Регион

Албанија: Протести поради поскапувањата

Протест поради високите цени ФОТО: БИРН

Илјадници луѓе од цела Албанија учествуваа на митинзи во саботата и во неделата, протестирајќи против поскапувањата, барајќи транспарентност, одговорност и уривање на монополите.

Демонстрантите, во саботата носеа транспарент на кој пишуваше „Престани да крадеш од нас“ од плоштадот Скендербег во Тирана до канцеларијата на премиерот Еди Рама.

Тие предупредија дека ќе протестираат секој ден додека не се исполнат нивните барања за пониски цени.

По протестот во саботата, Рама изјави дека се чувствува „засрамен што една земја на НАТО не ги разбира последиците од војната во Украина“.

Потоа, во неделата најави неколку други антикризни мерки, ветувајќи им на најсиромашните семејства дополнителни 3.000 леки (24 евра) и зголемување на минималната плата на 30.000 леки (околу 242 евра) месечно.

Полицијата, во текот на неделата приведе неколку демонстранти за „Организирање и учество во незаконски собири и демонстрации“, „Нарушување на јавниот ред и мир“, „Непочитување наредба на полициски службеник“ и „Попречување на циркулацијата на возилата“.

Повеќето од апсењата се случија во Тирана, а многу од полицајците што апсеа беа во цивилна облека.

Околу 200 беа обвинети за одржување „незаконски собири“, но Судот во Тирана, во саботата ослободи една група оценувајќи ги нивните апсења како делумно незаконски. Реагираше и Канцеларијата на народниот правобранител, која побара „од полицијата да им го гарантира правото на граѓаните на мирен протест и да се однесуваат во согласност со законот“.

Адвокатите ја обвинија полицијата за употреба на прекумерна сила врз демонстрантите – и за задржување лице со попреченост во притвор четири дена.

Цената на нафтата во Албанија е значително повисока отколку во другите земји од Западен Балкан, околу 2 евра за литар, поради бројните даноци.

Fjori Sinoruka