Што ни се случи, што направивме и како натаму?

Во моментот кога толку очигледно и прецизно политичката држава ќе биде заменета со полициска, улогата на медиумите се сведува на улогата на оној келнер од „Титаник“ што се обидел да спаси една порцеланска чинија додека бродот доживувал катастрофа од библиски размери.

Да, насловот е претeнциозен за еден, сепак, недоволно амбициозен текст како што е овој и, веројатно, несоодветен, со оглед дека станува збор за парафраза на насловот на славниот есеј „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“, всушност првото поглавје на веројатно најважната политичка, односно политиколошка книга што некогаш се појавила на овие простори – „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

Сепак, верувам дека прашањето од насловот е нужно, гледано барем од перспективите што се отвораат (поточно: затвораат) по онаа полициска опсадна состојба, предизвикана од обидот да се спроведат избори за претседател на студентскиот парламент на еден од македонските државни универзитети.

Бадијала ќе се прашувате зошто и кому е толку важно кој ќе биде наводен лидер на студентите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ за да биде активиран огромен дел од оклопниот возен парк на македонската полиција плус единицата за брзи интервенции да стражари пред студентскиот дом „Кузман Јосифивски Питу“, бидејќи никакво логичко и рационално објаснување нема да најдете, освен ако не се работи за некој вид експеримент, вежба за денот кога нѐ очекуваат „вистинските“ избори.

Ако оваа хипотеза ја земеме како точна или барем како можна, тогаш се доаѓа до поразителното сознание дека бадијала е поарчен овој речиси двегодишен процес на протестирања и политички преговарања. Што, на пример, низ оваа визура значи онаа, и онака никогаш неразјаснета, мантра на најголемата опозициска партија за реформа на медиумите? Рамноправен пристап на сите политички партии што учествуваат во изборниот процес? Соодветен пристап на медиумите до државните пари, односно до парите од владините реклами? Пропорционален кадровски состав на Агенцијата за медиуми? Поголема регулација во однос на навредите, клеветите и говорот на омраза што се провлекуваат низ медиумите? Транспарентна сопственост? Ма, нема врска. Сето тоа паѓа во вода кога полицијата ќе го преземе изборниот процес во свои раце, заедно сосе своите водени топови и гумени палки сосе припаѓачките им куршуми.

Да не се разбереме погрешно, медиумите и новинарството се ужасно важна работа за секое демократско општество, па дури и за она кое тоа не е, а се претставува дека е. Но, во моментот кога толку очигледно и прецизно политичката држава ќе биде заменета со полициска, улогата на медиумите се сведува на улогата на оној келнер од „Титаник“ што се обидел да спаси една порцеланска чинија додека бродот доживувал катастрофа од библиски размери. Накусо кажано: за минимум демократизација на медиумите е потребно барем минимално демократско опкружување. А тоа, секако, не е полициското опкружување.

За минимум демократизација на медиумите е потребно барем минимално демократско опкружување. А тоа, секако, не е полициското опкружување

Прашањето за реформата на медиумите е резултат на уште еден овдешен експеримент – таканаречениот преговарачки процес меѓу четворицата лидери (исто толку нетранспарентен, како и споменатата реформа), од кого произлезе веќе фамозниот Пржински договор. За волја на вистината, ваков експеримент (четворица овдешни партиски лидери плус странски олеснувачи) е веќе еднаш успешно испробан на оваа почва. Се разбира, станува збор за преговорите во 2001 година и донесувањето на таканаречениот Охридски договор. Само што тогаш имавме меѓуетнички воен судир, а денес имаме политичка недоветност, прислушувани материјали, корупција и… неуспешни преговори!
И сегашниот обид странците да преговараат со истите фактори, ама овојпат не на заедничка, туку на паралелни маси, исто така, е виден на овие простори и е познат под името Дејтон, односно Дејтонски договор. Иако многумина ја оспоруваат успешноста на овој договор, сепак со Дејтон беше ставен крај на крвавите југословенски војни, единствениот воен судир во Европа по Втората светска војна. Со други зборови, стануваше збор за сериозна војна, а не за парламентарна и политичка криза!

Но, одиме натаму. Очигледниот факт дека Владата, предводена од партија чии челници се сериозно осомничени за организиран криминал, не може да спроведе кредибилни избори, доведе до уште еден експеримент – создавање таканаречена техничка влада. И, јасно, неуспешен експеримент. Масивното саботирање на министрите и замениците на министрите од опозицијата заедно со поставувањето на премиер, кому повеќе му одговара улога на кукла на некој стомакозборец, отколку на прв министер, даде резултати такви какви што даде – никакви.

Денес лидерот на главната опозициска партија, кој, патем речено, повторно споменува некои есенски датуми за избори и повторно без некои јасни и прецизни причини вели дека опозицијата би се сложила со каква било влада што би можела да спроведе веродостојни избори.

Па, ајде да видиме.

Македонија уште на самиот почеток на својата сувереност го имаше експериментот со експертска влада, онаа на Никола Кљусев. Оваа влада не траеше ни половина од нејзиниот мандат (од 20 март 1991 до 17 август 1992 година), кога ѝ беше изгласана недоверба. Со други зборови, и експертската влада зависи од моменталната волја на мнозинството во Парламентот. Читајте вака: гласачката машина, наречена Собрание на Република Македонија, ќе гласа онака како што ќе реши партијата (или партиите).

Имавме ние експеримент и со таканаречената влада на народно единство. Тоа е онаа влада од 2001 година (значи во услови на вооружен конфликт), во која влезе и опозициската СДСМ. Владата на народно единство секогаш и секаде значи суштинско отсуство на реална опозиција при носење суштински одлуки. И секогаш, јасно, главниот збор го има главната партија. Во владите на национално единство, едноставно, отсуствува каква било контрола на власта. Вреди човек да се потсети на ова кога ги слуша повиците на општонародно обединување. И повторно да го додадеме она што не е неважно – тогаш, сепак, имавме воен конфликт.

Како што читателот веќе забележа, зборот „експеримент“ е можеби најчесто употребуван во овој текст. Како човек да го преведе на „нашки“? Во македонскиот случај веројатно како „скитање“. Инаку, експериментот, по правило се изведува во контролирани услови и служи за проверка на хипотеза, која претходно е внимателно пресметана, за да се постигне резултат со што помалку скитање, со што помалку арчење енергија и време и со колку што е можно – помала штета.

Оној што не знае што би правел, тој, налик на желка во лавиринт, го бара својот пат преку методот на обиди и грешки. И тогаш тоа е – експеримент!

Ма, по ѓаволите, ајде да ја направиме таа реформа на медиумите!