Без наслов, со повод

Има една интересна анегдота поврзана со Јуриј Алексеевич Гагарин, рускиот космонаут кој пред 60 години (12.4.1961 г.) го реализираше првиот лет на човекот во вселената. Два дена по тој историски лет, на прием во Кремљ, Никита Сергеевич Хрушчов го тргнал Јуриј настрана и во доверба го прашал: „Јуриј, кажи ми, дали таму горе го виде Бога?“ Кога Јуриј во шега му одговорил „го видов“, советскиот лидер го замолил: „Те молам, никому не кажувај за тоа“.

Набргу потоа на космонаутот му пришол патријархот Алексеј Први и му го поставил истото прашање. На Гагарин му било непријатно да се шегува со поглаварот на руската црква, па му одговорил „За жал, не го видов“. „Те молам, никому не кажувај за тоа“, замолил патријархот.

Замолницата од епилогот на овие два дијалога се пример за наменски обезбеден наратив, со кој и црквата, и партијата, ќе продолжат да го пропагираат она во што (не) веруваат. Кога внатрешните дијалози течат бујно, но на парелелни патеки, без точка во која би можеле и би сакале да се пресретнат, ним секогаш им треба приказна што ќе ја оправда единствената вистина, добиена преку „еднонасочност на дијалогот“. Тоа само по себе е оксиморон, бидејќи дијалогот секогаш подразбира разговор помеѓу два и повеќе субјекти. 

Ние единството не го вградивме во силата на државата. Силата на државата ни е убиена во корист на јаловите партиски силења на едни кон други.

Во нашата херметички затворена зона на мислења стана чудно што лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ побарал средба со шефот на државата. Формално, точката во која во еден момент се вкрстиле нивните ставови и добиле заеднички именител се пресудите (квалификациите на делото) за настаните од 27 април 2017 година.

Јасно е дека низ нивните кабинети не поминува ниту еден правен коридор што води кон повторување на судскиот процес за тој настан, а и Пендаровски јавно посочи дека осудените не заслужуваат помилување (не се терористи, ама не се ни уставобранители).

Сега јавноста се прашува – тогаш за што би разговарале двајцата, ако ништо не зависи од нив во однос на иднината на процесот за 27 април? Прашањето е типично за крајно поларизирани општества како нашето, во кои постои практика достигнатите тензии внимателно да се негуваат. Да се полеваат со вода, да бидат изложени на сонце, редовно да се прихрануваат и да се одржуваат во силна кондиција, за да сведочат за непопустливоста и цврстината во негувањето антагонизми од секаков вид.

Таа практика толку многу се востоличи, што се заборави на нешто што се нарекува „повод“. Ако некој од соговорниците видел повод, прозорец, подотворена врата за да ги одмрзне замрзнатите односи во комуникацијата, зошто не би направил чекор кон таа можност? Дали е тоа грев? Не. Чинот и не мора веднаш да води кон нешто конкретно, но во поширока и долгорочна смисла, на сцена ја враќа отворената можност за дијалог, која во нашиот општествен контекст, е многу важна.

Во таа насока треба да се гледаат нештата, а не во нивната статичност и непроменливост. Наликува на доблесен чекор потегот на Мицкоски: свртел телефон и побарал средба со претседателот. Ќе разговараат и за економско-политичките состојби во земјата. Зар тоа не е важно? Зар тоа не е подобро од натамошно инвестирање во длабок мраз меѓу Белата палата и вилата „Водно“?

Секако дека во оваа приказна може да има и многу други невидливи нијанси и мотиви. На крајот, небитно е дали можеби Мицкоски бил поттикнат и охрабрен од дипломати да ги нормализира односите со шефот на државата, и дали во таа насока можеби и Пендаровски дофрлил топка што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ подготвено ќе ја дочека. Сеедно. Позиционирање во ровови никому не му е од корист.      

Тоа не значи дека нема и натаму да се критикуваат, ама поважно од сѐ е дека ќе разговараат. И битно е тоа да не биде само со шефот на државата. Македонија, исто како и во минатото, а денес уште повеќе, не смее да си го дозволува луксузот за поделби на „вие“, „ние“ и „тие“. 

Никогаш не е доцна за ресет. За почеток, макар и само со заеднички испиено кафе. И најдолгиот пат почнува со првиот чекор

Граѓаните ги интересира рационалноста на политичките актери, чии интереси треба да се совпаѓаат со граѓанските. Ако политичките актери се оддалечуваат едни од други, ако при тоа дистанцирање ги промашуваат точките на граѓански интерес, испраќаат порака дека постојат сами за себе и дека резултатите не зависат од нив. А ако не зависат од нив, значи дека иднината на земјата е оставена да зависи од некој надвор од домашниот политички круг.

Со тоа најдиректно ја препорачуваат земјата како „зрела“ за користење меѓународна патерица, штом нејзините политички ресурси не успеале да се стават во симбиотичка врска за да ги остварат целите од државен и јавен интерес.

Зар тоа го сакаме? Зар пандемијата не ни покажа дека секој прво се грижи за својот двор, дека секој прво се потпира на себе, а потоа на другите? Зар истото не се гледа и по прашањето за еу-интеграцијата?

Геслото на источните соседи е „единството ја прави силата“. Ние единството не го вградивме во силата на државата. Силата на државата ни е убиена во корист на јаловите партиски силења на едни кон други. Никогаш не е доцна за ресет. За почеток, макар и само со заеднички испиено кафе. И најдолгиот пат почнува со првиот чекор.

П.С. Текстот е пишуван пред да се знае исходот на тој чекор. Се надевам дека нема да разочараат.