Истражувањa

Избеган украински политичар под санкции на САД, добил македонско државјанство

Од украинска потерница до спортист вреден за државјанство

„Македонскиот репрезентативец во коњички скокови Олександр Онишченко освои седмо место во Сен Тропе“. Вака би се очекувало да гласи насловот што би се проширил во спортскиот свет во Македонија откако во октомври овој Украинец, кој има и руско државјанство, се натпреваруваше под македонското знаме.

Tаква вест не може да се најде во спортските медиуми. Всушност, името на Олександр Онишченко воопшто не може да се пронајде напишано на македонски јазик.

Но, на англиски јазик се појавува веднаш. На листата на санкционирани личности од Соединетите Американски Држави, на која е ставен во јануари 2021 година, поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори“.

На украинската политичка сцена, името на Онишченко се спомнува како на поранешен пратеник што избегал од земјата во 2016 година, откако Антикорупциската комисија отворила истрага за него за перење пари и корупција.

Пет месеци откога го добива македонското државјанство, тој настапува под македонското знаме на натпревар во коњски скокови, во Сен Тропе. Видеото од натпреварот го објавува на својот инстаграм-профил на 15 октомври. Профилот сведочи за гламурозниот живот на новиот македонски државјанин, кој често патува од Монте Карло до Обединетите Арапски Емирати и до други познати европски туристички дестинации.

Оничшенко со џетсетерката Парис Хилтон | Фото: Инстаграм профил на Олександр Онишченко

Често друштво, судејќи според фотографиите на Инстаграм, му се познати личности од светскиот џет-сет. Прегрнат со шпанскиот тенисер Рафаел Надал, тој му ја честита четиринаесеттата победа на Роланд Гарос, а под описот „времиња за паметење“ објавува фотографија со актерката од серијата „Очајни домаќинки“, Ева Лонгорија и со нејзиниот поранешен сопруг, кошаркарот од НБА-лигата, Тони Паркер.

Инстаграм-профилот го открива неговото лично познанство и со фудбалерот Јуриј Џоркаеф или, пак, со познатиот моден дизајнер Ели Сааб и џетсетерката Парис Хилтон.

Приватниот живот на џокејот е едната страна од приказната за него, а другата се политичкиот ангажман во Украина, како пратеник од партијата на поранешниот проруски премиер Виктор Јанукович, бизнис-кариера, која му носи и обвинение во 2016 година, и неговиот меѓународен ангажман, кој, пак, го става на листата санкции на Соединетите Американски Држави.

Како дојде во Македонија?

Времеплов на случувањата околу Онишченко | Фото: БИРН

Ваквиот украински и меѓународен имиџ на новиот македонски државјанин не бил пречка за македонската влада, без дискусија на присутните, на седница одржана на 31 мај 2022 година да му даде македонско државјанство.

Ова не е прво државјанство што го поседува, освен украинското. Онишченко има и руско државјанство и со тоа одлучил да аплицира пред македонските институции.

Тој последен вторник во мај, ден на кој вообичаено заседава владата, седницата напладне ја отвора премиерот Димитар Ковачевски. Трае околу два часа, а вечерта до јавноста стигнува владиното соопштение. Во него се наведува дека министрите и премиерот одлучиле да се прошири опфатот на корисници на субвенции на земјоделците и донеле други мерки.

Името на Онишченко, во кратките вести на медиумите за владината седница од тој ден го нема. Но, го има во записникот од седницата што подоцна e објавен и се наоѓа на владината интернет-страница.

Во него се наведува: „Владата го разгледа Барањето на Олександр Онишченко, за прием во државјанство на Република Северна Македонија“ и „утврди позитивно мислење по барањето, имајќи го предвид позитивното мислење на Агенцијата за млади и спорт“.

Зад оваа формулација, наведена под точка 44 на владината седница, стои „чистото досие“ на Онишченко, кое го подготвиле македонските институции.

На прашањето на БИРН: „врз што се темели политичката одлука на македонската влада дека за државата е поважна промоцијата на коњичките вештини од политички багаж на Онишченко во Украина и во САД“, нема конкретен одговор.

Од таму само велат дека одлуката се базира на позитивните мислења од четири институции: Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за млади и спорт, Федерацијата на коњички спортови и Олимпискиот комитет.

Висок владин функционер, за БИРН, вели дека во процедурата за добивање државјанство за странци врз основа на спортски критериуми се вклучени четири инстанци – матичната федерација, во овој случај за коњички спортови, Македонскиот олимписки комитет, Агенцијата за спорт и млади и Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

Сите четири за Онишченко, тврдат нашите извори, даваат позитивно мислење, при што АНБ е должна да ја направи проверката за каква личност станува збор. Агенцијата, всушност, и последна го дава своето позитивно мислење на трети мај 2022 година, што значи дека го проверувале повеќе од една година.

За добивањето државјанство, иницијативата ја поведува Федерацијата за коњички спортови.

Ристо Јосифовски, претседател на коњичката федерација на Македонија, за БИРН потврди дека тие побарале државјанство за него. 

Во мислењето од Агенцијата за млади и спорт, кое БИРН го доби согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер, се наведува дека институцијата „не дала позитивен одговор за стекнување државјанство бидејќи е ненадлежна“. 

Меѓутоа, во мислењето испратено до Владата, Агенцијата се повикува на коњичката федерација, која „цени дека тој ќе го поддржи развојот на коњичкиот спорт“, дека има искуство како тренер и дека ќе ја претставува „нашата држава на врвни спортски меѓународни настани“.

Првиот датум што може да се најде за процедурата во македонските институции за Онишченко е 12 февруари 2021 година. На тој датум во истиот документ се наведува дека Македонскиот олимписки комитет (МОК) му дал позитивно мислење.

Првиот човек на МОК, Даниел Димевски, за БИРН вели дека иницијатор за ангажманот на Онишченко е коњичката федерација, а комитетот само оценил дека овој човек може да се пласира на Олимпијада под македонското знаме.

Димевски објасни дека се создава македонска репрезентација за овој спорт, покрај Онишченко има уште еден репрезентативец „позајмен“ од Словенија и оти коњите со кои тие двајца настапуваат (и кои се исклучително скапи) се во сопственост на Украинецот.

Во моментот на аплицирање за македонско државјанство, Онишченко веќе е еден месец на листата санкционирани во Соединетите Американски Држави, а државјанството го добива 17 месеци подоцна.

Онишченко сега е и македонски гласач, заведен на адреса во скопска центарска населба. Куќата во која се води дека живее не изгледа атрактивно, како што личи неговиот живот на Инстаграм.

Игор Пенов, поранешниот кошаркар на чија адреса се води украинскиот олигарх, во телефонскиот разговор за БИРН потврди дека „Онишченко му е кираџија“, но не сакаше да објасни како се запознал со него.

„Што ве интересира тоа… не ви давам интервју…“, е кусиот коментар што го добивме.

Кој е Онишченко?

Потерницата во Украина се уште е активна | принтскрин БИРН, извор украинско министерство за внатрешни работи

Украинските медиуми, со години пишуваат за неговата биографија. Тие наведуваат дека е израснат во ростовскиот регион, во денешна Русија, а татко му Раџаб Кадиров го дефинираат како Узбекистанец, кој во времето на Советскиот Сојуз работел како заменик-министер на Министерството за внатрешни работи на Узбекистан и шеф на Главниот оддел за извршување санкции при Министерството.

Раџаб, кој како што пишуваат украинските медиуми, бил советски генерал-мајор и сурова личност одговорна за малтретирање затвореници. Во обид да ја обели својата биографија, во доцните 1990-ти, тој го зел презимето на својата прва сопруга – Ала Хрихоривна Онишченко, го менува и првото име во Роман по што и синот Олександр го сменил презимето и станал Романович Онишченко.

Педесет и тригодишниот Онишченко завршил воена школа во украински Харкив на 22 години. На триесет и девет години добива уште една диплома, од Националниот универзитет за транспорт. По првото дипломирање работел во советската војска, а набргу бил пратен на служба во Германија. По враќањето во Украина, во 1990-те години почнува со бизнис, снабдување со гас од Туркменистан и Узбекистан во Украина.

