Актуелно

Кои критериуми натежнаа при изборот на Пендаровски

До изборот на заеднички кандидат на владеачката колаиција воопшто не се дошло лесно

„Огромна е честа да бидеш поддржан од претставници на сите етнички заедници, од 31 политичка партија, но, и од многу граѓани кои воопшто не се членови на политички партии и не се постојано ангажирани во политиката”, изјави за БИРН заедничкиот претседателски кандидат на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, по неговото официјално номинирање.

„Посебна благодарност сакам да изразам до политичката структура, предводена од СДСМ и лично до премиерот Заев, кои направија политички потег без преседан, по пет години да ми дадат шанса повторно да влезам во трката за претседател, откако во 2014 година, сите нив, бевме предмет на брутален изборен инжинеринг. Од вчера, во раце ми е дадена голема политичка одговорност, која во месеците и годините што се пред нас имам намера да ја оправдам во целост, во интерес на подобриот и посреќен живот на сите наши граѓани“, вели Пендаровски.

Толкување на анкети

Стево Пендаровски во кампања за претседател во 2014 година Фото:Роберт Атанасовски

Кои критериуми натежнаа при изборот на заеднички кандидат?

„Беше тоа долга и сложена селекција, врз основа на повеќе анализи и со бројни испитувања на јавното мислење“, објаснуваат за БИРН упатени во постапката.

Според нив, до изборот на заеднички кандидат воопшто не се дошло лесно. Не само поради најавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека „не оди на туѓа свадба“, со која тој во почетокот на февруари алудираше дека закажаниот Конгрес на СДСМ еднострано води кон избор на строго нивен, а не кон консензуален кандидат, туку и затоа што во еден период дел од анкетите (интерни и јавни) носеа сомнеж за вистинските проценти на доверба.

Тоа беше период во кој непотребно се мереше и рејтингот на премиерот Заев, и покрај тоа што тој децидно соопшти дека нема да биде претседателски кандидат. Високите процентите што отидоа на негово конто, го замаглија вистинскиот процент на доверба што би го добиле реалните кандидати за претседателската трка. Тие девијации подоцна биле поправани со други анкети. Но, не и без дополнителни игри.

„Имаше изолирани обиди при толкувањето на некои од резултатите од истражувањето на јавното мислење да се спакува перцепција во корист на еден од кандидатите. Тоа се ситуации, кога процентите на доверба добиени на терен јасно говорат едно, но при толкувањето да се ставаат во корист на одреден кандидат. Сето тоа, како резултат на лични преференци и на странични лобирања. Но, бидејќи беа спроведени повеќе компаративни истражувања, паднаа во вода обидите посттеренски, канцелариски да се исфорсира некој кандидат“, велат извори кои имале увид во повеќе резултати од испитувањето на јавното мислење.

Покрај анкетите како задолжително четиво, пресудни за изборот стануваат анализите во рамките на СДСМ, и консултациите со коалициските партнери, особено со помалите етнички заедници, но и со албанските опозициски партии, без оглед што тие најавија дека на изборите ќе настапат со свој кандидат. И покрај ваквите широки консултации, изборот на заеднички кандидат беше неизвесен до самиот крај, бидејќи до последен миг во трка остана фаворитската четворка. Партиски извори тврдат дека можеби е поточно е да се зборува за фаворитска „тројка“, бидејќи наводно Шекеринска не рефлектирала амбиција како другите кандидати.

Процес на селекција

Процентите покажуваат дека граѓаните сепак многу повеќе се наклонети кон непартиски кандидат, отколку кон партиски.Фото: Роберт Атанасовски

На анализа биле ставени резултатите од испитувањето на јавното мислење, кои генерално покажале дека владејачката коалиција нема да згреши ако кандидира кого било од фаворитската четворка: имено, според добиената доверба секој од нив би имал потенцијал за изборна победа.

Првата клучна пораката од граѓаните била дека се подготвени да го дадат својот глас за кандидат кој ќе биде вистински антипод на Ѓорге Иванов. Втората порака – дека им се прифатливи буквално сите кандидати кои ќе стават крај на такво претседателствување. Одлучувачка во финишот станува третата порака: процентите покажуваат дека граѓаните сепак многу повеќе се наклонети кон непартиски кандидат, отколку кон партиски.   

