Стотина граѓани со нивните „шепасти пријатели“ како и претставници на граѓански организации се собраа вчера попладне на „Илинденска“ број 2, пред Владата за да протестираат против убиството на бездомни кучиња и за системско решавање на проблемот со неодговорните сопственици.
Друштво им правеа и неколку бездомни кучиња, кои добија по некое зрно сува храна од присутните.
А насобраните носеа транспарентни, вознемирувачки фотографии од убиени животни, свирчиња, знамиња. На асфалтот стоеја и канти со црвена боја, кои ја симболизираа пролеаната крв на бездомните кучиња.
На транспарентите, пак, пишуваше: „Нивната болка е наша борба, нивните солзи се наш глас“, „Стоп за слободна продажба на отрови“, „Стоп за насилство врз животните“, „Не сакаме ничија пролеана крв“…
Како што рекоа, „ние сме гласот на сите безгласни невини души“.
Присутните побараа одговорност за убијците, за да се спречат нови убиства и мачења на бездомни животни. Но, не само тоа.
Предагаа мерки за одговорно сопствеништво, задолжителна стерилизација и кастрација со што ќе се помогне во надминување на проблемот со создавање глутници по улиците. Половина од глутниците, како што говореа, се кучиња со „сопственици“.
А поводот беше свирепото убиство кое се случи среде бел ден во Струга кога со пушка беа застрелани седум бездомни кучиња.
Неколку часа пред настанот на кој се апелираше на будење на заспаните институции, стигна информација дека ќе се подготви нов Закон за миленици, во кој, ќе бидат опфатени барањата на организациите за заштита на животните.
Протест пред Владата против убиствата на бездомни кучиња | Фото: БИРН