Новата Герника

Запамтете добро сѐ што било до завчера, затоа што тоа ќе бидат поубавите сеќавања на мирниот живот. Од вчера, па натаму ништо нема да биде исто. Годината почна со надеж дека ќе се збогуваме со пандемијата, но ѓаволот не седи мирен. Вирусот на војната го зазеде местото на короната. Во еден глобализиран свет поврзан со интереси, гасоводи, свифтови, трговија, инфраструктура, не постои војна меѓу две земји. Сите ќе го почувствуваат разорното дејство на рускиот напад на Украина. Особено на нашиот континент.

Денеска ја плаќаме цената на една пропуштена можност за посилна меѓународна реакција во 2014 година кога Русија го анектираше Крим. Кога Путин навреме не е запрен, нема да запре. Во 2008 година, на руски удар беше Грузија, по шест години Крим, по осум години „на ред“ дојде Донбаската област (Доњецк и Луганск). Ама дури ни формалниот повод – „заштитата на руската народна волја“ во нив, не е ограничена на дејства во тој регион. Русија изврши агресија врз Украина од три страни (систем на потковица), атакува на Киев и на други градови, страда цивилното население, следиме ужаси какви што никој не очекувал во 21 век.

Македонија е земја, која во својата историја имала многу страдања, слично како и Украина. Оттаму не можам да разберам како сѐ уште има заблудени луѓе, кои се восхитуваат на лидерството на Путин, ја оправдуваат неговата агресија

Не мора претходно ништо да сте знаеле за Путин. Доволно е да се види начинот на кој пред неколку дена пред камерите „разговараше“ со шефот на руската разузнавачка служба, Сергеј Наришкин. И бруцош на Факултетот за психологија веднаш може да му направи психолошки портрет.

Македонија е земја, која во својата историја имала многу страдања, слично како и Украина. Оттаму не можам да разберам како сѐ уште има заблудени луѓе, кои се восхитуваат на лидерството на Путин, ја оправдуваат неговата агресија. Историјата познава многу големи лидери кои околу себе успеале да привлечат огромни маси приврзаници, но тотално ја промашиле насоката. Зар Хитлер не е вистинската илустрација за тоа?  

На истава страница, во една пригода го раскажав одговорот на познатиот сликар Иван Табаковиќ, кога го прашале – зошто како шеф на белградската ликовна академија одбива да биде во комисијата за прием на нови студенти: „Во 20-тите години на минатиот век, на ликовната академија во Виена, на приемен испит се пријавил еден кандидат што се викал Адолф Хитлер. Не бил примен. Да бил примен, можеби ќе цртал вазни со цвеќе, а овој свет ќе изгледаше сосема поинаку“.

Да, омилен сликарски мотив на Хитлер му биле цвеќињата, ама во светот го засади цвеќето на злото. Кога фашистички иследници на сослушување го прашале Пикасо за „Герника“ (1937) – „Дали вие го направивте тоа дело?“, тој одговорил: „Не јас, туку вие!“

Денес се црта украинската „Герника“. Бројот на цивилни жртви постојано расте. Одговорот на Европа и на САД се сведува на санкции, „најостри досега“. Но, зар тоа не е нешто што Путин веќе го вкалкулирал во неговиот мрачен план, подготвуван подолго време? Зошто западниот свет верува дека човекот што ги преминал границите на разумот ќе биде запрен со силата на санкциите?

На вчерашната средба со руските бизнисмени тој изрече една голема невистина: „Тие не ни оставија шанса да направиме поинаку“. Практично, им се изнасмеа в лице на сите дипломатски напори, на сите политичари на кои залудно им го трошеше времето, глумејќи дека е заинтересиран за поинакво решение и стопати повторувајќи дека „Русија нема да ја нападне Украина“.

Внимателноста на Западот да не се случи или да не се предизвика инцидент, кој би водел кон ескалација што ќе го запали светот, Путин максимално ја злоупотребува за да ја шири офанзивата

Неговата игра е на една карта. Внимателноста на Западот да не се случи или да не се предизвика инцидент, кој би водел кон ескалација што ќе го запали светот, Путин максимално ја злоупотребува за да ја шири офанзивата. Украина сигурно нема да биде последна. Ако не биде запрен, нема да запре.

Но, непријатно е да се слуша како и во овие ужасни моменти за украинскиот народ, некои земји сѐ уште се повеќе загрижени за дисконтот на цената на гасот што го добивале од Русија и колку исфрлањето на Русија од банкарскиот систем Свифт ќе им попречи и ним. Кога солидарноста се сопнува на интереси, монструмот може да расте до невидени размери. Едни го нарекуваат нова студена војна, други трета светска војна, трети – политички Чернобил.

Додека ги пишувам овие редови, рускиот обрач околу Киев е сѐ потесен. Кога ќе го читате текстот, не знам во чии раце ќе биде Киев. Не знам што ќе се случи со мајките со бебиња засолнети во подрумите на урнатите згради, со она тригодишно дете, кое под звукот на сирената за опасност бегаше кон метрото носејќи си го мачето во прегратка, со децата чии родители се убиени на Змискиот остров, во Харков, Мариупол, Киев…

Јасно е дека Путин незапирливо се движи кон неговата Пирова победа. И јасно е дека таа ќе биде поплочена со многу изгубени човечки животи. Но, еден ден, некои нови деца ќе нѐ прашаат: Чие дело е оваа герника – само на оној што го изгубил разумот или и на тие што не можеле да направат нешто повеќе од изречени санкции?

Што ќе им одговориме?