Неговата компанија „Орион-Киев“ била главен снабдувач со гас на киевскиот регион.

Судејќи според медиумите, сегашниот македонски државјанин има колоритна политичка кариера во независна Украина. Ја почнува во 2010 година, кога станува заменик на регионалниот совет на Киев од „Партија на регионите“, на поранешниот проруски претседател Виктор Јанукович.

Во 2012 година влегува во парламентот и станува заменик на Врховната рада. По портокаловата револуција, која почна на крајот на 2013 година, додека на власт беше Јанукович, а по која во источната европска земја на власт дојде прозападна опција, предводена од политичарот и олигарх Петро Порошенко, Онишченко станува бизнис-партнер со него сѐ до 2016 година, кога украинската Антикорупциска комисија отвора предмет против него. Тој, како заменик-претседател на комисијата за енергенси на Врховната рада, е осомничен дека направил шема за користење на државните средства за набавка на гас во која биле инволвирани голем број лица, меѓу кои и неговата 72-годишна мајка. 

Осомничен е дека преку државната компанија за производство и дистрибуција на гас „Нафтогаз“ бил оштетен буџетот за над 100 милиони евра.

Тогаш украинското собрание му го одзема пратеничкиот имунитет, а Онишченко му станува најголем непријател на Порошенко.

Под образложение дека оди да настапува на спортски настан, тој заминува најнапред во Обединетото Кралство. Украинските медиуми ја пренесуваат неговата изјава дека „Олимпијадите чекаат на него“, а на својот профил на социјалните мрежи пишува дека заминува  за да се подготви за спортски настани.

Следната дестинација му е Шпанија, каде што, според украинските истражни органи, ги загубил сите судски спорови и требало да биде екстрадиран во Украина.

Од Шпанија, со ветување за големи инвестиции во коњичкиот спорт, заминал во Германија. Таму купил вила вредна 19 милиони евра.

Германската полиција, по барање на украинските истражни органи, го привела Онишченко во близина на градот Бремен кон крајот на 2019 година.

Германските власти одлучуваат да не го екстрадираат во Украина поради тоа што, како што пренесуваат медиумите, не се сигурни дека ќе бидат почитувани минималните стандарди на меѓународното право во врска со затворските услови, вклучително и Европската конвенција за човекови права.

Истовремено, германскиот суд ја укинува потерницата по него и тој е ослободен, меѓутоа Украина сѐ уште го бара.

На страната на украинското Министерство за надворешни работи, која редовно се ажурира, Онишченко е и натаму на списокот на лица по кои се трага.

Санкциониран во САД поради мешање во изборите

Одлуката на САД да го стави Онишченко на листата санкционирани личности | Принтскрин БИРН

Но, работите за Онишченко, на ниво на скандал во меѓународната политика, се издигнуваат во јануари 2021 година, кога Соединетите Американски Држави воспоставуваат санкции за него поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори што се одржаа претходната 2020 година“.

Американските власти тврдат дека Онишченко му предал „преработени аудиоснимки“ од наводните разговори меѓу поранешниот украински претседател Петро Порошенко и тогашниот потпретседател на САД, Џо Бајден, на Андриј Деркач, независен украински пратеник, за кој се тврди дека е прв човек на наводната мрежа на Кремљ.

Деркач почна со објавување на снимките во 2020 година. На една од нив, снимена на 18 февруари 2016 година, а на која се тврди дека се слушаат гласовите на тогашниот Бајден и Порошенко, се разговара за соработката на Украина со Меѓународниот монетарен фонд, за национализацијата на Приватбанк на олигархот Ихор Коломојски и за активностите на украинската енергетска фирма „Бурисма“, каде што синот на Бајден, Хантер Бајден, своевремено работеше во одборот директори.

Во периодот кога беше објавена снимката, актуелниот претседател Бајден беше водечки кандидат за претседател на Демократската партија. Негов противкандидат беше Доналд Трамп.

Онишченко не одговори на нашите обиди да стапиме во контакт преку неговите профили на социјалните мрежи.