Македонскиот косовски бој

Уште од времето на почетоците на украинската криза, а особено со почетоците на руската воена интервенција во Украина, Косово се споменуваше како можно следно жариште на европското тло. И тоа како директна последица на украинските случувања, а особено на руската пропаганда, на која секако ѝ одговара префрлањето на фокусот на светската политичка јавност од Украина кон внатрешноста на Европа.

Иако во овој контекст често се споменува дека Србија е единствената европска земја (покрај Белорусија) што нема воведено санкции кон Руската Федерација, сепак не смее да се заборави и второто потенцијално европско жариште – Босна и Херцеговина. Имено, иако Босна официјално ги следи европските политики за санкционирање на Русија поради инвазијата врз Украина, сепак во пракса не ги применува.

Санкциите, едноставно, не можат да се имплементираат или барем не во целост поради противењето на ентитетот Република Српска и нејзиниот лидер Милорад Додик, кои отворено застануваат зад руските наспроти европските интереси.

Суштински гледано, кршливоста на БиХ и на Косово е производ на недовршената работа на меѓународната заедница. Денес, речиси три децении по завршувањето на босанската војна, веќе е сосема јасно дека дејтонското устројство на Босна и Херцеговина донесе каков-таков мир, ама државата не ја направи функционална, односно тензиите меѓу народите што живеат таму, не само што не спласнаа, туку се зголемуваат на дневна основа.

Американскиот проект наречен „Отворен Балкан“ (Албанија, Македонија и Србија), во кој Македонија вложи и вложува уште огромен политички капитал, сега веќе може да се прогласи за мртов

Што се однесува до Косово, овој американско-европски проект не е целосно признаен ниту од земјите на Европската Унија (токму поради нивните внатрешни проблеми), а ниту од Обединетите нации (каде што Русија го блокира косовскиот прием), што на Србија ѝ дава ветер во грб да го зацврсти своето убедување дека станува збор за „света српска земја“ и за „срцето на Србија“.

Овие факти секако ѝ даваат можност на руската пропаганда да ја „изора плодната нива“, односно да го дестабилизира и онака кревкиот балкански регион. Тоа во моментов е полесно да се направи со Косово, отколку со Босна, затоа што БиХ, сепак, се граничи со Европската Унија, односно со Хрватска, чии интереси во БиХ се и тоа како големи. Косово се граничи со земјите од Западен Балкан (Македонија, Албанија и Србија), што го прави далеку помалку атрактивно за меѓународниот интерес.

Она што сега би морало да се каже е дека практично „светата српска земја“ е освоена со војна (со Балканските војни) во 1913 година, кога Србија ја зема и територијата денес позната како Република Северна Македонија. За разлика од Македонија, која со одлуките на АВНОЈ од 1943 и на АСНОМ од 1944 година практично добива државност како конститутивен дел на југословенската федерација, Косово останува дел на Србија со некогаш поголеми, а некогаш помали автономни овластувања.

Врз база на тој свој статус, Македонија успева во 1991 година да прогласи суверена држава, ама Косово не успева. Но, како што Србија го добива Косово на воено поле, така и го губи, со НАТО бомбардирањето во 1999 година.

Иако меѓународниот статус на Македонија е многу поповолен од оној на Косово (членка на ООН и на НАТО, почнати преговори за полноправно членство во ЕУ), сепак состојбите на Косово и тоа како се рефлектираат врз нашата земја. И не е во прашање само бројноста на албанското население кај нас и нивниот сентимент кон косовската независност, туку многу повеќе сега „хибернираните“ аспирации на соседите кон оваа територија, кои, како што гледаме преку мачните преговори првин со Грција, а сега и со Бугарија, секогаш можат многу лесно да се разбудат.

Асоцијативниот пристап кон косовскиот проблем лесно може да нè наведе на дилемата зошто е Косово „света српска земја“, а Македонија не е? Поради црквите и манастирите? Па, во Македонија има повеќе цркви и манастири што се ктитоирани од српските велможи отколку што ги има Косово. Во Скопје е крунисан царот Душан, човекот што во Србија го величаат како монарх што прв вовел правна држава (Душановиот законик).

Повеќето Срби ќе ви кажат дека во Македонија има повеќе српски гробови отколку каде било во светот, па и во Косово. Кумановската битка од Првата балканска војна, која неодамна беше обележена и кај нас (Зебрњак) во Србија се доживува како конечната битка за ослободување на „сите српски земји“.

Ако на некој начин и разбереме дека промената на српските автомобилски регистарски таблички на северот на Косово во косовски Србија ја доживува како конечен пораз и губење на нејзините суверени ингеренции врз дел од нејзината територија, кој тврди дека утре нема така да ја доживее и територијата со која сега суверено располага Република Северна Македонија. Знам дека ваквата теза во дадениов момент изгледа натегнато и изнасилено, ама ако сакаме да бидеме искрени, тогаш ќе признаеме дека ниту политичкиот врв, а богами ниту обичните граѓани не го очекуваа ваквиот интензитет на бугарските аспирации кон Македонија и Македонците.

Моменталната криза на Косово, најголемата од прогласувањето на нивната независност, сериозно ја става во искушение македонската надворешна политика. Американскиот проект наречен „Отворен Балкан“ (Албанија, Македонија и Србија), во кој Македонија вложи и вложува уште огромен политички капитал, веќе сега може да се прогласи за мртов.

Дали поради овој политички капитал или поради некакви нејасни меѓународни констелации, а можеби и поради искрената идеја во некаков мал „балкански Шенген“, и Албанија, ама и Македонија, се однесуваат кон косовскиот проблем како воопшто да не постои.

Токму затоа сега е моментот да се покаже малку повеќе државност и да се води проактивна политика, затоа што, како што сите знаеме, комшиската мечка ќе заигра и во нашиот двор

Албанија, која излегува на две мориња (Јадранско и Јонско), има далеку поголемо стратешко значење за Западот отколку Македонија, но од друга страна, Македонија во тој замислен „мал Шенген“ е алката без која не може да се врзе синџирот. Албанија и Србија едноставно немаат заедничка граница и без Македонија не можат да направат буквално никакво поврзување. Барем додека состојбата со Косово е ваква каква што е.

На крајот, но не помалку важно, не смееме да ја заборавиме и дипломатско-економската офанзива на Србија кон Македонија. По еден период на затегнати односи (се сеќавате на „евакуирањето“ на комплетната српска амбасада во Скопје), Александар Вучиќ одеднаш ја прогласи Македонија за најголем пријател на Балканот, па следеше свечено врачување на донираните вакцини против короната, вакцинирање на македонски државјани во Србија, решавање на деценискиот меѓу црковен спор, изземање на Македонија од забраната за извоз на брашно, масло и други прехранбени артикли, ветување дека Македонија ќе биде снабдена со гас преку Србија итн.

Сето ова на некој начин ја става Македонија во ситуација на своевиден српски сателит, во голема мера зависен од својот северен сосед. Во времето кога довербата кон ЕУ нагло се губи и кога психолошкиот и реален страв од инфлацијата и претстојната зима зема замав, овдешниот граѓанин гледа излез за своите проблеми во Србија и во Александар Вучиќ.

Ваквата состојба нема да се промени ако нашата политика кон српско-косовскиот спор остане пасивна, а проблемите во соседството се игнорираат и се стават под тепих. Токму затоа сега е моментот да се покаже малку повеќе државност и да се води проактивна политика, затоа што, како што сите знаеме, комшиската мечка ќе заигра и во нашиот двор.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија