Регион

Иако зад решетки, грчката крајна десница допира до следбениците

Челниците на неонацистичката Златна зора успеваат да ја шират пораката иако се во затвор

Првиот глас на снимката е глас на жена.

„Добра вечер, г-дине Илиас Касидиарис, зборувам [со вас] како адвокат“, вели таа. „Со оглед на одлуката за забрана на вашата комуникација со други лица, освен со вашите роднини и адвокати, би сакала да го слушнам вашето мислење за ова прашање и да ми дадете дозвола да го снимам овој разговор“.

Касидиарис се согласува и почнува со 17-минутен монолог, во кој адвокатот прави само три кратки уфрлања.

На 24 октомври минатата година, снимката беше поставена на личниот јутјуб-канал на 41-годишниот Касидиарис, со што, на неговите повеќе од 100.000 претплатници им даде уште една шанса да ги слушнат мислите на поранешниот лидер на неонацистичката партија Златна зора, кој сега служи тринаесет и пол години затвор за водење криминална организација.

Непосредно пред видеото да се префрли на реклама за најновата книга на Касидиарис, адвокатот вели: „Би сакал да истакнам, побивајќи ги гласините дека не учествувате на претстојните избори, дека и вашето учество и успех се сигурни“.

И тука завршува најновото партиско политичко соопштение издадено од зад решетки во име на Националната партија на Хелени на Касидиарис, изјава за која критичарите велат дека ја исмева забраната за јавна комуникација в затвор.

Тоа е само последниот знак за очигледно повластениот затворски третман што го уживаат поранешните лидери на Златна зора.

Илустрација Фанис Колиас

Ширење на зборот зад решетки

Некогаш сила со која требаше да се смета и  во парламентот и на улиците,  среќата престана да ја следи Златна зора откако 18 високи личности, вклучително и долгогодишниот лидер Никос Михалолиакос, во октомври 2020 година беа осудени за водење криминална организација. Уште десетици беа осудени за учество во организацијата.

Голем број од тие личности, како што е Касидиарис, се решија да формираат свои политички гранки. Но, за да останат релевантни, се потпираат на комуникација надвор од затворските ќелии и, во случајот со Касидиарис, се прогласуваат за неприкосновен лидер на грчката екстремна десница пред следните парламентарни избори во 2023 година.

Во октомври 2021 година, во извештајот на грчката медиумска непрофитна организација Соломон беше детално опишана тактиката што ја користел Касидиарис за да ја заобиколи забраната за јавна комуникација и начинот на кој тој и неговите поранешни колеги од Златна зора го контролираат доделувањето на затворските  т.н. „работни смени“, како начин да се намали времето што на крајот го поминуваат зад решетки.

Снимката што беше објавена на 24 октомври, оттогаш е прегледана најмалку 101.000 пати. Но, тоа во никој случај не беше прво такво видео.

Имено, Касидиарис ја испрати својата прва затворска порака една година порано, само четири дена по нивното осудување откако тој и неговите колеги  беа испратени во затворот Домокос, централна Грција.

Од 124 видеа поставени на неговиот канал на Јутјуб од неговото отворање во јуни 2012 година, 52 од нив се објавени откако тој е во затвор.

Овие 52 видеа собраа вкупно повеќе од 6,82 милиони прегледи, или во просек секое по приближно 131.000. Според алатката за анализа на социјалните медиуми „Сошл блејд“ (Social Blade), откако Касидиарис беше затворен, неговиот канал на Јутјуб доби повеќе од 36.100 нови претплатници, околу една третина од сегашниот вкупен број.

На 7 октомври 2021 година, по речиси една година од овие затворски пораки, властите воведоа забрана за комуникација на Касидиарис со луѓе надвор од затворот и оние што не се негови адвокати или членови на  неговото потесно семејство. Стана очигледно дека Касидиарис поседувал мобилен телефон, што инаку е забрането, и разговарал со соработниците, кои ги објавиле неговите изјави.

