Регион

Како жители на Липље ослободиле воен логор

Најновиот текст од серијалот на БИРН, „Заборавени жртви“, говори за логор во близина на Зворник, Босна и Херцеговина,

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Менсура Хасиќ имала 23 години кога, во април 1992 година, со сопругот, осуммесечниот син и тригодишната ќерка, била заробена во логорот во селото Липље, кај градот Зворник, во источна Босна, кој го воделе силите на босанските Срби.

„Кон децата лошо се однесуваа. Ми велеа, на пример, да одам и да им направам чај, а потоа доаѓаа и пукаа во лустерите, каде што беа децата. Децата беа преплашени“, вели Менсура.

Возрасните биле третирани уште полошо. Во тие девет дена, колку што поминала во логорот во Липље, Менсура била одвоена од децата и била силувана.

Петтиот ден, тие го зеле нејзиниот сопруг, заедно со уште двајца мажи. „Тие ги одведоа во правец на Снагово, каде ги убија“, раскажува таа.

На почетокот на војната, во април 1992 година, основното училиште „Липље“ и две блиски приватни куќи, биле претворени во еден од најозлогласените логори во општината Зворник, каде, според преживеаните, биле затворени околу 460 лица.

Досега никој не одговарал за убиствата во овој логор, ниту за тортурата и силувањето на мажите и на жените.

„За жал, никој до сега не одговараше за ужасите што беа извршени над нас. Не знам како е можно никој, до ден денешен, да не одговара за злото извршено над нас, цивилите“, истакнува Менсура.

Деновите што ги поминала во логорот и денес ѝ се враќаат пред очи.

„Беше ужасно. Гледав како земаат мажи, девојчиња, жени … Мажите ги тепаа и убиваа, жените ги водеа на друго место. Нѐ водеа на силување“, се сеќава таа.

„Сешто имаше, тешко ми е да зборувам за тоа. Толку многу емоции се будат во мене. Сакам да го заборавам тоа, но сликите постојано ми се враќаат. Не можам да не мислам, да не размислувам“, вели Менсура.

Таа, нејзиниот син и нејзината ќерка преживеале. Тие повеќе од 20 години живеат во Австрија. „Тие се успешни и образовани луѓе во оваа земја“, нагласува таа.

„Се плашев дека ќе ја убијат мајка ми“

Сафет Ќормејиќ, кој бил затворен во логорот на 13-годишна возраст. Фото: Маја Николиќ

Сафет Ќормејиќ имал само 13 години кога го одвеле во логорот, заедно со неговиот постар брат, со мајка му и татко му. Тој, прво, неколку дена, бил со неговиот татко, но бидејќи на мажите не им била давана храна, а бидејќи тој бил дете, го префрлиле кај неговата мајка.

„Бев меѓу мажите шест дена, но немав што да јадам. Преживував со коцка шеќер и чаша вода. Гледав како луѓето ги земаат и ги враќаат крвави. Бевме сместени во една просторија и бевме свиткани цело време, не можевме да ги испружиме нозете“, вели Сафет.

Се сеќава како еден ден стражарите дошле во собата со секири, удирале во довратниците и по прозорците и им рекол дека ќе ги заколат со тие секири. Кога го префрлиле кај неговата мајка, се сеќава дека ги буделе среде ноќ и чукале на вратата.

„Тие ги вадеа жените, една по една. Тие велеа дека ги носат дома, за да им го дадат златото. Кога ги водеа, два или три часа ги немаше“, вели тој.

„Се сеќавам дека ги зедоа мајка ми и една сосетка. Тогаш почнав многу да плачам, бидејќи бев дете, се плашев. Се плашев дека ќе ја убијат мајка ми. Тие се вратија после два-три часа“, се сеќава Сафет.

Татко му бил убиен во логорот во Липље, а неговата мајка веднаш откако успеале да избегаат од него.

„Кога тргнавме да бегаме, тие почнаа да пукаат кон нас. Мама легна над мене, да ме заштити, и еден куршум ја погоди во главата. Половина од главата ѝ беше разнесена“, истакнува тој.

„Куршумот ме погоди во рака. Паднав и по 20 минути, кога си дојдов на себеси, ја видов мајка ми како ми лежи на нозете“, вели тој.

Никој не е обвинет за злосторствата во логорот

 

Куќа во Липље што била користена како дел од логорот. Фото: Маја Николиќ.

Логорот во Липље се наоѓал на неколку метри од куќата на Паша Салиховиќ, која, исто така, била заробена. Сахиловиќ, која претрпела бројни тортури, сè уште има лузни по рацете и по нозете. Таа особено се сеќава кога ѝ ставиле голем нож под окото и ја прашала кое око сака да ѝ го извадат.

