Анализи

Изненадувачки изборни резултати со неизвесни комбинаторики

Кои се најголемите изненадувања од парламентарните избори и какви промени ќе донесат тие.

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Неизвесноста при составувањето на новата Влада и голем број изненадувања во поглед на изборните резултати се нешта по кои најверојатно најмногу ќе се помнат последните парламентарни избори кои влегуваат во македонската историја како избори со најтесен резултат досега помеѓу двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Надвор од тоа, од албанскиот блок особено изненадување беше и движењето БЕСА, нов политички субјект на македонската политичка сцена, кој, како што веќе пишувавме, е сосема автентичен во смисла што не произлегува од традиционалните партии ДУИ и ДПА. Со освоени 57.927 гласови или 4,87 отсто од гласовите, ова движење покажа дека ја има  довербата кај гласачите. Впрочем, БЕСА поднесе и  8 приговори до Државната изборна комисија (ДИК) и очекува, надвор од веќе добиените 5 пратенички мандати, да земе уште едно или две пратенички места на сметка на ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на БЕСА, Биљал Касами, денеска на средбата со норвешкиот амбасадор му ги пренел ставовите на движењето дека најдобро преодно решение во ситуацијата по изборите е формирање широка коалициска влада, а генералниот секретар на партијата, Африм Гаши, изјави дека за нив е невозможна опција да коалицираат со ДУИ.

Општини кои најмногу ги поместија резултатите

izbori2016_1

Разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Центар беше над 8 илјади гласови | Фото: МИА

Голем број општини, кои досега беа гордост за гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ, на овие избори потфрлија и покажаа сериозен пресврт во резултатите. Една од нив е Аеродром, општина која на изборите во 2014 година покажа дека над 50 отсто од гласачите се определуваат за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Годинава, гласачкото тело за 8 отсто повеќе го дава својот глас за опозициската партија, па сега СДСМ е во предност пред ВМРО-ДПМНЕ за речиси 2 илјади гласачи.

Уште една таква општина е Дојран, каде што во 2014 година, над 57 отсто од гласачите се определиле за ВМРО-ДМНЕ, а над 32 отсто за СДСМ. На изборите во неделата, во Дојран се гледа голема разлика. ВМРО-ДПМНЕ губи 8 отсто од гласачите кои го менуваат својот избор и се определуваат за СДСМ. Слична е ситуацијата и со Битола, Ѓорче Петров, Струга, Дебар, како и огромните разлики на гласови во Центар и во Карпош.

rezultati-opstini

Едно од најголемите изненадувања е и општината Сарај, каде што се гледа промена на изборно решение кај речиси 4 илјади гласачи – гласале за ДУИ, а сега се определуваат за друга политичка опција. Ако во 2014 година за ДУИ гласале 10.667 гласачи, годинава бројот паѓа на 6.615. Довербата на гласачите во оваа општина се зголемува на сметка на СДСМ – ако во 2014 година само 323 гласачи се определиле за СДСМ, годинава, таа бројка расте на 2.973.

„Тоа што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ изгубија голем број гласови, за мене не е големо изненадување, бидејќи тоа ја отсликува реалната ситуција во земјава. За мене најголемо изненадување е албанското гласачко тело, кое се одлучи да гласа и за трета опција. Токму затоа, БЕСА и Алијансата на Албанците се најголемата новина на овие избори. Освен тоа, новина е и тоа што голем дел од албанското гласачко тело се определи за СДСМ, што значи дека партијата успеала да се доближи до овие гласачи“,  вели за БИРН политичкиот аналитичар Никола Дујовски и додава дека со Македонците тоа не е случај.

„Тие покажаа дека се определуваат или за ВМРО-ДПМНЕ или за СДСМ, трета опција не препознаваат и таа ситуација нема наскоро да се смени “.

Доказ за тоа е и поразот на Коалицијата ВМРО за Македонија на Љубчо Георгиевски, Стојанче Ангелов и Љубе Бошкоски, која не доби ниту едно пратеничко место, слично како и „Левица“ и Либералната партија на Ивон Величковски и Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.

Јавноста бурно реагираше на резултатите во Стајковци, Гази Баба, каде што и покрај поплавите што се случија во оваа општина и незадоволството што го изразуваа жителите од власта, најголемиот број гласови сепак отидоа за ВМРО-ДПМНЕ.

stajkovci

Од овие изненадувања, впрочем, настана и пат-позицијата што се создаде на предвремените парламентарни избори, како и можноста за комбинаторики меѓу партиите. На овие комбинаторики тешко им се гледа крајот, особено ако се земе предвид реториката кај партиските лидери. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, порача дека „Никола Груевски не смее да формира Влада“, ниту да се поништи јасно изразената изборна волја на граѓаните за промени. Од БЕСА, пак, зборувајќи за ДУИ, искоментираа дека „нема да коалицираат со луѓе што се длабоко навлезени во криминални и коруптивни зделки“.

„Си играат со трпението на трпелив човек. Си играат со гневот на трпелив човек“, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи му на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, да не ја турка државата во сценарио што не е добро.

Оттаму, од изненадувањата што произлегоа од изборните резултати, произлегуваат и сите изненадувања што ќе претстојат периодов – кој и како ќе ја состави новата Влада.