Културата на рецепт наспроти нарачаните тепачки

Здравствените и градските бриселски власти, во мигов спроведуваат еден, би рекле, иновативен и прилично невообичаен медицински експеримент. Имено, тамошните психијатриски клиники, поточно тамошните психијатри, како дополнување на вообичаената терапија против стрес, анксиозност и депресија, пропишуваат и посета на – градските музеи!

Да се разбереме, не станува збор за препорака, туку за, ако така може да се каже, задолжителен терапевтски третман. Пациентот, кој, патем речено, има право во својата придружба да земе членови или пријатели на бесплатна музејска тура, потоа „реферира“ кај психијатарот за своите чувства при посетата на музејот.

Во суштина, станува збор за пет музеи што се под директна надлежност на градот и кои покриваат широк распон на теми, од антиката до современата уметност, вклучувајќи го тука и музејот каде што се изложени околу 1.100 костуми на славниот симбол на Брисел, фонтанската статуа Манекен Пис, меѓу кои и оној што го подарил францускиот крал Луј Петнаесетти во 1747, но и оној што го подарил славниот рокенрол бенд „Ролинг стоунс“ со нивното препознатливо лого со исплазен јазик.

Сличен експеримент се спроведувал и во Канада од 2018 година, а се верува дека Брисел е првиот европски град што на ваков начин се обидува да ги реши сѐ позачестените психички заболувања на своите граѓани. Градските власти не кријат дека на овој чекор се решиле како одговор на постковид, односно посткарантинскиот период.

Создадовме систем во кој одењето по музеи е опскурна работа на некои „чудаци“, читањето книги е за „неспособните“, гледањето концерти на таканаречената „сериозна“ музика е за „штребери“

Од една страна, сметаат дека посетата на музеите е добар начин да се ублажат последиците од речиси двегодишната затвореност и отуѓеност, дека тие ќе имаат исцелителско и смирувачко дејство, а од друга страна уверени се дека од ваквите посети ќе имаат бенефит и самите музеи, кои, исто така, ги трпат последиците на посткарантинскиот период.

Не ги знам резултатите од експериментот, а немам ни пронајдено некои релевантни истражувачки резултати на оваа тема, ама онака, по интуиција, што би се рекло, мислам дека станува збор за благороден експеримент, кој може да реши низа општествени противречности во кои живееме.

Имено, бриселскиот пример ми падна на памет по прочитаната вест дека 300 средношколци се собрале пред скопскиот трговски центар во Аеродром на, внимавајте сега – закажана тепачка!

Јас сум од оние повозрасните генерации што го помнат скопскиот маалски живот и легендарните тепачки меѓу водњанците и мичуринците или дечките од Автокоманда. Но, навистина не помнам масовна тепачка во која учествувале повеќе од десетина души. А богами и тие беа прилично ретки и секогаш „ферки“, односно се користеа само раце, а никако синџири, палки или какво било друго ладно или топло оружје што може да нанесе посериозни повреди. Иако, секако, треба да се земе предвид дека станува збор за некој постземјотресен период, пред половина век или повеќе.

Она што најмногу ме згрозува е општествената патологија кај младите момчиња, која успеала да натера дури 300 деца да се „пријават“ за „јадење ќотек“.

Не знам со што биле „вооружени“ и како го замислувале целиот „перформанс“, бидејќи, за среќа, полицијата реагирала превентивно и го спречила евентуалниот нов притисок врз овдешниот здравствен систем. Но, барем според медиумите, вакви непопречени тепачки веќе се одвивале во Дебар Маало и во други краеви од градот, што значи дека појавата не е ниту нова, ниту, пак, се вклучил некаков „црвен“ аларм таа да се спречи.

Фактот дека 300 деца се подготвени да учествуваат во закажана тепачка само говори дека сме создале филозофија на толпа и размислување во толпа

Веќе е флоскула да се зборува за колапсот на воспитно-образовниот систем и на домашното воспитание, ама, сепак, едно организирано општество, освен за градежните маркички, мора рационално да размисли и за своето социјално здравје и за сопствените општествени фрустрации.

Навистина, дали едно од тие 300 деца може рационално да ја објасни целта на закажаната тепачка? Не може, се разбира. А причината за тоа е едноставна: не постои никакво рационално објаснување. Всушност, станува збор за поза, за мангуплак и лечење на насобраните фрустрирачки моменти.

Не верувам дека претерувам кога ќе кажам дека ако тепачката не е единствениот начин младиот човек да се покаже и докаже пред околината, тогаш е еден од поефикасните. Создадовме систем во кој одењето по музеи е опскурна работа на некои „чудаци“, читањето книги е за „неспособните“, гледањето концерти на таканаречената „сериозна“ музика е за „штребери“ итн.

На крајот на краиштата, станува збор за деца во формативни години, деца кои вредностите што ќе ги усвојат сега, ќе ги носат целиот свој живот.

Психолозите тврдат дека децата го градат својот карактер по некакви рол-модели. Ако во семејството не можат да пронајдат еден таков модел, тогаш ќе го пронајдат на улица. Ако тој рол-модел го нема меѓу учителите, тогаш ќе го има меѓу уличните бадијалџии.

Она што најмногу ме згрозува е општествената патологија кај младите момчиња, која успеала да натера дури 300 деца да се „пријават“ за „јадење ќотек“

Кога сме веќе кај психологијата, лично сметам дека во случајов се испушта еден мошне важен фактор – токму бројноста на инволвираните деца. Фактот дека 300 деца се подготвени да учествуваат во закажана тепачка, само говори дека сме создале филозофија на толпа и размислување во толпа.

Ризично е да се размислува со своја глава, а општеството, не само што не го стимулира индивидуализмот и сопственото напредување, туку, напротив, ги турка и младите, а и сите други, во социјализација на толпа, во торови, биле тие партиски, етнички или какви било други. Едноставно е, така најлесно се манипулира. По принципот на стап и морков. Ако не си со нас, тогаш си против нас.

Значи, да заклучам. Ете го бриселскиот пример. На сите тие 300 деца да им се пропише посета на некои музеи двапати неделно по два часа. И тоа заедно со своите родители и своите учители. И потоа сите заедно да реферираат што виделе, какви чувства им предизвикале делата и дали и што научиле.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија