Регион

„Го нема“: Видео сеќавања на исчезнатите луѓе во балканските војни

Видеоинтервјуа по повод Меѓународниот ден на исчезнатите лица

Будимир Маслар

Будимир Маслар бил меѓу Србите кои побегнале од Косово во 1999 година, по завршувањето на војната. Тој сè уште ја бара својата сестра, Наталија Маслар, која не сакала да бега, туку инсистирала да остане во нејзината куќа во селото Требовиќ. Никогаш повеќе не ја виделе. „Тоа е моја доживотна мистерија, тоа е најголемата болка што ја преживувам, затоа што не знам каде ѝ се коските, барем да ја погребам, ако ништо друго“, вели Будимир.

 

Мисрете Аслани

Мисрете Аслани сè уште се сеќава на моментот кога на 26 март 1999 година, за последен пат го видела својот сопруг Фехим, кого го одвеле вооружени лица. „Последен пат кога го погледнав неговото лице, кога нашата, тогаш четиригодишна ќерка, не сакаше да ја пушти неговата рака“, се сеќава таа. Нејзиниот сопруг, заедно со уште 118 мажи и момчиња, вклучувајќи ги и нејзините двајца браќа, биле заклучени во куќа во косовското село Мала Круша. Потоа биле стрелани, а куќата била запалена. Неговите посмртни останки не се пронајдени до денес.

Новица Буха

Новица Буха од Сараево, сè уште трага по својот брат, Јанко Буха, и зетот,  Душан Петровиќ. Двајцата биле одведени во јуни 1992 година, и оттогаш никој повеќе не ги видел. „Барав – каде и да најдев нешто, одев и прашував дали некој знае каде се“, истакнува Буха.

Вишња Стаменковиќ

Рано наутро на 28 јуни 1999 година, веднаш по официјалното завршување на војната во Косово, Вишња Стаменковиќ, ја испила последната шолја кафе со сопругот Жарко. Тој потоа ја одвезол на работа во болницата во Приштина, а потоа и самиот заминал на работа, од каде никогаш повеќе не се вратил дома. „Чекав и чекав, а потоа сфатив дека тој е киднапиран, исчезнат“, рече таа. „Го нема“.