Додека се врати обвинителката Рускоска од одмор во јавноста секој ден сѐ позасилено тече „истражна постапка“ која, се чини, без оглед на институционалната разврска веќе го конципирала обвинението.
Објавувањето на дел од материјалот што го снимал Јордан Камчев, додека се пазарел за случајот „Империја“ во кој е осомничен, доведе до френетичното развивање на настаните што се претвори во нескриена војна во рамките на самото СЈО, но и на засилени партиски конфронтирања и сериозен ризик за Владата на Заев.
И додека се прегледуваат Инстаграм и фејсбук-профилите на Бојан Јовановски и се фрла ново светло врз старите интервјуа на инволвираните низ медиумите, последните објави додаваат нови делчиња од мозаикот за тоа што се случувало во аферата „Рекет“.
Лиле Стефанова контра Јанева
Освен што се извор на забава и на мемиња за „Боки Тредичи“, снимките објавени на YouTube на италијанскиот весник „Ла верита“ и по денешното сведоштво на обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова расчистуваат некои нејаснотии околу дел од потезите на СЈО поврзани со случајот „Империја“.
Во разговорите што се објавени денеска покрај гласот на Бојан Јовановски се слуша и Јанева како таа му порачува на Камчев дека „сѐ ќе биде во ред“. Специјалната обвинителка преку соопштение ја потврди автентичноста на разговорот, меѓутоа објасни дека комуникацијата била во функција на нејзината работа.
Сепак, писмената изјава на нејзината колешка, Лиле Стефанова, која се појави десетина минути подоцна на истиот сајт на Специјалното обвинителство, подгрева сомнежи дека улогата на Јанева во целиот овој случај е проблематична.
Такви беа и одлуките што Јанева ги носеше од стартот на истрагата за случајот „Империја“ па сѐ до почетокот на летово.
На 9 ноември 2018, додека целата јавност се бави со прашањето дали експремиерот Никола Груевски ќе се јави во затвор или ќе избега, Јордан Камчев како осомничен во случајот со офшор-мрежата „Империја“ отиде во притвор.
Mесец и половина подоцна во декември, некаде пред Нова година, СЈО изненадувачки побара Камчев и другите притворени да се пуштат од Шутка во домашен притвор, што во јавноста предизвика сомнежи за причините.
Јанева несмасно, токму на интервју на телевизијата „1тв“ при крајот на јануари годинава објасни зошто се премислила.
Потенцираше дека одлуката е нејзина и оти за тоа придонеле „икс причини“. Рече дека осомничените соработувале и оти нивните адвокати уверувале дека нема да бегаат.
„И тука би застанала“, вака Јанева го заврши одговорот на прашањето зошто побарала домашен притвор за осомничените во „Империја“.
На тоа интервју присутна беше и обвинителката што го работи случајот „Империја“, Лиле Стефанова и таа ѝ дозволува на својата шефица да го одговори прашањето околу притворите.
Сѐ што Стефанова тогаш на таа тема кажа е дека:
„И домашниот притвор е притвор.“
Меѓутоа, денеска обвинителката Лиле Стефанова тврди дека не се согласила на осомничените Шутка да им биде заменета со куќен притвор.
„Сметав дека куќниот притвор не може да ги спречи осомничените лица да влијаат на истрагата што се покажа како точно, имајќи ги во предвид сега објавените снимки“, вели Стефанова во денешното соопштение.
Договорена спогодба?
Од објавените разговори, што ги снимил Камчев, а се објавени во италијанскиот десничарски весник се стекнува впечаток дека главните случувања датираат во периодот кога се носи Начелното правно мислење на Врховниот суд на крајот од јануари и во текот на февруари од кога датира и снимката за земените милион евра во домот на Камчеви.
Во еден од тие разговори Боки 13 го спомнува излегувањето од домашен притвор, а зборува и за тоа дека во еден момент на бизнисменот ќе му биде вратен пасошот врз основа на сопственост на странски фирми.
Одлуката за времено враќање на пасошот на Камчев не беше соопштена туку откриена откако тој беше фотографиран на ракометниот натпревар на „Вардар“ во Германија на почетокот од јуни.