Таа вели дека ѝ барале пари затоа што нејзиниот сопруг бил во Германија: „Им реков дека немам и дека нема да им дадам. Ме пцуеја … и се заканија дека ќе ме убијат и ќе ме заколат“.

„Нашите соседи ни го направија сето тоа и тие сè уште се на слобода. Нормално шетаат низ селото. Јас дури и купив шума од еден. Не знам што точно правел, но го видов таму во логорот“, вели Паша.

Жителите на Липље изјавија дека во логорот го виделе и човекот по име Пeцо. Кога БИРН контактираше со него по телефон, тој ги обвини другите дека ги принудиле српските жители на селото, да ги апсат локалните Бошњаци.

„Нас нè тераа како овци да ги собираме мештаните … Што се случи, се случи. Јас бев, што морав да бидам, нѐ тераа нас, мештаните“, објаснува тој.

Тој вели дека бил стражар во логорот само неколку дена. „Моравме да одиме, затоа што тие ни се заканија дека ќе нѐ убијат“, вели тој.

Локалното население идентификувaло некои од силите, наводно, вклучени во злосторствата во Липље. Мухарем Синановиќ Шишко, за БИРН нагласува дека ЈНА веќе пристигнала на 8 април и „побара од нас да го предадеме оружјето“.

Но, неколку дена подоцна, пристигнале и други војници, со ознаки на кои пишувало, „Бели орли“. „Некаде околу 460 луѓе беа заробени и затворени во логорот, а 27 беа убиени“, додава тој.

Синановиќ истакнува дека еден од оние што вршеле злосторства, често минува низ Липље.

„Секој пат на годишнината (на убиството на жртвите), тој намерно става кокарди (четничко обележје) и се вози овде покрај логорот. Никогаш не би поверувал дека е подготвен за такво нешто. Мислев дека е човек, наш сосед“, потенцира Синановиќ.

Кантоналното обвинителство на Тузланскиот Кантон, во 2004 година му го предало предметот што го водело за логорот Липље, на Обвинителството на Босна и Херцеговина, но обвинение против одговорните за злосторствата, не е поднесено. Само неколку пати сведоците на злосторствата биле повикувани да дадат искази.

Од Обвинителството на БиХ за БИРН изјавија дека „има предмет поврзан со логорот Липље крај Зворник“ и дека е сослушан голем број на сведоци и жртви.

„Работата на овој предмет е отежната, бидејќи како осомничени се наведуваат лица од територијата на Србија, чиј идентитет не им е целосно познат на сведоците. Во принцип, се работи на случајот“, се вели во одговорот на Обвинителството на БиХ.

„Сите злосторства ги извршија нашите соседи“

Паша Синановиќ, една од малтретираните затвореници. Фото: Маја Николиќ.

Неџад Хасановиќ е роден, израснал и живеел веднаш до злогласниот логор во Липље. Татко му го одвеле и го убиле. Тој бил трговец, чија продавница била ограбена. Неговите останки до денес не се пронајдени.

За сè што се случувало во логорот, на селаните им кажала тинејџерката Хасрета, која успеала да избега од логорот и да ги предупреди.

Разим Омеровиќ во тоа време имал 16 години и одел во истото училиште со Хасрета. Тој се сеќава дека ја видел како трча низ шумата, откако таа избегала од логорот.

„Почнав да ја довикувам и таа дојде кај мене. Ми кажа што се случува во логорот“, раскажува Омеровиќ. Хасрета побара од БИРН во овој текст да биде именувана само по име.

Откако слушнале за ситуацијата во логорот, Бошњаците се собрале и на 2 јуни 1992 година решиле да ги ослободат затворениците. Омеровиќ им се придружил и покрај тоа што не бил вооружен.

„Логорот беше полн со мали деца, постари луѓе“, вели тој. Се сеќава дека внатре имало голем натпис „Бели орли“ и дека во логорот биле распоредени војници и од другите делови на Босна и Србија, но тој нагласува: „сите злосторства ги извршија нашите соседи“.

„Не можев да верувам дека на нас доаѓаат нашите наставници и професори, нашите соседи“, вели Разим.

Синановиќ го водел ослободувањето на затворениците.

„Мене толку впечатлива ми остана една слика на девојче во логорот, која имаше околу 12 години. Таа спиеше и беше гола“, се сеќава тој.

„Ја покривме и отидовме понатаму во ослободување. Подоцна сфативме дека е мртва. Што ли ѝ направиле, на какви сѐ начини ја злоставувале?! Таа слика ме следи цел живот “, потенцира Синановиќ.