Лаги, проклети лаги…

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Растот на вработеноста од последните неколку години совршено се совпаѓа со растот на неучеството во анкетата од која се пресметува вработеноста. Дали вработеноста расте заради намалениот одзив на анкетата?

Дојде и тој ден. 11 септември 2015 година. Државниот завод за статистика ги објави податоците за вработеноста и невработеноста за вториот квартал на 2015 година. Глеј чудо – невработеноста повторно се намалила. Овој пат за 0,5 процентни поени, на 26,8%.

На социјалните мрежи веднаш се појави македонска верзија на познатата изрека за градацијата на лагата:

Лаги, проклети лаги, статистика, Државен завод за статистика…

Разговарав со некои колеги од една наша институција која прави макроекономски проекции. Беа разочарани што ја згрешиле проекцијата за невработеноста. Тие проектирале дека невработеноста ќе падне за 0,3 процентни поени, исто како и претходните 3 квартали, а таа падна за 0,5 процентни поени. Среде протести и политичка криза.

Графикон 1 – Стапка на невработеност во Македонија (%)

bt1

Како да се објасни овој неколкугодишен тренд на намалување на официјалната стапка на невработеност?

За да може да се стори тоа, првин треба да се разбере начинот на кој се пресметува невработеноста.

Спротивно на мислењето на многумина, вработеноста и невработеноста не се пресметуваат од официјални податоци од Агенцијата за вработување, ниту од податоци од фирмите. Тие се пресметуваат од Анкетата за работна сила, која Државниот завод за статистика ја врши редовно секој квартал, на примерок од 5.000 домаќинства. Анкетарите ги прашуваат сите лица на возраст од 15 до 79 години кои живеат на адресата на одредено домаќинство, дали во текот на таа недела работеле макар 1 час, дури и ако тоа било во вид на помагање на семејниот имот, без да бидат платени за тоа.

Ова значи дека дури и оние кои работат, а не се пријавени како вработени, т.е. и оние кои работат, а се водат како невработени во Агенцијата за вработување, би требало да бидат опфатени како вработени во Анкетата за работна сила. Па, сепак, заради недоверливост кон анкетарите, т.е. заради тоа што анкетираните не можат со сигурност да знаат кој навистина ги анкетира и зошто, не може со сигурност да се тврди дека оние кои работат „на сиво“ би се изјасниле како вработени во анкетата на Државниот завод за статистика.

Во мојот претходен блог овде ја претставив тезата дека намалувањето на невработеноста може да се должи на премин од неформална во формална вработеност. Накусо, заради пониска корупција и пониски даноци, можно е да има намалување на нерегистрираната економска активност, паралелно со тоа и пад на нерегистрираната вработеност, т.е. премин од неформална во формална вработеност, а со тоа и пораст на официјалната вработеност и пад на невработеноста.

Во овој блог сакам да претставам една друга теза, дека растот на вработеноста и падот на невработеноста можат да се должат и на зголеменото неучество во Анкетата за работна сила.

Анкетата за работна сила се спроведува секој квартал, на примерок од 5.000 домаќинства. Сè на сè, во една година се анкетираат 20.000 домаќинства. Но, не сите од овие 20.000 домаќинства одговараат на анкетите. Заради бројни објективни и субјективни причини, секоја анкета, секогаш и секаде, има одредена стапка на неучество. Во 2008 година, на пример, стапката на неучество во Анкетата за работна сила изнесувала 10,9%. Или, биле анкетирани вкупно 49.467 лица.

Во наредните година, оваа стапка на неучество бележи рапиден пораст. Во 2014 година, таа достигнува високи 24,6%. Или, од примерокот од 20.000 домаќинства, биле анкетирани вкупно 34.387 лица.

Кои се последиците од зголеменото неучество? Ако неучеството е случајно, т.е. не е поврзано со тоа дали лицето е вработено или невработено, грешката на анкетата ќе се зголеми. Ова и се гледа во податоците што ги објавува Државнот завод за статистика. Така, на пример, коефициентот на варијација (стандардната грешка поделена со просечната вредност) за бројот на вработени е зголемен за цели 20 проценти, од 1,84% во 2008, на 2,29% во 2014. Ова значи дека 95-процентниот интервал на доверба за бројот на вработени во 2008 изнесувал околу ±22.000 лица, а во 2014 достигнал околу ±31.000.

Но, ако неучеството не е случајно, тогаш тоа може да има многу посериозни последици за проценките за вработеноста и невработеноста. Ако неучеството е пред сè кај невработените, тоа би значело дека вработените се вклучуваат во примерокот почесто одошто треба. Тоа понатаму би значело дека вработеноста се преценува, а невработеноста се потценува. Или, со други зборови, растот на вработеноста и падот на невработеноста од последните неколку години може да се последица на зголеменото неучество во анкетата, а не на вистинските движења во економијата. Како илустрација на ова, корелацијата помеѓу бројот на вработените и стапката на неучество во последните 7 години изнесува високи 96%. Корелацијата, се разбира, не мора да означува каузалност, но некогаш може да биде доволно индикативна.

Графикон 2 – Број на вработени и стапка на неучество во Анкетата за работна сила

bt2

Зошто би можело неучеството да е поголемо кај невработените? Тоа може да се случи по нивна сопствена волја, ако, на пример, невработените, заради пониско ниво на доверба, не сакаат да одговараат на анкети. Но, може да се случи и заради начинот на спроведување на анкетата, ако, на пример, анкетарите ги одбегнуваат домаќинствата кои имаат помалку вработени.

Која и да е причината, сè додека не видам некое објаснување или анализа од Државниот завод за статистика за зголеменото неучество во Анкетата за работна сила, јас ќе имам уште една причина да се сомневам дека невработеноста во Македонија навистина се намалува.

Авторот е економски истражувач и член на Левичарското движење „Солидарност“