Полупустина со кактуси

Колумна на Сашо Кокаланов
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Седум слики од Македонија, пошироко позната и како Северна Македонија, кои ја обележаа седмицата што измина:

1. Хортикултурната организација, попозната и како ВМРО-ДПМНЕ, објави дека на конкурсот за уредување на претседателската палата победило растението „cactaceae“ од семејството скриеносеменици. Според тоа, тие предлагаат фикусот во вилата на Водно да биде заменет со кактус.
Ова самата ни го соопшти професорката Гордана Силјановска Давкова во првото телевизиско интервју (замислете, за Сител) откако стана кандидатка поддржана од ДПМНЕ. На прашањето дали и таа ќе биде фикус како нејзиниот претходник, таа децидно ја отфрли таа можност и одговори дека припаѓа на видот кактуси.
Со оглед на тоа што кактусите живеат во таканаречени полупустини, а Македонија покажува аспекти на една таква средина, треба да се честита и да се поздрави ваквиот избор на најголемата опозициска партија.
Од другите работи што ги кажа во интервјуто издвојуваме: имала фришоп, ама не бил нејзин; користела средства од Сорос, ама не таа, туку факултетот; ќе го почитува новото име, ама ќе напише книга дека е „правно проблематично“; ќе се бори против патријархалноста на општествово, ама мудро ќе си молчи за кампањите против абортуси и за другите „демохристијански“ проблесоци на партијата што ја поддржува; ќе си ги намали привилегиите, ама ќе се меша почесто во своите работи од своите претходници… И ондак то…
Не знам за вас, ама за мене ова се доволно аргументи за да можам да се определам хортикултурно.

2. Притоа, треба да им се напомене на ботовите блиски до власта, дека и хортикултурата во себе содржи еден важен, но потценет збор во нашето едно општество за сите: култура.
Ги разбирам јас аналогиите што се извлекуваат во врска со ДПМНЕ и копирањето на хрватската сестринска партија ХДЗ, на која ѝ успеа да си ја скрие фашизоидната, шовинистичка природа зад женска сукња. Видете, на ХДЗ им успеа баш на претседателските избори со Колинда, па зошто и наш Мицко да не се обиде со Гордана… И на Вучиќ му успеа со Брнабиќ, зар не.
Тоа што е разочарувачки е одвратново хејтање поврзано со изгледот на Силјановска. А што бе, другари ботови, ако го имаше деколтето на Колинда, ќе гласавте за вмровски кандидат на претседателските избори? Тоа ли ви е проблемот со Гордана, изгледот? Не ве боцка доволно?
Па, не бидете толку ВМРО, бар во навредувањето, п…а му мајчина. (Подобро пцујте, отколку да навредувате, покултурно е)

3. Додека сме сè уште кај хортикултурата, да го поздравиме освоеното високо второ место на Скопје денеска на листата на најзагадени градови. Како за кандидат за најзелена европска метропола, ова е одличен резултат.
За ваквиот успех да го задржиме, ни требаат што понекислородоослободувачки дрвја, како фикуси, палми и кактуси. А, секако, се покажа дека се одлични дрва и дрвава што ни се локална власт.
Пред Скопје денеска е само Џака од Бангладеш, но иако оваа земја е во тропската зона на ракот, што ќе рече близу до екваторот, и е тешко погодена од климатските промени, никако не смееме да се откажеме.
Порано велевме дека спортот е нашиот најголем амбасадор. Сега тоа е загадениот воздух. Секаде каде што ќе се спомне ова зло, неизбежно е да се спомене и нашата татковина.

4. Но, климатските промени носат и убави работи. Еве, на пример, БЕГ соопшти дека граѓаните што се приклучени на топловодната мрежа за греење, или парно на нашки, ќе платат пониски сметки пред почетокот на летото поради невообичаената клима со високи температури за ова време од годината.
Лапај си сто денари поевтино парно месечно и диши им во врат на Бангладешаните!

5. Членовите на семејствата на владините и на собраниските функционери што добија вработувања минатиот период почнаа да си даваат откази на новите работни места. Се разбира, правно е сè океј, ова го прават од морални причини. Морални причини, или, со други зборови, ништо не е тешко, кога се мора.

6. Пејачката Леди Гага раскинала со дечкото. Трогателната информација ја потврдија и од нејзиниот ПР-тим. Нејзиниот портпарол пред медиумите со насолзени очи изјавил, цитирам: „Не успеа. Врските некогаш завршуваат. Не постои друга драматична приказна“.
Навистина трагедија. Поголема трагедија од ова може да биде само ако викендов ѝ дадат оскар за најдобра женска улога во „Sвездата е родена“, ама белким нема.

7. И за крај, да се вратиме уште еднаш на некои понесериозни теми, како на пример македонските претседателски избори. Сè укажува на тоа дека нѐ очекува најздодевната претседателска трка во нашата долга историја. На едната страна од рингот професорката Силјановска, внимателна во зборовите (дури и во нивното акцентирање), на другата најверојатно некој господин во дипломатски ракавици, Димитров или Пендаровски.
Навистина здодевно. Дали Амди Бајрам може сам да ја спаси забавата? Има ли сè уште шанси да го кандисаме Филип Петровски да се трка за шеф на државата, и покрај освоениот вкупно 1 (и со зборови – еден) глас на конвенцијата на ДПМНЕ? Дали Ванковска го блокира на социјалните мрежи и последниот жив на Македонец, убивајќи ни ја последната надеж дека ќе ни стане мајка на нацијата?
Толку многу прашања нè мачат, а ПР-тимот на Леди Гага за нив нема одговори.