Интервјуа

Кардула: Со шарен клин во сивилото

Интервју за БИРН со графичкиот дизајнер Зоран Кардула

Џими Хендрикс, Вуди Ален, Долорес Ибарури, Марчело Мастројани, Густав Климт, но и скопскиот земјотрес, антифашистичката борба, бруталистичката архитектура, Скопскиот џез-фестивал, Оф-фест, Југославија, различностите, па и есента… Сите овие мотиви му биле инспирација на графичкиот дизајнер и илустратор Зоран Кардула.

Тој во интервју за БИРН ја сублимираше 2021 година, додека „друштво“ ни правеа дел од неговите постери, кои ги облагородуваа ѕидовите во скопско кафуле.

Пред почетокот на годината со три двојки, говореше за уметноста како форма на личен ескапизам, за различноста како второ име за животот…

Година на борба и „заборавени“ насмевки

Кардула не би ја нацртал 2021 како лик | Фото: Роберт Атанасовски

Црвен круг со борбa на бои и геометриски форми, инспириран од Лазар Лисицки, рускиот авангарден уметник. Кардула вака би ја илустрирал 2021 година.

Илустрација | Зоран Кардула

„Не би ја нацртал како лик. 2020 и 2021, тие години ми се споени како изгубени, празни години во однос на дружба, социјализација, која ми е многу битна, но од друга страна многу продуктивна…“, вели тој, додавајќи дека тоа е истиот мотив од 2020, „каде со шарен клин го прободуваме сивилото“.

Разговорот го почнавме токму со пресек за тоа со каква лична меморија ќе „складира“ за 2021 година. Со глас што фатил „патина“ од борба, говореше дека годинава не е многу поразлична од 2020.

Зборуваше во прво лице еднина, но, всушност, постојано правеше амалгам со прво лице множина. Зборот кој и нему, и како што вели нам како општество ни ја одбележа годината, е борба.

„Навикнати сме да се бориме, но мора да ги видиме и позитивните страни од борбата“, вели тој, со јасен став дека секоја борба го челичи духот.

И покрај личните и колективни борби, годинава му била мошне продуктивна.

„Во продукција имам многу, над 350 илустрации“, ни кажа со насмевка, дистанцирајќи се од впечатокот дека за некои тоа е лизгав терен со комерцијалата.

Но, мерката за тоа, како што рече, е пола – пола. „Пола се нарачки, пола се „за душа“.

Илустрација на часовникот „Дениција“ | Зоран Кардула

Ова кондензирано корона-време постојано му носело инспирација, а плод од него се и првиот локализиран дизајн на „Своч“ (Swatch) часовникот на кирилица „Дениција“, потоа графиките за голема компанија со игри…

Неговиот дом е творечкиот микрокосмос, околу кој му гравитираат идеите за многу илустрации и постери што ги споделува на социјалните мрежи.

И покрај пандемијата, и сè што треба да го разбуди човечкото во луѓето, вели дека општеството и годинава било скарано, а прострујувала и негативна енергија, особено на социјалните мрежи, што и лично го засведочил.

„Не сме растени ние во ваква средина. Ова е нетипично за нас“.

Со дозиран сентимент за, како што вели, добрите, но бавни општествени промени, смета дека, наместо да живееме, преживуваме.

Луѓето поради тоа „забораваат“ да се смеат, а по тој сјај во очите се гледа колку човек е жив.

Над 20 години графичка уметност

Педесет и четиригодишниот Кардула е родум од Крушево. По професија е електроинженер, а со графички дизајн се занимава повеќе од 20 години. Уметничкото портфолио му е неисцрпно: дизајнер е на постери за Скопскиот џез-фестивал, Офф-фест, Скопскиот филмски фестивал, учесник на многу изложби, настани…

„Баш сега има изложба каде што учествувам. Поентата на изложбата е ‘Насмеани очи’. Да ги вратиме тие насмеани очи. Тоа беше за лица со попреченост, но важи и за секаде“.

  Најголемиот дел од времето, со жар во очите говореше за Ерато, неговата аутистична ќерка, која е центарот на нивниот свет и на која ѝ посвети книга со илустрации. Таа, вели Кардула, им создала „домашен енергетски универзум“. Иако првите години биле оловно тешки, се привикнале сите на тој свет и сега би им изгледало чудно ако е поинаку.

„Имавме страшни проблеми со прифаќањето на Ерато. Сега на родителите им е малку полесно. Сѐ менува на подобро“.

