Регион

Фотографии на британски фотограф го бележат повоениот период на Балканот

Крис Лесли повеќе од две децении патувал низ Балканот, фотографирајќи го секојдневниот живот во земјите од поранешна Југославија

Многу меѓународни фоторепортери станаа познати по своите фотографии направени за време на балканските војни во 90-тите години – но за разлика од нив, фотографот и сценарист, Крис Лесли, на Балканот дошол по завршувањето на конфликтот и со својот фотоапарат го документирал повоениот период.

Овие негови фотографии се најдоа на едно место, во неодамна објавената книга, „Балканско патување“, што читателите ги води низ 24-годишната фотографска одисеја на Лесли, при што е создадена богата архива што го документира секојдневниот живот во повоениот период.

Лесли истакнува дека балканските војни станале „стара вест“ веднаш штом завршиле.

„Тоа е начинот на кој тоа функционира. Војната е приказна што се продава и е драматична и итна. Мирот помалку“, вели тој во интервју за БИРН. „Дури и пред нападите на 11 септември и последователните немири и војни во Авганистан и Ирак, Балканот се најде надвор од радарот на интересот на меѓународните вести.

Но, документирањето на мирот е друг вид работа и бара повеќе време, ако се сака да се одработи како што треба, вели тој.

„Далечен, паралелен универзум“

Куќа во Пакрац уништена во војната, 1996 година. Фото: Крис Лесли.

Лесли е роден во 1974 година и кога беснееја конфликти на Балканот во првата половина на 90-тите години, тој бил „премногу млад за да помисли дека некогаш ќе оди таму“, нагласува тој.

„Да бидам искрен, не знаев ниту на карта да ги покажам Хрватска или Босна. Војните во поранешна Југославија се одвиваа во далечен, паралелен универзум“, признава Лесли.

Потоа, во 1995 година, додека студирал во САД, станал пријател со неколку хрватски студенти.

„Сите бевме во раните дваесетти години. Никој не зборуваше за војните, никој не се грижеше за тоа, ниту се покренуваше тоа прашање“, посочува тој.

Сепак, „сето тоа се смени“, кога во 1995 година, Хрватската војска започнала со воени операции за враќање на територијата, што од крајот на 1991 година, беше контролирана од српските бунтовници, поддржани од Југословенската народна армија и српски паравоени формации.

„Следната година, морав да изберам тема за мојата дипломска работа. Одлучив да ги проучам војните во поранешна Југославија – да се обидам да го надополнам моето незнаење“, вели Лесли.

Тој дипломирал во 1996 година на тема „Силите зад национализмот и етничкото чистење во поранешна Југославија“. По дипломирањето, тој барал можноста да волонтира некаде во регионот, па бил поканет да стане дел од Волонтерски проект Пакрац, мала невладина организација вклучена во проекти за реконструкција на градот Пакрац, лоциран во централна Хрватска.

На 1 мај 1995 година, за време на операцијата „Блесок“, Хрватската војска извршила ненадеен напад врз Пакрац, брзо преземајќи ја контролата над целата област, која потоа била реинтегрирана во Хрватска. Околу 30.000 Срби ја напуштиле оваа област и заминале во Босна и Херцеговина, на територија под српска контрола, или во Србија.

Според српската невладина организација, Веритас, за време на операцијата „Блесок“, биле убиени 283 лица, иако хрватскиот Хелсиншки комитет за човекови права соопшти дека нивниот број е под 90.

Лесли вели дека кога дошол во Пакрац, „градoт бил во урнатини – тензиите и поделбите сè уште биле големи и малку работи биле обновени“. Како резултат на војната, „Хрватите претежно живееја во градот, а Србите, главно постари жени, во околните села“, додава тој.

Хуманитарна помош со која Љуба Селтуфер, Хрватка од Пакрац, ги хранела своите миленици, 1996 година. Фото: Крис Лесли.

„Спорадични експлозии сè уште можеа да се слушнат кога животни ќе активираа мини во околните полиња, убав потсетник да не се оди надвор од регуларните патишта или познати патеки“, објаснува тој.

Но, тој додава дека токму поради топлината на жителите на Пакрац, и Хрвати, и Срби, неговиот престој во овој град бил незаборавен.

„Се запознав со Љуба Селтуфер – 55-годишна Хрватка, која живееше сама во својот стан кој се наоѓаше на негогашната линија на фронтот, меѓу мештаните позната како Луда Љуба. За време на интензивните периоди на престрелки и гранатирање, таа им викаше на српските војници и ги пцуеше од прозорецот во дневната соба, и на хрватските војници од прозорецот во спалната соба, викајќи им да ја прекинат војната или да пукаат во неа и со тоа да завршат“, се сеќава тој.

Од другата страна на линијата, тој се запознал со Љуба Гагиќ, 80-годишна Србинка „која се бореше да преживее во мала, делумно уништена куќа“.

„Како и повеќето Срби, кои се плашеа од животот во новата независна хрватска држава, семејството и пријателите на Љуба избегале од Пакрац“, вели Лесли, додавајќи дека пензионерката останала сама, со своите шест кокошки, три мачки и куче.

Фотографиите на Лесли од Пакрац се наоѓаат во неговата нова книга, поддржана од Центарот за постконфликтни истражувања од Сараево, а финансирана од Креатив Скотланд.

Отпорноста на Сараево

Момчето, Оги Томиќ, во Сараево, во 1997 година. Фото: Крис Лесли

Кога Лесли првпат пристигнал во Сараево во есента 1996 година, 44-месечната опсада на главниот град на БиХ била завршена и градот „уживаше во својот долгоочекуван мир“ – но уништувањето предизвикано од гранатирањето и снајперските напади било шокантно.

„По четири месеци поминати во Пакрац, се навикнав да живеам во воена средина, но ништо не можеше да ме подготви за Сараево“, истакнува тој.

Лесли се сеќава дека насекаде имало „цели редици уништени станови, кратери од гранати и вдлабнатини од експлозии; болници, канцеларии и фабрики во урнатини“.

Тој, од 1996 година, неколку пати го посетил Сараево, а работел и како волонтер во овој град во летните месеци, но кога во 2019 година се вратил во него, му се чинел, како што вели, како сосема поинаков град, кој сега има „храбро, одважно, космополитско лице“.

„Името на Сараево, се чини, е сè уште поврзано со војната и трагедијата, но изминатите 25 години направија многу за закрепнувањето на овој исклучителен и отпорен град и туризмот сега е во пораст, а причините за тоа се очигледни“, нагласува тој.

Бегалци и мигранти чекаат во ред за храна пред џамија во Сараево, во 2018. Фото: Крис Лесли

Во последниве години, БиХ стана привремен дом за многу бегалци и мигранти на таканаречената „балканска рута“ кон Западна Европа. Во едно поглавје од својата книга, Лесли претставува фотографии што ги направил во 2018 година, додека ја покривал бегалската криза.

„Сведок сум на многу надреални настани што се случија за време на мојот престој во Босна – но изненадувачкиот број бегалци и мигранти од Блискиот исток и Африка, кои се најдоа во сиромаштија по улиците на Сараево, не беше нешто што замислував дека ќе го видам“, вели тој.

„Соодветна приказна за опасниот свет во кој живееме е тоа што 25 години по бруталната војна и опсада со која се соочи, Сараево денес им обезбедува ограничено прибежиште на оние кои бегаат од сопствените трауми.

Ограничено издание на „Балканско патување“ со фотографии и есеи од Крис Лесли, од писателот, Џон Мекдугал, е достапно тука.