Две и пол недели, Касидиарис молчеше. Потоа се појави снимката од 24 октомври и оттогаш следеа најмалку седум.

Сега, секоја снимка почнува со излагање на адвокатот на партијата, кој вели дека разговорот е резултат на неговите или на нејзините законски должности и се однесува на прашања чисто поврзани со случајот Касидиарис. Но некако, разговорот се насочува кон теми, како што се справувањето на владата со пандемијата ковид-19 и нејзината политика за мигрантите и бегалците.

Забраната беше наметната од Софија Николау, која во тоа време беше генерален секретар за антикриминална политика и затоа одговорна за управување со затворите во Грција.

Николау рече дека дејствувала за да го блокира „проповедањето на омраза“ на Касидиарис, како што нашироко медиумите го опишаа неговото онлајн-обраќање на партиски настан.

Николау ја напушти својата функција во јануари 2022 година. БИРН побара коментар за континуираната јавна комуникација на Касидиарис од нејзиниот наследник Константинос Папатанасиу, но не доби одговор.

Illustration:Unsplash.com

Наметнувањето контрола и новата тактика на Касидиари

Касидиарис не е единствениот висок претставник на поранешна Златна зора, кој, се чини, неказнето ги прекршува затворските правила.

Како и Касидиарис, поранешниот пратеник на Златна зора, Јоанис Лагос, сега европратеник и основач на партијата Национална народна свест, ЕЛАСИН, беше осуден на тринаесет и пол години затвор.

И тој ја испраќа својата политичка порака преку веб-страницата на неговата партија и каналот на Јутјуб, иако на многу помалку следбеници од Касидиарис.

На 10 декември, минатата година, Лагос сподели снимена порака на Јутјуб, во која вели дека му е забрането да работи во затвор на една година откако се спротивставил на инспекција на ќелијата.

Според начинот на кој се водат затворите во Грција, затворениците можат неплатено да работат во затворот, при што секој работен ден влијае врз намалувањето на времетраењето на казната.

Дали новата тактика на Касидијари е конзистентна со одлуката против него?

Според извештаите на неколку медиуми, пред инцидентот околу инспекцијата на ќелијата, Лагос бил задолжен за затворската библиотека, за која според извори запознаени со условите во затворот Домокос велат дека била меѓу најдобрите. За секој месец работа, Лагос ќе кратеше 45 дена од казната.

Истите извори, кои сакаа да останат анонимни поради стравот за својата безбедност, велат дека моментално работните смени во Домокос ги контролираат затворениците од Златна зора. Со капацитет за 600 затвореници, а  околу 650 затвореници, установата е преполна и нема доволно работни смени за секого.

Според извештаите на медиумите, Михалолиакос, лидерот на Златна зора, работел како библиотекар, а Касидиарис како помошник на медицинска сестра.

На 10 јануари годинава, отфрлајќи ги приговорите на обвинителите, грчкиот апелационен суд нареди ослободување на поранешниот пратеник на Златна зора, Никос Михос, кој отслужуваше шестгодишна затворска казна, во очекување на второстепената пресуда за неговиот случај.

Мичос беше опишан од сведоците на судењето на Златна зора како „месар“, кој ги обучувал членовите на партијата како да користат нож како оружје. Тој беше идентификуван како „главен извршител“ на насилниот напад врз антифашистичките активисти на островот Парос во 2013 година и осуден за вмешаност во друг напад на Златна зора истата година во Атина.

Притискајќи за негово ослободување, адвокатите на Михос се повикаа на негов инвалидитет, но, според одлуката на судот, она што ја превагнало на одлуката биле работните смени што ги акумулирал како затворски бербер.

Iliana Papangeli и Stavros Malichudis

Ова истражување е спроведено за „Simeio / Signal:Истражување и соочување со крајната десница“, каде што може да се најде опширна верзија на грчки јазик. Истражувањето беше спонзорирано од Канцеларијата на фондацијата Роза Луксембург во Грција