„Знаете дека сме загрижени. Жално е што напредокот на Македонија не беше брз и позитивен каков што би требало да биде, пред се поради политичката криза која трае повеќе од две и пол години“, изјави заменик помошникот на Државниот секретар во Стејт Департментот Хојт Ји по средбите со политичките и државни претставници.
„Веруваме дека е многу важно за политичките лидери да најдат решение за политичката криза. Да најдат начин да му дозволат на мнозинството во парламентот да состави влада и владина програма. Знаеме дека има грижи околу владината програма, но за тоа треба да се дебатира и гласа во парламентот, не надвор. Единствен излез од кризата е формирање нова влада. Не гледаме причина новото парламентарно мнозинство да не добие шанса да формира влада“, изјави Хојт Ји.
Тој ја повтори осудата на САД за инцидентот што се случи минатата недела „кога членови на парламентот насилно и кукавички беа нападнати само заради избор на парламентарен спикер со мнозинство“.