Регион

Фикрет Абдиќ резибран за градоначалник

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Фикрет Абдиќ. Фото: Н1 ТВ.

Прелиминарните резултати од локалните избори одржани вчера во БиХ, покажуваат дека гласачите во општина Велика Кладуша, повторно го избраа воениот злосторник, Фикрет Абдиќ, за свој градоначалник, додека обвинетиот за воени злосторства, Мирослав Краљевиќ, е реизбран за градоначалник на Власеница.

Абдиќ (81), кој помина десет години во затвор, откако во Хрватска беше осуден за воени злосторства извршени над Бошњаци, беше ослободен од затвор во 2012 година, а во 2016 година за прв пат беше избран за градоначалник.

За време на војната, тој стана противник на Владата во Сараево и ја формираше Автономната покраина Западна Босна, АПЗБ.

Додека беше на нејзино чело, Абдиќ се бореше против Бошњаците лојални на власта во Сараево и соработуваше со српските и хрватските сили.  Во АПЗБ беа формирани неколку логори во кои бea извршени воени злосторства врз притворени припадници на босанската армија.

Пред војната, Абдиќ беше директор на фирмата Агрокомерц, со седиште во Велика Кладуша, која вработуваше 13.000 лица и беше една од најуспешните земјоделски компании во поранешна Југославија. Поради успехот во бизнисот, Абдиќ уживаше силна локална поддршка.

Во јуни годинава, Абдиќ, како градоначалник на Велика Кладуша, заедно со неговите соработници, беше уапсен поради сомнение за злоупотреба на службената положба и за корупција.

Мирослав Краљевиќ, член на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), беше реизбран за градоначалник на Власеница, иако му се суди за наводни воени злосторства.

Краљевиќ е обвинет за прогон на бошњачките цивили преку незаконско притворање, убиства, сексуално злоставување, тортура, исчезнувања и други нехумани дела.

Неговите наводни злосторства биле извршени во текот на 1992 и 1993 година, кога тој бил командир на специјалниот полициски вод во Власеница.

Краљевиќ, во 2013 година, беше осуден за киднапирање на советник на друга партија, кого го држеше во заробеништво во Србија 12 дена. Тој беше казнет со 2.000 евра.

На осудените воени злосторници во БиХ не им е забрането да се кандидираат за јавни функции.