Вести

Истражувањето на „Код“ за енергетскиот сектор ја доби наградата „Никола Младенов“

Доделени новинарските награди на Македонскиот институт за медиуми

Серијалот истражувачки стории за тендерите во енергетскиот сектор објавен на емисијата „Код“ на телевизија Телма, денеска ја доби првата награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија во 2024 година.

„Код“ откри како функционери и фирми блиски до претходната влада злоупотребиле тендерски постапки во енергетскиот сектор.

„Последните денови многу се зборува за системот. Оваа награда постои од 2001 година, што значи дека се наградени седумдесетина приказни досега. Секое непостапување на институците по овие објавени стории е само една тула во градеењето во тој систем“, рече  Срѓан Стојанчов од тимот на „Код“.

Втората награда во истата категорија ја доби  Петар Клинчарски од Радио Слободна Европа за серијалот текстови што открија незаконско постапување на Државна лотарија при закуп на нов деловен простор и при јавните набавки што ги спроведуваше акционерското друштво во време на поранешниот директор.

А, третата награда ја доби Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) со документарецот „Украдени животи“, кој се занимаваше со последиците и со злоупотребите на финансиските друштва што издаваат брзи кредити.

„Огромна благодарност до сите што работеле на оваа сторија, до сите извори и целата јавност од кои добивме многу позитивни коментари. Меѓутоа, би биле посреќни кога оваа сторија би наишла на побрз и на поголем интерес и од надлежните институции“, рече Александар Јанев, новинар во ИРЛ.

Дополнително, пофалници за своите истражувачки приказни добија Мирослава Симоновска од „Слободен печат“, Мери Јордановска и Антонија Јаневска од новинската агенција МЕТА, Билјана Николовска-Тодорова од Радио Слободна Европа,  Александар Димитриевски од 360 Степени и Александар Методијев и Сузана Мицева, чија сторија беше објавена на повеќе медиуми.

Наградата за најиновативен производ ја поделија ИРЛ со проектот „Мобилна редакција: Кичево“ и новинарките од емисијата „Код“, Марија Митевска и Снежана Лупевска Созен, за видеосторијата посветена на обвинението за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска.

Најдобра репортерска фотографија доби фоторепортерот Ѓорѓи Личовски за фотографијата „Ловец на метеори“, објавена во германскиот магазин „Штерн“.

Годинава, за најдобра истражувачка сторија конкурирале 36 теми обработени во 185 текстови и видеоприлози. За најиновативен новинарски производ конкурирале пет стории, а за најдобра репортерска фотографија имало пријавени 16 фотографии.

Македонскиот институт за медиуми ги доделува овие новинарски награди од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на сопственикот на „Фокус“, Никола Младенов, кој загина во сообраќајна несреќа.