“.

Michael Colborne and Una Hajdari