Денеска обвинителката Лиле Стефанова вели дека не бил известена за оваа одлука, а претходно била против кога иста таква времена патна исправа со дозвола на СЈО му била дадена и на уште еден од осомничените во „Империја“, Цветан Панделески.
Од снимените разговори објавени на YouTube може да се разбере дека Бојан Јовановски преговара и за опцијата СЈО целосно да го затвори случајот „Империја“ и за таа „услуга“ Камчев да „искешира“ осум милиони евра.
Тоа го откри и обвинителството на прес конференцијата за случајот „Рекет“.
Лиле Стефанова во денешната изјава ова посредно го потврдува велејќи дека Катица Јанева во април годинава ѝ открила дека овој случај треба да заврши со спогодба. Јанева наводно кажала дека осомничените не треба да одат во затвор, само да ѝ платат на државата и така предметот да се затвори.
На ова обвинителката Лиле Стефанова, повторно според нејзиното тврдење, ѝ потенцирала дека случајот „Империја“ е во многу рана фаза за евентуално спогодување.
Своевидна коцка во овој мозаик е и интервјуто на Јанева на телевизија „1тв“ даден месец дена претходно во кое таа се надева дека СЈО ќе има спогодби.
„Се надеваме дека во идните случаи или во истрагите што ги имаме, ќе ги имаме и првите спогодби во однос на некои покрупни предмети, во однос на некои затворски казни“, вели Јанева на 13 март годинава.
Ова интервју се случува три недели откако Боки 13, според видеото објавено на YouTube, зема милион евра од Камчев во „Луј Витон“ торба.
„Луј Витон“ торбата шетала со Боки
Според првото видео објавено на YouTube од италијанскиот весник Бојан Јовановски зел милион евра од Камчев попладнето на 20 февруари годинава, токму кога заоѓало сонцето. Претходно, истото сончево претпладне Боки 13 објавил заедничка фотографија на својот инстаграм-профил со тогашниот уредник на „1тв“, Ацо Кабранов и напишал:
„Нека грее силно сонцето. “
На фотографијата е облечен идентично како и на видеото на кое се гледа како ги изнесува парите од домот на Камчев. Два дена подоцна Боки на Инстаграм објавува селфи со пораката „насмевни се и не бери гајле“, додека четири дена откако ги зема парите постира фотка од Белград на која се гледа и чанта идентична како она со која ги зел парите.
Меѓутоа, Белград тогаш му е само попатна дестинација.
На 26 февруари тој објавил уште една своја фотографија, меѓутоа овој пат тој се наоѓа во холот на хотелот „Four Seasons“ во Милано. Под фотографијата идниот Боки „тредичи“ напишал:
„Buongiorno Milan (Добар ден Милано).“
Додека Боки се шета, одбележува годишнина на својата телевизија и се слика, Јанева се појавува во медиумите на тема „преговори за иднината на СЈО“ и самоуверено очекува да ја продолжи кариерата.
Сѐ се менува во моментот кога Боки 13 е уапсен на граница.
Истиот ден, без каква и да е претходна најава, таа решава дека е време да ја депонира својата оставка „во интерес на евроатланските интеграции“. Обвинителите на СЈО следниот ден даваат изјава во која практично се оградуваат од неа, а таа заминува на боледување и ја снемува од јавната сцена.
Обвинителството не успева да ги земе двата телефони на Катица, едниот бил „загубен“ па пронајден кај роднина на девојката на синот, форматиран и без какви и да е податоци, додека вториот се вештачи.
Една недела по отварањето на истрагата Јанева се враќа од боледување и дава изјава во СЈО во која порачува дека „не е единствена која имала блиски релации до Боки 13“. Во меѓувреме, според 360 степени, на 8 јули во СЈО е издадена наредба за темелно бришење на компјутерите, информација која беше демантирана па потврдена.
Во последната изјава денес Јанева ги повикува истражните органи што побрзо да го расчистат случајот Рекет. Јавноста ги дели нејзините очекувања.