Регион

Како Радован Караџиќ го искористи бунтот на војниците на ВРС

Документите од архивата на Хашкиот трибунал откриваат како бунтот на војниците бил искористен за јакнење на Караџиќ во 1993

Околу полноќ, на 9 септември 1993 година, војниците на 16-тата моторизирана оклопна бригада и на некои другите единици на првиот краишски корпус на ВРС, ги напуштија своите позиции во западните делови на Република Српска.

Побунетите војници влегоа во Бања Лука, после 3 часот по полноќ, на 10 септември, објави тогашниот бањалучки весник „Глас српски“.

Пред да влезат во Бања Лука, војниците ги блокираа сите пристапни патишта што водат кон градот. Тие ја зазедоа зградата на центарот на безбедносните служби на Министерството за внатрешни работи, откако припадниците на центарот, во 5:30 часот, без ниту еден испукан куршум, им се предадоа. Бунтовниците ја презедоа контролата над центарот, а потоа го блокираа пристапот до сите клучни градски институции, вклучувајќи ја и Радио Телевизија Бања Лука.

Тие ги суспендираа сите цивилни власти и формираа таканаречен Кризен штаб. Командната зграда на првиот краишки корпус на ВРС беше зазедена околу 7 часот наутро, стражари беа распоредени околу просториите, а тенкови на раскрсниците што водеа кон командата.

Две години, од 1991 година, кога започна војната во Хрватска, до 1993 година, Бања Лука беше далеку од фронтот и не беше директно изложена на воени активности.

Сепак, градот претрпе големи економски, социјални и културни промени. На почетокот на 90-тите, жителите од несрпска националност и политичките противници на владејачката Српска демократска партија (СДП), беа егзекутирани или протерани од Бања Лука.

Во периодот кој водеше до бунтот, жителите на Бања Лука и околината, беа во информативен „мрак“; немаа телевизија, а на единствената локална независна радио станица, емитувањето ѝ беше забрането.

Локалниот весник, „Глас српски“, под контрола на луѓе блиски до претседателот на Република Српска, Радован Караџиќ, стана единствениот достапен медиум и играше голема пропагандна улога во насочувањето на бунтот.

Околу пладне, на 10 септември, во просториите на ТВ Бања Лука се одржа прес-конференција, на која, покрај претставниците на Кризниот штаб, односно самопрогласените водачи на бунтот, и на одборот на акцијата „Септември ’93“, присуствуваа и Предраг Радиќ, претседател на општинското собраните на Бања Лука и Радислав Вукиќ, претседател на СДП Бања Лука.

По конференцијата, се одржа митинг на плоштадот Краина, организиран од одборот на акцијата „Септември ’93“, на кој присуствуваа бројни граѓани. На митингот, побунетите војници ги претставија своите барања.

Тие нагласија дека се кренале против профитерите кои остварувале финансиски профит на жртвата на војниците во војната и против несоодветното признавање на таа жртва од страна на властите. Војниците побараа итно подобрување на условите за живот на семејствата на загинатите војници во војната, но и политички промени и промени во воените и судските институции.

Бунтот се одвиваше во комплициран момент на војната. Тој се совпадна со контроверзната воена операција на хрватската војска (ХВ), „Медачки џеб“, против таканаречената самопрогласена територија на бунтовничките хрватски Срби, Република Српска Краина (РСК), која операција, пропагандистите во РС, ја користеа како аргумент за поширока мобилизација.

Во самата Босна и Херцеговина, политичкиот контекст стана покомплициран, бидејќи беа воспоставени други две самопрогласени територии – силите на босанските Хрвати, поддржани од Загреб, прогласија формирање на Хрватска Република Херцег-Босна, додека локалниот бошњачки моќник, Фикрет Абдиќ, прогласи формирање на Автономна покраина Западна Босна.

Акцијата „Септември ’93“ се случи и во време кога политичкото раководство на Република Српска (РС), сугерираше дека ентитетот ќе добие меѓународно признавање како држава. На разговорите во Женева, за она што подоцна ќе стане познато како мировен план на Овен и Столтенберг, меѓународната заедница ја претстави војната во БиХ како конфликт меѓу трите завојувани страни – Бошњаците, Хрватите и Србите – игнорирајќи го фактот дека Босна и Херцеговина беше држава признаена од ООН.

