Анализи

Корона со тешки економски симптоми

Со воен сентимент, но без огнено оружје, 2020 година во економијата се споредува со хоророт на Втората светска војна

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Со мрачна нота завршува оваа 2020 година, која ќе биде запаметена како најтешката година што ја преживеале денешните генерации, иако веројатно најголем дел од нас би сакале воопшто и да не се сеќаваат на неа.

Со воен сентимент, но без огнено оружје, 2020 година во економски контекст се споредува со хоророт од годините на Втората светска војна. Не само што макроекономските индикатори се цврста основа за овие споредби, туку и политиките што ги застапуваа меѓународните финансиски институции – парите да бидат главниот арсенал во оваа борба, се засноваа на вонредни услови.

Токму оние што беа најголеми поборници на штедењето, како што се ММФ и Светска банка, годинава сугерираа сосема спротивна политика, и бараа фискален активизам, сценарио што во нормални околности би било незамисливо.

„Додека болеста беснее, што друго ќе правите?“, истакна неодамна главниот економист на Светска банка, Кармен Рајхарт, и потоа додаде, „прво се грижите да ја добиете војната, а потоа ќе барате начин како да платите за тоа“. Извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, исто така потенцираше дека 2020 не е година за балансирање на сметките според книгите.

Но, и покрај огромниот фискален стимул глобално, па и кај нас каде што државната поддршка исплатена преку повеќе антикризни мерки изнесува над 300 милиони евра, сепак пандемијата беше финансиски исцрпувачка за многу бизниси и граѓани.

Во недостиг од повеќе статистички податоци кои тековно би можело да прикажат какви се последиците од корона-кризата, сепак анализата на неколку достапни, а клучни индикатори, покажува дека последиците од пандемијата врз економијата се длабоки. 

Падот на индустриското производство навестува какви ќе бидат економските резултати на крајот на годината | Фото: БИРН

Во вториот квартал годинава, периодот од април до јуни кога забрзано се прошири вирусот, а властите воведоа полициски час во обид да се запре ширењето на заразата, имаме историски најдлабок пад на бруто домашниот производ (БДП) од 14,9 отсто. Потоа во текот на летните месеци, од јули до септември, кога се почувствува одредено релаксирање и низ извештаите на Министерството за здравство кое на дневна основа нѐ информираше за бројот на новозаразени и починати, соодветно на тоа и олабавувањето на рестриктивните мерки, очигледно е и ублажувањето на економскиот пад на 3,3 отсто.

Во апсолутен износ, пандемијата за шест месеци направила штета кај бруто домашниот производ од 525 милиони евра.

Меѓутоа, од октомври, вториот бран на пандемијата повторно покажа „заби“, па, иако властите одолеаја на воведување локдаун како најголем број од земјите во светот, сепак, економските резултати се влошуваат главно како последица на огромна воздржаност и на бизнис-секторот да инвестира, но и на граѓаните помалку да трошат.

Со оглед на тоа што податоците за движењето на БДП од последниот квартал од годинава ќе се знаат дури следната година, неколку показатели навестуваат дека, наместо очекуваното благо закрепнување, сосема извесно е дека ќе продолжи трендот на намалување на економската активност со пад од околу 2 отсто.

Кон тоа упатува намалувањето на индустриското производство, кое во октомври бележи пад од 5,2 отсто, што е повторно продлабочување споредено со месецот претходно.

Првичните податоци покажуваат дека и во последните три месеци од годината продолжила намалената инвестициска активност и послабата приватна потрошувачка.

Сумирано, се проценува оваа година да заврши со пад на економската активност од 4,9 отсто според последните проценки на Народна банка, до најмногу 5,4 отсто, колку што прогнозира ММФ.

„Се работи за синхронизирана економска криза, која истовремено ги погодува речиси сите економии во светот и се очекува дека само околу 26 земји ќе имаат мала позитивна стапка на економски раст. Се работи за криза која не е резултат на слаби економски фундаменти, туку е здравствена криза што брзо се прелеа во реалниот сектор“, објасни гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

„Сепак, не искусивме катаклизма како што често анегдотски се стравуваше на почетокот на кризата во март“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески. Сепак, според него, кризата ќе остави економска трага, затоа што при најсилниот удар во вториот квартал, таков пад на економската активност не е искусен од раните транзициски години во 1990-тите, на што голем дел од сегашните генерации веќе и не се сеќаваат.

Корона-кризата ја зголемува нееднаквоста

Угостителството и туризмот беа особено тешко погодени | Фото: БИРН

Професорот Петрески објаснува дека кризата имала понеповолен ефект за одредени групи од општеството, што притиска врз нееднаквоста, која пред кризата бележеше поволен тренд.

„Фактот дека ударот на кризата беше концентриран во секторите угостителство, трговија, транспорт и дел од преработувачката индустрија е особено важен, бидејќи тие дејности вообичаено се понископлатени, имаат поголем удел на неформални работници, работници со атипични договори за вработувања (определено време, скратени работни часови и сл.), повеќе вработуваат жени“, објаснува Петрески и додава дека од друга страна, одредени сегменти во општеството останаа главно „недопрени“, како на пример вработените во јавната администрација и пензионерите.

