Повеќе од струја

Некаде околу 19 часот, на 13 јули 2019 година, околу 73.000 потрошувачи во поголемиот дел на западен Менхетн во Њујорк остануваат без струја. Без струја се повеќе театри на Бродвеј, па и славниот Тајмс сквер. Неколку улици и четири метро-станици се затворени за сообраќај. Не работат повеќе од 200 семафори на менхетеншките раскрсници.

Забележен е феноменот на самоорганизирање на граѓаните во регулирањето на сообраќајот, со што ја надополнуваат недоволната сообраќајна полиција. Противпожарните бригади реферираат дека на илјада повици, 750 се однесуваат за спасување на луѓето од заглавените лифтови. Продавниците и рестораните се затворени.

Откажани се над 20 претстави на Бродвеј, прекинат е и концертот на хоровите што во тој момент се одржува во Карнеги хол, а изведувачите, на радост на публиката и минувачите, решаваат да го продолжат на улица. Меѓутоа, прекинат е и концертот на Џенифер Лопез во Медисон сквер гарден, а публиката е евакуирана. Тогашниот гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо решава да ја ангажира Националната гарда за справување со состојбата. Њујоршкиот градоначалник Бил де Бласио раководи со кризниот штаб.

Ситуацијата се нормализира некаде пред полноќ, истиот ден. Според извештаите нема жртви и повредени, а материјалната штета направена при сообраќајните незгоди не го надминува вообичаеното ниво.

Како причина за ова „помрачување“ се наведува пожар во локалната трафостаница.

На истиот тој ден, 13 јули, само 42 години порано, во 1977 година, Њујорк го доживува најмасивното снемување струја, кое трае цели 25 часови. За разлика од случајот во 2019, во 1977 забележани се енормен број кражби, подметнувања пожари, жртви… Сојузната администрација на претседателот Џими Картер е принудена како отштета за последиците од „блекаутот“ да исплати тогашни 11 милиони долари на градот Њујорк. Поуките, очигледно, биле извлечени.

Градоначалничката на Скопје во тој момент беше зафатена со давање отчет за сите проекти што ги прекинала во овие сто дена. Премиерот веројатно бил зафатен со примање повратници од Германија

Се разбира дека едноставно бев принуден да се сетам на овие примери во моментите на синоќешниот скопски „блекаут“. Ете, вакви хаварии, пожари во близина на трафостаници и слични хаварии можат да се случат и во технолошки најнапредните земји. И тука секоја сличност – завршува!

Случајот сакаше токму времето на снемувањето струја да ме затекне во мојот автомобил, додека возев од Драчево кон Аеродром. Со други зборови, бев во непосредна близина на трафостаницата во Пинтија, онаа што е „обвинета“ за прекинот на струјата, токму во моментот кога снема струја. Со оглед на висинската разлика на која се наоѓа населбата Пинтија наспроти останатиот дел од градот, можев јасно да видам како целиот град исчезнува во мрак. Дури се изгасија и оние џиновски крстови (оној на Водно и оној во Аеродром) на кои, се чини, ниту една енергетска криза не им пречи да блескаат во целиот сјај.

Да, скопската хаварија, за разлика од онаа во Менхетн, траеше размерно покусо – околу половина час. Среќна околност беше и што е неработен ден, па повеќето дуќани и продавници не работеа, а и сообраќајот не беше со оној интензитет како во работните денови.

Колку што нам ни е познато, не беше одложена ниту една претстава, ниту некој концерт, затоа што воопшто и ги немаше. Освен, ако тука не се смета настанот што се одржуваше во Македонската филхармонија – давањето отчет за првите сто дена на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Како што известија медиумите, снемало струја токму кога лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски држел говор. Ваквиот след на настаните ја натера ВМРО-ДПМНЕ да помине кон толку омилените теории на заговор, обвинувајќи ја власта дека намерно во тој момент ја исклучила струјата и така се обидела да ја „замолчи демократијата“.

Не се сомневам дека пораките што од говорницата на Македонската филхармонија требало да ги упати Мицкоски до своите сопартијци се невообичаено важни за моментот во кој живееме и длабоко се надевам дека ќе пронајде начин да ги адресира до членовите на неговата партија, со што македонската демократија дефинитивно ќе добие на квалитет.

Беспомошноста на луѓето што во тој момент се најдоа на улиците и во своите автомобили речиси можеше да се сече со нож. На ниту една раскрсница немаше сообраќаен полицаец

Сепак, не можам да се оттргнам на впечатокот дека ваквиот став во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ влече корени од праксата од не толку дамнешните времиња кога по наредба на власта се исклучуваше струја во телевизиските студија каде што евентуално би можело да се слушне некое опозициско мислење. Само што тогаш на власт беше токму – ВМРО-ДПМНЕ.

Но, не беше сѐ така водвиљски како што изгледа на прв поглед. Беспомошноста на луѓето што во тој момент се најдоа на улиците и во своите автомобили речиси можеше да се сече со нож. Радиостаниците, меморирани во радиоприемникот во мојот автомобил, во недостиг од струја, прекинаа да работат. На ниту една раскрсница немаше сообраќаен полицаец.

Струјата на двапати доаѓаше и исчезнуваше во временски интервали што буквално се мерат во секунди. Можам само да замислам како им било на луѓето што во тој момент се нашле во лифт. Конечното враќање на струјата ме затекна во влезот во зградата, во која живеам и знам со која нелагодност се качив во лифтот за да стасам до седмиот кат, каде што живеам. Плус батеријата на мобилниот телефон ми беше потрошена што беспомошноста ја крена на квадрат.

Но, ако веќе влечеме паралели со Њујорк, треба да се каже и тоа дека градоначалничката на Скопје во тој момент беше зафатена со давање отчет за сите проекти што ги прекинала во овие сто дена, како впрочем и градоначалниците на скопските општини што останаа без струја. Премиерот веројатно бил зафатен со примање повратници од Германија. Оној Центар за управување со кризи веројатно ќе излезе со своја анализа за неколку недели.

Јасно е дека скопското „помрачување“ не беше никаква национална катастрофа, ниту, пак, некој случај што ќе остане во колективната меморија, ама беше некој вид генерална проба. Замислете само ситуација Скопје еден ден да биде навистина метропола. Не како Њујорк, се разбира. Ама, сепак, некаква метропола. Град во кој ќе има низа културни настани, каде што трговските центри ќе бидат живи во најголемиот дел од деноноќието, каде што навистина во голем број ќе доаѓаат домашни и странски посетители… Замислете, велам, како тогаш ќе се справевме со получасовно снемување струја.

Њујорк ги извлече своите поуки. Ќе знаеме ли ние?