Ова, сепак, не му го олеснува изборот на Заев. Дилемата станува доминантна, во време кога на маса е избор меѓу две „листи“: на едната се партиските кандидати Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, кој има мала предност пред неговата сопартијка, а на друга – непартиските фаворити Никола Димитров и Стево Пендаровски. Притоа Пендаровски е во поголема предност според добиената доверба, но и двајцата се во предност пред партиските фаворити. И покрај високиот рејтинг, Димитров, добил помалку проценти на доверба од Пендаровски, особено во албанскиот електорат.

Селекцијата на фаворити меѓу партиските и непартиски кандидати во финалето кристализира две имиња: Спасовски и Пендаровски. Во конечниот избор, Пендаровски ги има двата адута на своја страна: висок рејтинг кај граѓаните, и аура на непартиски кандидат што според анкетите е клучно во префренцијата на граѓаните. Клучна за изборот е и проценката дека од вкупниот корпус на гласови, 80 отсто се очекуваат од гласачкото тело на СДСМ, а 20 отсто од абанскиот електорат. Одговорот на прашањето „Кој најдобро поминува таму?“, повторно оди на контото на Пендаровски. 

Одлучуваа и реформите

Но, врз овој избор, иако невидлива, клучна улога има и еден друг фактор – актуелниот контекст и очекувањата за спроведување бројни реформи од кои зависи почетокот на преговорите со ЕУ. Таквите децидни пораки од Брисел, но и од бројни странски политичари и советници за реформските процес, (ин)директно влијаат и во разговорите меѓу коалициските партнери.

Петар Арсовки:„Изборот на кандидат зборува не само за изборот на личноста, туку и за тоа како се проектира односот Влада – Претседател“

Во пресрет на членството во НАТО, Шекеринска има обемни обврски во ресорот одбрана каде течат реформи за кои таа веќе доби огромни честитки од земјите-партнери во НАТО. Нејзиното останување на чело на ресорот се смета за натамошна гаранција за успех на процесот.

Слични аргументи се адресираат и за министерот за надворешни работи, но и за Оливер Спасовски, во чиј ресор тече реформирањето на безбедносни институции кои се дел од системот на МВР.

Сето ова, и Шекринска, и Спасовски, и Димитров директно ги сместува на листата на личности понеопходни во Владата, отколку во претседателската трка.

Дека факторот реформи одиграл големо влијание при изборот, индицира и вчерашната изјава на премиерот Заев.

„Изразувам голема благодарност за големината на другите наши кандидати- фаворити – Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Никола Димитров и другите кандидати. Големи луѓе, локомотиви на Владата, кои одлучија да одработат во Владата, за реформите, за граѓаните! Одлучија да дадат предност на натпартискиот кандидат Стево Пендаровски!“, рече Заев.

Според партиски извори, нема сомнение дека Пендаровски ја има максималната доверба. 

„Дури и ако Шекеринска и Спасовски лично требаше да ‘решат’ на кој непартиски кандидат би му ја дaле поддршката, тоа секако ќе беше Пендаровски“, тврдат тие.

Според нив, изборот на Пендаровски е одговор за очекувањата на кандидат кој со своето поведение нема да ја загрози можноста за избор на претседател, личност со интегритет и без антагонизирачки карактеристики, односно личност која нема да биде мобилизатор за бојкот, туку прифатлив за што поголем број граѓани..

Комуникологот Петар Арсовски, потенцира дека изборот на непартиски кандидат говори и за друга важна релација.

 „Изборот на кандидат зборува не само за изборот на личноста, туку и за тоа како се проектира односот Влада – Претседател. Во таа смисла, една порака е ако се избере партиска личност, а друга ако се избере непартиска“, оценува тој.

Откако изборот е завршен со заеднички непартиски кандидат по мерка на јавното мислење, зад кого застанаа и 30-тина партии, она што остана во сенка е дека во анкетите за претседателски кандидат на проверка била ставена и довербата на граѓаните во Талат Џафери, Али Ахмети, Теута Арифи, Имер Селмани.

Меѓу нив, најголема доверба анкетираните му дале на Селмани.