Вести

Фирма од надзорот на „Бехтел и Енка“ води до истрага за „Скопје 2014“

Ексуправителот на „Евро консалтинг“ осомничен во истрага за барокната фасада на Владата

Додека Ерменија активно го бара едниот од сопствениците на „Евро консалтинг“, фирмата што треба да прави надзор над коридорите 8 и 10 д, поранешниот управител на истата фирма, Марјан Иванов во Македонија веќе една година има обврска да се пријавува во Кривичниот суд еднаш неделно, како осомничен во истрага за барокната фасада на Владата.

Претходно БИРН откри дека сопственикот на фирмата која е дел од конзорциумот за надзор на изградба на коридорите 8 и 10 д, Евро консалтинг, Бранислав Димитријевиќ Ерменија го бара поради измама од голем обем при изградбата на коридорот Север – југ направена кога тој бил тим лидер на конзорциумот за надзор „Савеж – Ептиса“ .

Тоа практично значи дека и за газдата на „Евро консалтинг“, Бранислав Димитријевиќ и за поранешниот управител на оваа фирма, Марјан Иванов, се водат две кривични постапки, во две држави. За Димитријевиќ во Ерменија, за Иванов во Македонија.

„Евро консалтинг“, заедно со домашната „Електра Солушн“ и шпанската „Ептиса“ се дел од конзорциумот на италијанската ИРД кој го доби тендерот за надзор на автопатиштата што ќе ги гради „Бехтел и Енка“.

Одземен пасош и еднаш неделно јавување во судот

Фасадата на Владата | Фото: БИРН

Беше април 2022 кога во медиумите одекна веста дека Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори предмет за фасадата на владината зграда, која е дел од проектот Скопје 2014.

Обвинителството тогаш осомничи четворица. Управителот на фирмата Бауер БГ, ексдиректорот на Службата за општи и заеднички работи во Владата, управителот на фирмата за стручен надзор „Евро консалтинг“ и главниот надзорен инженер.

Сопственикот на Бауер БГ е осомничен дека ја изиграл тендерската постапка и доставил доказ дека фирмата ги исполнува условите. Останатите тројца, пак, се осомничени дека ја злоупотребиле службената положба и овластување.

Иванов како управител на „Евро консалтинг“ и главниот надзорен инженер се осомничени дека иако биле задолжени да прават стручен надзор над тоа дали се користат соодветни материјали при лепењето на „фасадата“, потврдувале дека сѐ е во ред, иако при изработката биле користени други материјали.

„Ги прифаќале и одобрувале времените ситуации од изведувачот на работите во кои било наведено дека декоративните фасадни елементи се изведени од 96% минерален рециклиран дуван гранулат од силикатни шупливи микрозрна“, соопштија тогаш од Обвинителството.

Оттаму за БИРН потврдија дека побарале, а судот одобрил на тогашниот управител на „Евро консалтинг“ Марјан Иванов и на четвртоосомничената, да им бидат одземени пасошите, и да се јавуваат еднаш неделно во судот.

„Мерките се определени кон физичките лица кои во време на инкриминираните дејствија имале својство на одговорни лица – управител на правно лице што го вршело надзорот и главен надзорен инженер“, велат од Обвинителството. Потврдуваат дека тие мерки се сѐ уште активни.

Тоа се случило лани на 8 април. 13 дена подоцна, Марјан Иванов, излегол од сопствеништво на „Евро консалтинг“.

Фирмата работела на вкупно 11 објекти од проектот „Скопје 2014“, за што самите се пофалија на нивната веб-страница. Меѓу нив, работеле на фасадата на зградата на МЕПСО, на зградата на МНР, фасадата на Министерството за транспорт и врски.

Откако лани падна дел од фасадата, таа е оставена непоправена.