Ти си знаеш

Колумна на Сашо Кокаланов

Јавноста во соседна Србија деновиве остана згрозена од фактот дека една пензионирана судијка се пријавила за втората сезона од реалното шоу „Задруга“. Додуша, да бидеме чесни, не целата, само еден дел од јавноста бурно реагираше, тврдејќи дека тоа е недолично и срамно за целата судска фела, додека еден друг дел застана во одбрана на ријалити-судијката со тезата: „Секој е слободен да одлучи што ќе прави, не крши никаков закон!“

Секоја сличност на оваа вторава теза со „ставот“ на Христијан Мицкоски за референдумот се надевам е случајна. Но, не би се изненадил и ако не е случајна, зашто тоа е истото културно милје од кое произлегуваат ваквите личности – задругарскатурбофолкерскакултура, која верува дека во постапките и во однесувањето на луѓето има само нешта ограничени со закон, но не и со елементарна пристојност, а уште помалку со лична одговорноста и со морал.

Да се разбереме, не може основата премиса во една демократија да биде партиски став за кое било прашање, а најмалку за некое што носи етикета на највисок државен и национален интерес. Тоа дека секој граѓанин според својата волја ќе одлучи како ќе гласа е на сила веќе три децении и не е став, тоа е нешто за што сме се договориле уште кога Мицкоски (и јас како негов врсник) не сме биле ниту полнолетни, односно кога генерацијата пред нас се определила за плурализам и демократија.

Ако е доволно будала, Мицкоски може и пред секои избори да им кажува на граѓаните да одлучат по сопствена волја.Тоа е како на курс по пливање, наместо како да пливаат, кандидатите-непливачи да ги подучуваш за нешто што и самите го знаат. На пример, дека водата е мокра и дека пливањето е индивидуален спорт.

По ваквиот антологиски „став“, логично се поставува прашањето дали, според логиката на ВМРО-ДПМНЕ, кога партиите на избори им викаат на граѓаните заокружете го тој и тој број, изберете тоа и тоа, гласајте вака и вака, всушност го девалвираат нивното право самите да одлучат и да изберат, без никој да им кажува што да прават. Дали од ова произлегува дека гласачите се малоумни за време на избори, а мудри и паметни за време на референдуми?

 Став е да кажеш што ти ќе направиш и како твојата партија смета дека е правилно да постапат луѓето што ѝ веруваат. Затоа и постојат партиите, затоа и ги добиваат сите тие силни пари од буџетот

Не, Мицкоски, тоа не е став. Во една нормална држава, тоа е елементарна претпоставка за секое гласање. Став е да кажеш што ти ќе направиш и како твојата партија смета дека е правилно да постапат луѓето што ѝ веруваат. Затоа и постојат партиите, затоа и ги добиваат сите тие силни пари од буџетот.

Се прашувам сега дали ВМРО-ДПМНЕ ќе земе пари од буџетот за референдумот за да води кампања во која нема да има став ни „за“, ни „против“, ни за бојкот. Каков побогу ќе биде слоганот на една таква кампања: „Ти си знаеш“, „Поим немам“, „Прајшо ќе прајш“, „Не ме прашуј мене“, „Не суодавде“, „Не си ставам трн во здрава нога“?

Или нешто со повеќе рима и мелодија: „ЕУ и НАТО да, ама не знам кога“, „Ни лук јал, ни лук мирисал“, „Тивок бојкот, власт рони“, „Бурек да, референдум не“?

Или можеби нешто интернационално, нешто што математички прецизно ќе ја отслика суштината на ваквото немање став: „No amnesty, no tangency“, што во слободен превод би било – штом нема амнестија, ништо друго не нè допира.

Што ли правеа вмровци цело лето кога по плажите собираа мислење од граѓаните? Дали акцијата „Лето за Македонија“ доживеала дебакл? Дали членството им е пата-пата, половина за бојкот, половина да се гласа против? Дали најчест одговор на анкетираните граѓани бил: „вас ли ќе ве прашаме што да правиме, бандити едни“, та вмрониве заклучиле дека е најпаметно да си молчат за референдумот? Овие и уште многу други прашања ќе останат без математички прецизен одговор.

Што ќе брани Мицковски на дебатите, дека секој сам одлучува? Па, за тоа сите се согласуваат, не мора воопшто да се дебатира. Дебатата дали водата е мокра и дали пливањето е спорт е губење време во услови кога има само две опции – нацијата да преплива до брегот или да се удави

Најголем цинизам на синоќешниот прес на Мицкоски, сепак, не беше тоа што го зацементира немањето став за референдумот, туку што го повика опонентот Зоран Заев на ТВ-дуел за темата за која немаат став. Не знам што ќе одлучи Заев, ама треба да е будала да прифати да учествува во акцијата „Лето за Македонија“ сега кога таа е завршена. Што има да се убедуваме, допрва, кога веќе сте одлучиле дека немате став? ТВ-дуел на Мицкоски со поддржувачите имаше логика кога ВМРО-ДПМНЕ сè уште немаше одлучено што ќе прави, сега е тотално бесмислено. Повеќе логика има ВМРО-ДПМНЕ на дебатите да добие две столчиња – едно за Антонијо од вмро-бојкотирам, другото за некој од реформистите, поточно од вмро-гласам против. Тие барем имаат некаков став и нека добијат шанса да го бранат јавно.

Што ќе брани Мицковски на дебатите, дека секој сам одлучува? Па, за тоа сите се согласуваат, не мора воопшто да се дебатира. Дебатата дали водата е мокра и дали пливањето е спорт е губење време во услови кога има само две опции – нацијата да преплива до брегот или да се удави.

Можеби, евентуално, Мицкоски би можел да излезе на ТВ-дуел со професорот Владо Поповски, инаку во моментов советник на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, кој рече дека договорот со Грција е добар, односно дека илузија е оти некој друг би можел да издејствува подобра спогодба за Македонија. Тоа би бил дуел што многу би им помогнал и на членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и на неопределените гласачи како да постапат на претстојниот референдум.

Не верувајте во приказните дека ако не сака Македонецот на брегот, брегот ќе дојде кај Македонецот. Нема да дојде брегот, си има попаметна работа. Дадена ни е шанса да испливаме, а ако сме цврсто решени да се удавиме, ќе нѐ остават, нема цел свет да скока по нас да нѐ спасува.

Доаѓаат сега додека не е предоцна, со бродови за спасување, фрлаат гуми, прават сè што е во нивна моќ, да нѐ убедат дека на брегот е посуво отколку во вода и дека на копно шансите да се удавиш се драстично помали од во вода. Ако одбиваме тие пораки да ги сфатиме, тогаш океј, наш проблем, не на брегот.

Ние сме денес како верникот во вицот за господ и поплавата. Го знаете сигурно, оној кога верникот се качил на покривот зашто водата веќе му ги поплавила сите катови од куќата, а кога ќе дошол некој чамец за спасување одбивал да влезе, велејќи дека тој е верник, него господ ќе го спасел. За кога се удавил и отишол горе кај неговиот господ, да му се пожали дека толку многу верувал во него, а тој го оставил да се удави, да добие едноставен одговор – што да ти правам, ти праќав чамци, а ти упорно одбиваше да се качиш.

Мицковски сакал во ЕУ и во НАТО, ама не се качува во чамецот на 30 септември, не му бил по ќеф. Друг чамец, драги мои, ќе нема (Владо Поповски), па вие сами решете си дали ќе мочате со Мицко од керамиди врз водата што ќе ве потопи или ќе се качите на последниот чамец кон брегот.