Ерато имала мал регрес поради короната, но, како што вели, сега е добра. Другата ќерка тргнала по неговите чекори, па магистрирала графички дизајн.

„Здрави сме, во оваа ситуација, тоа е најбитно“.

Говор на омраза под илустрација

Во подем се сили кои покажуваат нетрпеливости кон различноста, вели Кардула | Фото: Роберт Атанасовски

Понекогаш револт, понекогаш радост. Ликовите и настаните што ги илустрира Кардула оставиле некаква трага во минатото. Некогаш извираат и од сегашноста, но понекогаш, вели, ќе се засити и од неа, па „бегство“ бара во други, имагинарни текови.

„Гледам и се фаќам самиот како сакам самиот да излезам од тој свет и да избегам. Можеби тоа е грешка, но бегам од реалноста…“

Илустрација | Зоран Кардула

Илустрацијата му е и задоволство и протест. Говорејќи за уметноста, го прашавме колку таа може да го промени светот, особено низ максимата на Андре Бретон дека „уметноста или ќе биде грчевита или нема да ја има“.

Ни одговори со пример кога неодамна поради негова илустрација на социјалните мрежи, како што рече, бил таргет на напади.

„За илустрација посветена на интернационалните бригади во Шпанија, што е нешто најсветло што можело да му се случи на човештвото за да се бори против фашизмот, добив лавина негативни коментари, критики и навреди, говор на омраза“.

Во однос на уметноста, која ги портретира различностите, говореше дека повторно во подем се такви сили, кои отворено покажуваат нетолеранција и не почитуваат различности.

„Фашизмот повторно е во експанзија. Веќе отворено. Тоа е страшно и мора да се смени. Мора да се избориме за убавото. Мораме да се избориме за прифаќање на различностите“, вели Кардула и притоа потсети дека културата мора да биде општествен двигател, а сега, за разлика од порано, ја нема таа моќ.

„Извади ја убавината од човек“

Еден од плановите му е нова изложба | Фото: Роберт Атанасовски

На прашањето какво е чувството кога на пример ќе го погледне постерот на Скопскиот џез-фестивал што го дизајнирал, вели дека му е задоволство што го гледа, зашто самиот процес на творење е „влез во еден убав свет“.

Илустрација | Зоран Кардула

Како успева да го транспонира карактерот на ликот во илустрација, или дизајн? Рецептот е, како што вели, „да се извади убавината од некого“.

Како фриленсер, кој четири години работи од дома, раскажа дека сега ја има поголемата слобода да твори.

„Не дозволувам да се прават корекции на дизајнот. Тоа ме претставува мене и мојата работа и секогаш се трудам да го понудам најдоброто од себе. Ако не им се допаѓа, мислам дека нема простор за понатамошна работа зашто понатаму веќе сум само техничка алатка“. 

Особено му е пријатно, рече, кога некој ќе купи негова слика или илустрација и кога ќе ја види нивната радост.

Ни остави скромен впечаток дека не е „кројач“ на преголеми планови за 2022.

„Би сакал да направам изложба, одамна не сум направил“, ни кажа Кардула.

Шаренило за сивилото

Шаренило наспроти монохроматската реалност | Фото: Роберт Атанасовски

Отворено и без задршка се присетуваше како било на улиците додека со неговата ќерка и блиските активно протестирале како дел од Шарената револуција.

„За мене тоа беше голем општествен напредок“.

Постер за Офф-фест 2021 | Илустрација на Зоран Кардула

Ако нешто, најмногу влијаело врз развојот на неговата ќерка, убеден е дека тоа се токму тие денови. Спонтаноста на протестите, контактите со многу други луѓе и самата атмосфера, придонеле за Ерато најмногу да напредне.

Но, свесен е дека на политички план, сите ветувања не се реализирале.

„Многу луѓе тоа го гледаа низ призма да имаат личен бенефит, но тоа беше една значајна промена, за да се надмине сивилото и да се прифати шаренилото“.

Јасно е, вели, дека големите промени не се случуваат нагло и наеднаш.

„Премногу очекувавме дека по Шарената, ќе има нагли промени. Тука е и големата разочараност“.

Сепак, рече дека „шаренилото е богатство“, а различностите што постојат на повеќе нивоа во општеството ѝ даваат колор на монохроматската реалност.

„Има потенцијал и мора да има. Не смееме да го оставиме сивилото. Мора да се фати чекор напред“, ни кажа Кардула.

Очекувањата, како што рече, е дека брзината за промени можеби не е доволна, но сигурно насоката е добра.