Ну, погоди!

Сѐ почнува наивно. Гледаш се собираат темни облаци, ама не ти се напушта плажата. Во далечина веќе се гледаат молњи, но си велиш – сѐ уште се далеку. Почнува да врне, а ретко кој заминува. Тогаш капењето е најинтересно. Сите во стампедо влегуваат во морето, му се радуваат на дождот и се „борат“со тукушто кренатите бранови. По некое време дождот запира, дури и сонцето малку ѕирка меѓу два црни облака, привидно сѐ се смирува и мислиш дека се завршило. 

Сѐ додека по еден-два часа, во еден миг, од нигде никаде ќе се појави толку силен ветер, од кој дрвјата се прекршуваат во длабок наклон, платнените тенди на терасите се речиси пред кинење, металните тенди тропаат и цвичат со застрашувачки звук под налетот на ветерот, а арсеналот од жиците за сушење одлетува во непознат правец. Сето тоа изгледа интересно, сѐ додека не сфатиш дека си имал среќа што те фатила само опашката на циклонот и дека некаде близу до тебе истиот тој циклон однел човечки животи… 

„И мене во почетокот ми изгледаше како мало летно невреме. Дури и ме импресионираше кога видов како беснее морето, како црните облаци ги распаруваат стотици молњи“, ми раскажуваа ден потоа соседите – брачна двојка од Русија, со која се запознавме по невремето. Повод беше мала размена на она што ни беше разнесено од ветерот – нашите крпи за плажа завршија во нивниот двор, нивните на нашата тереса. Потоа заедно заминавме на кафе и плажа. 

Низ неврзан муабет, на ред дојде и „циклонот“ на руските комичари. Тие не беа во тек дека во нивната „продукција“ влегол и македонскиот премиер. Но, она што ми остави впечаток беше нивната забелешка кога го употребив зборот комичари. 

А читам дека Заев уште и се допишувал со едниот од пранкерите, објаснувајќи му дека не е добро да се прават такви шеги! Понаивно, здравје. Зар Заев навистина верува дека двајцава се занимаваат со шеги? 

„Имаме комичари и „комичари“. Овие спаѓаат во вторите. Ме разбирате што сакам да кажам“, ми вели Олга воздржано, но искрено. 

Разбирам. Единствено Заев не разбра дека тоа се оние чети од културњаци, забавњаци и ред други профили, кои под параванот на „професијата“ работат за политичкиот двор. Особено, што „неговиве“ мајтапчии не се непознати, туку веќе прилично прославени со лажното претставување, па и Борис Џонсон неодамна му тресна слушалка на вистинскиот Трамп, како превентива да не биде изманипулиран по вторпат. 

А читам дека Заев уште и се допишувал со едниот од пранкерите, објаснувајќи му дека не е добро да се прават такви шеги! Понаивно, здравје. Зар Заев навистина верува дека двајцава се занимаваат со шеги? 

На кого му го објаснува тоа? На толку „независни“ пранкери, кои изборот на жртви и теми за разговор комплетно го добиваат на маса од една друга адреса, која нема никаква врска со естрада, туку со луѓе со специфични безбедносни звања, а богами и со по неколку идентитети.

Ако се толку независни, зошто ниту еднаш не му се јавиле на некој руски функционер лажно да му се претстават?

Токму од нив ваквите „комичари“ добиваат прилично дебели сценарија, темелно се вежбани како да постапат во сите претпоставени верзии на однесувањето на таргетираниот соговорник, едуцирани се и рефреширани со податоци за сите најнови политички детали и нијанси, сето тоа во функција да извлечат што повеќе одговори од соговорникот. Потоа во постпродукција разговорите се дотеруваат и се средуваат по желба на налогодавецот, во согласност со намерата што сака да ја реализира. 

Ако се толку независни, зошто ниту еднаш не му се јавиле на некој руски функционер, лажно да му се претстават? Да не мислите дека тоа е невозможно, дека таму нема ситуации во кои итноста на повикот ќе ги елиминира протоколарните проверки? Има. Но, ете не се случило. „Случајно“. Иако не е исклучено дури и да инсценираат такво нешто, само за да остават впечаток дека не ги поштедиле ни своите. 

И не само што почнало наивно, туку кај нас така и завршува. Заев им го свртел и другиот образ. И со допишувањето, а особено со соопштението по средбата со рускиот амбасадор. 

Ги прашувам Олга и Иван дали кај нив се казнува лажното претставување. 

Дааа, ми одговараат категорично. Хммм… Значи за внатре може, за дела кон надвор не може. Интересна руска правда. 

А ние се правиме слепи. Демек на повидок нема циклон над македонско-руските односи. Демек, сѐ е во ред. Демек, такви комичари има секаде. Демек немаат врска со политиката на државата. Па, кога одеднаш ќе се натрупаат облаци, ќе се чудиме од која страна доаѓа циклонот. Заев, „Ну, погоди“!