Три со три

Ѓоргиев: Премиерот ја компромитира работата на идната историска комисија

Разговор со Драги Ѓоргиев, копретседател на заедничката комисија за историски и образовни прашања

Драги Ѓоргиев, седум години го води македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија.

Исто толку години, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргиев и другите членови ги портретира како сервилни кон власта на СДСМ, но и кон бугарските барања. Деновиве, лидерот на таа партија, Христијан Мицкоски, од позиција на премиер изјави дека тие не биле заштитници на националните интереси и најави нови лица на нивните позиции.

Комисијата беше формирана во 2017 година по потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. Работеше со подеми и падови, а често врз интензитетот на средбите влијаеја и политичките искричења на релација Скопје – Софија.

Досега усвоија препораки за заедничко чествување на  Кирил и Методиј, Наум Охридски, Климент Охридски и Цар Самуил и пет препораки за измени во учебници во Македонија и во Бугарија.

Ѓоргиев, во разговор за БИРН, на новите членови што ги најави Мицкоски им порачува да се држат што подалеку од партиите и од политиката.

БИРН: Премиерот Христијан Мицкоски рече дека мешовитата историско-образовна комисија со Бугарија не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Како ја оценувате оваа изјава, дали основната задача на една научна комисија е да ги штити националните интереси?

Ѓоргиев: Според мене, таа изјава може да се дефинира како неаргументирана и неодговорна. Неаргументирана бидејќи во неа не постои никаков аргумент кога и на кој начин Комисијата „не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ“.

Неодговорна, па дури и опасна, бидејќи со неа крајно неодговорно се дехуманизираат припадници на академската средина. Притоа таа се базира на лични видувања, кои, всушност, стануваат државни и праќа порака дека секој што не ги брани националните интереси согласно тие видувања, ќе биде етикетиран и ќе сноси последици. Конечно, таа е полна со популизам затоа што премиерот се претставува себеси како познавач и заштитник на народните интереси, кој точно знае кои се тие и на кој начин треба да се бранат. А со промената на членовите ќе покаже и кои се луѓето што ќе ги одбранат.

Исто така, изјавата покажува и колку погрешно е сфатена улогата и целта на самата Комисија. Нејзината цел, како и на многуте други такви комисии формирани во Европа, не е да се занимава со решавање на идентитетски прашања, со дебата за историографски прашања, кои со децении се предмет на дискусија или со заштита на националните интереси согласно лични видувања и партиски интереси.

Целта е врз база на научни принципи и достигнувања на современата историографија да се надминат одредени недоразбирања во учебниците по историја и симболично, со заеднички чествувања, да се приближат различните перцепции на одредени историски личности и настани во двете општества.

На тој начин би се влијаело врз подобрување на меѓусебните односи и би се зголемила довербата меѓу двата народа. Се разбира, за тоа е потребно да се направат сериозни чекори и од македонска и од бугарска страна, додека „тешките и нерешливи“ историски прашања и понатаму ќе бидат дел од дебатата на двете историографии.

БИРН: Седум години работевте речиси во ист состав со бугарските колеги. Во Софија се сменија многу влади, но нивниот тим остана ист. Каква порака испраќа менувањето на членовите на македонскиот тим со менувањето на власта?

Ѓоргиев: Комисијата е тело формирано од владата и таа има право да одлучува за нејзиниот состав. Но, начинот на кој е најавен тој чин, за жал, претставува чин на брутално мешање на политиката во работата на Комисијата. Тој чин праќа јасна порака дека работата на Комисијата веќе не е во доменот на науката, туку во доменот на политиката и на чисто партиските интереси.

Освен тоа, по изјавата на премиерот, работата на новите членови во таа комисија веќе е компромитирана и партизирана. Тие ќе работат под силниот товар на „заштитници на националните интереси“, чие сфаќање е дефинирано од страна на една партија, во име на народот. Таквата слика за нив како „заштитници“ е веќе создадена и нејзиното нарушување ќе значи изневерување на очекувањата. Тоа, секако, ќе се одрази врз почитувањето на научните и академски принципи.

БИРН: Јасно е дека на следниот состанок ќе отидат нови експерти од македонска страна. Што ќе ги чека на маса и каков совет ќе им дадете од досегашното искуство?

Ѓоргиев: Работата на Комисијата, на последните средби е фокусирана исклучиво на македонските учебници по историја за 7 oдделение и бугарските за 6 клас и верувам дека и понатаму фокусот ќе остане на тој сегмент.

Сегментот за заеднички чествувања веќе подолго време е во застој поради одбивањето на бугарската страна да ја прифати нашата формулација дека Гоце Делчев е национален херој на македонскиот народ. До МНР e доставен извештај во кој се дадени информации за досегашната работа на Комисијата, кој верувам дека ќе биде од корист на новите членови.

Македонската комисија изгради позиција согласно упатствата и принципите на УНЕСКО и Советот на Европа за надминување на ваков вид историски недоразбирања. Сметам дека тоа е добра позиција, која беше препознаена и надвор. Би било добро новиот состав да ја заштити таа позиција.

Исто така, би било добро членовите да се држат што подалеку од партиите и од политиката, а да бидат што поблиску до науката и до меѓународните искуства. Доколку можат, се разбира.