Караџиќ го искористи бунтот

Радован Караџиќ во судницата во Хаг / Фото: МКТЈ

Радован Караџиќ во судницата во Хаг / Фото: МКТЈ

Побунетите војници не се спротивставија на етничкото чистење што се случи во РС, а себеси се гледаа како високо морални воини, кои се фатија во коштец со предавниците во редовите на сопствениот народ.

Барањата на побунетите војници добија широка поддршка од јавноста, а телеграми за поддршка пристигнаа и од бројни компании и фирми.

Но, Радован Караџиќ и политичкото раководство на РС, брилијантно брзо и вешто избегнаа да бидат таретирани како воени профитери и успеаја да го канализираат незадоволството кон неименувани престапници и „непријатели“.

Веднаш по започнувањето на бунтот, Караџиќ објави дека ќе ги „поддржи“ барањата на бунтовниците и ќе ги прифати барањата на нивниот Кризен штаб, со што, од самиот почеток, беше поткопана акцијата „Септември ’93“.

Првото отворено несогласување со војниците дојде од командантот на првиот краишки корпус, генерал-полковникот, Момир Талиќ. Талиќ напиша текст во весник во кој ги повика војниците да се вратат на фронтот, користејќи мотиви на српската националистичка пропаганда и наведувајќи дека на Србите во Босна им е потребна сопствена држава, бидејќи тие се во опасност од муслиманите и Хрватите.

Хашките архиви ја расветлуваат заднината на востанието

Материјалите од архивата на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), укажуваат на тоа дека не биле точни научните тврдења кои сугерираа дека бунтот е насочен против раководството на Караџиќ.

Стенографските белешки од седницата на Народното собрание на Република Српска (НСРС), што се одржа за време на акцијата „Септември ’93“, покажуваат дека вистинската цел на востанието била да се обезбеди позицијата на Караџиќ на чело на РС.

Поточно, да ѝ се укаже на јавноста, на политичкото и на военото раководство во РС, на катастрофалните последици што ќе уследат, доколку на политичкото раководство, предводено од Караџиќ, му се ускрати власта и доколку биде лишено од својата позиција на моќ.

Милан Гверо, член на Главниот штаб на ВРС и близок соработник на генералот, Ратко Младиќ, на седницата на Собранието ги изрази своите сомневања дека високи политички функционери, всушност, ги влечат конците на побунетите војници.

„Добивме впечаток што нè наведува да веруваме дека тука се вклучени одредени повисоки хиерархиски нивоа, кои седат позади таканаречениот Кризен штаб, кои дејствуваат како раководство и ги насочуваат сите активности, без нивната политичка природа да им биде откриена на сите членови на таканаречениот Кризен штаб, а камоли на војниците и граѓаните, кои беа изманипулирани во овие тешки времиња. Досега не успеавме објективно да ги идентификуваме овие ‘повисоки нивоа’“, рече Гверо.

Сепак, Гверо, додаде дека бунтот, кој заврши без „да се пролее српска крв“, го гледа како можност за обединување на српскиот народ зад една цел.

„Верувам дека како држава, како војска и народ, ќе излеземе од сето ова уште посложни, посилни и борбено поспособни, бидејќи тоа го налага ова време, нашата мисија и интересот на српскиот народ“, истакна тој.

Во воениот извештај презентиран пред Собранието, Караџиќ беше опишан како вешт, трпелив и упорен преговарач, кој комуницирал со водачите на бунтот и најмногу придонел за завршување на операцијата „Септември ’93“ – „на мирен начин, без жртви или какви било поголеми последици“

Од она што беше кажано на седницата на Собранието, не стана јасно кој точно ги изманипулирал војниците за да извршат „пуч“ во Бања Лука, но беше јасно дека станува збор за некого од редовите на самата власт.

На крајот, востанието ги демистифицираше целите на српските националистички водачи, откривајќи ги криминалните мотиви кои коегзистираа со нивната желба да создадат српска држава и покажувајќи ја нивната намера да ја ограбат Босна и Херцеговина.

Един Омерчиќ (Edin Omercic) е истражувач кој работи на Институтот за историја во Сараево, како специјалист за модерна историја. Оваа статија е резиме на истражувачки труд, подготвен од авторот, во соработка со БИРН. Целиот труд може да го прочитате на овој линк.
Овој текст и истражувачки труд се создадени во рамките на програмата на БИРН, Балканска транзициска правда, со поддршка на Матра регионалната програма за владеење на правото.