Стабилизација на инструментот

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Министерот за животна средина, Насер Нуредини информираше дека во вторникот имал работна средба со лице што добило позитивен резултат, вчера се тестирал, резултатот е негативен, но по препорака на епидемиолозите „ќе остане во самоизолација и ќе работи од дома“. Медиумите масовно пренесоа: Нуредини оди во самоизолација!

Брее, каква вест, каква паника. Да не беше оваа информација, ќе заборавев дека имаме ресор за животна средина и министер, и тоа во негов втор мандат. Прво што ми дојде на ум поврзано со неговото име се стихови од песната што младата српска пратеничка Јелена Михајловиќ ги рапуваше во српскиот парламент.

„…Те овакви мандати,

те онакви мандати,

и секогаш

едни те исти кандидати.

…Затоа, резултати

и резултати,

па дури тогаш

повторни мандати“.  

Иако веста за изолацијата на Нуредини има денешен датум, слободно може да се смета за надвременска. Имајќи ги предвид резултатите на министерството што го предводи, може да се рече дека или подолго време е во самоизолација или е на многу строга дистанца од учинокот што граѓаните го очекуваат од овој ресор.

Кога првпат стапи во функција, Нуредини се претстави „како човек што дејствува, а не како некој што зборува“. Досега најмногу се истакна како човек што се повторува

Токму поради тоа, мерката за задолжително носење заштитни маски на отворено, луѓето сѐ помалку ја доведуваат во логична врска со превентива од корона вирусот, а најмногу со заштита од аерозагадувањето, кое драматично се чувствува уште на крајот на октомври.

Кога првпат стапи во функција, Нуредини се претстави „како човек што дејствува, а не како некој што зборува“. Досега најмногу се истакна како човек што се повторува. На 15 октомври годинава објави дека во Гевгелија е пуштена во употреба нова мониторинг станица за квалитет на воздух, со што бројот на официјалните мониторинг станици во државата се зголемил на 18 и една дополнителна, мобилна мерна станица.

Како се зголемил бројот, кога и лани беа 18 мерни станици, а се ветуваа и нови? Неподнослива е леснотијата со која секоја година се рециклираат стари ветувања, во ново пакување.

Завчера Министерството за животна средина информираше дека високите вредности на ПМ10 честички што се појавиле на мерното место во Кичево, биле невалидни, а се јавиле како резултат на стабилизацијата на мерниот инструмент, откако настанал прекин со напојување со електрична енергија на мониторинг станицата.

Верувам дека било така. Ама во деновите што ќе следат, не ќе може високите вредности на ПМ10 секогаш да се правдаат со прекин на струја и стабилизација на инструментот.

И министерот за здравство денеска поконкретно објасни зошто се задолжителни маските на отворено: „…за да не се најдеме во група во која има носител на вирусот и да се избегне штетното влијание на ПМ10 честичките, за кои има докази дека му овозможуваат на вирусот да патува подалеку од вообичаениот пат на флигеовата капка за време на зборувањето“.

И додека министерот за (не)животна средина е во изолација поради претпазливост да не биде изложен на некоја флигеова капка, вредно е да се напомене дека капка по капка пред очи му снемува/ни снемува езеро.

Во 2018 година, Преспанско Езеро беше повлечено околу десет метри од брегот. Состојбата се влоши во 2019, за да кулминира во 2020 година. Во февруари годинава, Нуредини најави дека формирана е работна група и договорена средба на експерти од нашата земја, Албанија и Грција, кои ќе разговараат за проблемот со намалувањето на нивото на езерото. 

Во некои посиромашни, но попристојни времиња, со „фанфари“ се најавуваа завршени работи. Денес со фејсбук-фанфари се најавува одење во изолација и седење по дома

„Не би сакал да шпекулирам, штом ќе имам детални информации, ќе можам да ве известам за тоа кои се причините за намалувањето на нивото на Преспанско Езеро. Имајќи предвид дека имаме и многу сува зима, немаше никакви врнежи ниту од дожд, ниту од снег, треба да изнајдеме начин да работиме заедно со сите инволвирани институции, а прво со Министерството за земјоделство со цел да направиме планови, како да се помине летото“, рече Нуредини во февруари.

Летото помина. Ама не во ветените напори. Оние со дипломатски пасоши си ја спраштија надвор, рајата си остана дома, распоредена на трите езера, од кои едното е тргнато на пат да ги стигне димензиите на флигеовата капка.

Преспанско доживеа такво драматично намалување на водостојот, при што во некои делови водата е повлечена и до 200 метри од брегот. Но, до денес не добивме никакви информации што направи работната група на експертите (онаа најавената во февруари).

Во некои посиромашни, но попристојни времиња, со „фанфари“ се најавуваа завршени работи. Денес со фејсбук-фанфари се најавува одење во изолација и седење по дома. Совет до сите функционери, изолирани со негативен тест: плукнете си во дланките (флигеови капки) и фатете се за работа.