Податоците покажуваат дека има сериозна дисторзија на пазарот на труд, каде што заклучно со ноември, вкупно 16.381 граѓанин добиле отказ, со што на сопствена кожа ја почувствувале корона-кризата. Но, освен оние што останале без работа во овој период, вкупниот број невработени е зголемен за речиси 52 илјади граѓани годинава, вклучувајќи ги и оние што почнале сега да се пријавуваат во Агенцијата за вработување поттикнати од неколку државни мерки. 

Од друга страна, големиот интерес за државна помош за финансирање плати покажа дека илјадници работни места биле доведени во ризик. Во ноември, барања за државна помош за исплата на плати доставиле 13.851 компанија, и тоа за 65.537 работници, а со вкупно барање за државна помош од 16,6 милиони евра.

Според професорот Петрески, покрај тоа што се изгубил одреден контингент работни места, сепак поголем проблем е пасивизацијата на луѓето што губеле работа и тие што дотогаш активно барале.

„Го видовме на дело ефектот на обесхрабрен работник и тоа ќе биде еден значаен проблем за властите во претстојниот период“, објаснува тој.

Што се однесува до просечната плата, пак, статистиката покажа изненадувачки раст годинава. Според Петрески, тоа е комбинација на два ефекта.

„Првиот е што изгубените работни места се главно пониско платени, па откако нив ги нема во ‘списокот’ на платите, просекот статистички расте. Вториот е ефектот на субвенциите на придонесите што почнаа во декември 2019 и нивниот ефект во статистичките податоци ќе го гледаме до декември 2020, по што очекувам дека растот на платите од сегашните 7-8 отсто значително ќе опадне“, додава Петрески.

Кризата низ лични искуства

Најбргу без работа останаа тие што беа најмалку платени | Фото: БИРН

Ако бројките изгледаат сувопарно, колку и да прикажуваат исклучително негативни трендови, тогаш искуствата на граѓаните што директно ги почувствуваа економските последици од корона-кризата, посликовито сведочат каква беше оваа 2020 година.

Пандемијата им приреди бројни предизвици на многумина и прилично тврдоглаво ги наметна новите услови за работа без социјални контакти, според кои немаше многу простор за маневар, особено кај оние професии што зависат од физичкото присуство на луѓето.

Силвана Јовановска работи во секторот туризам повеќе години. Таа вели дека во оваа гранка, патувањата и дестинациите се планираат и до една година пред нивната реализација и сите плаќања се прават однапред. Но, одеднаш, пандемијата ги преврте наопаку сите планови без никакво предупредување.

„Големиот удар кај нас од економски аспект се почувствува веднаш, бидејќи сите аранжмани за 8 Март се откажаа буквално на 5-6 дена пред реализацијата, кога 90 отсто од трошоците, агенциите веќе ги имале уплатено кај тур операторите. Клиентите во таа паника откажуваа и ги бараа парите назад, кои ние веќе сме ги уплатиле“, се присетува Јовановска на првиот шок од воведувањето локдаун и кај нас и глобално.

Таа вели дека под огромен притисок дел од агенциите одлучиле да ги вратат парите, знаејќи дека хотелите, превозниците и авиокомпаниите, нема да го сторат тоа и ќе претрпат огромни загуби.

„Во вакви услови речиси неизбежен е банкрот и комплетно бришење на овој сектор, односно од економски аспект кажано, кризата катастрофално се одрази врз нас. Бевме доведени до ситуација да треба да отпуштаме вработени што со години работеле бидејќи нема пари за плата, да откажуваме дуќани бидејќи нема пари за кирија, се соочивме со страшни егзистенцијални проблеми, а од никаде немаше можност за какви било приливи“, додава Јовановска.

Со затворањето на границите и ограничувањето на движењата на луѓето, се затворил и бизнисот на Сања Кузмановска од Скопје, која две години претходно го изнајмувала својот стан преку платформата Ербиенби, главно на странски туристи.

„Кога светот застана и се затвори поради пандемијата, се стопираа и патувањата. Мојот стан остана празен веќе неколку месеци, а со тоа и без приходи ниту за тековните сметки“, додава таа.

Пандемијата целосно го променила и секојдневието на Пенче Кралев, кој е професионален музичар, басист. Претходно со својот бенд имале и по неколку живи свирки неделно, но одеднаш свирењето контрабас му станало само домашно вежбање без можност за вообичаената заработка.

„Рестриктивните мерки што ги воведе државата, целосно ги запреа живите свирки по локалите, па дури и кога се донесоа протоколи за угостителите и се дозволи, на пример, гостување на диџеи“, вели Кралев.

„Веќе 10 месеци сме без никаква заработка, па видете сами дали може да се живее. Музичарите ги потрошија своите заштеди“, додава тој.

Дел од антикризните мерки им овозможиле одредена финансиска помош, дали еднократна преку некои ваучери или во вид на минимална плата за одредени месеци, но, сепак, граѓаните коментираат дека тоа е недоволно и неодржливо.  

„Јасно е дека е криза во целиот свет, но никаде не се запоставени уметниците како овде. Очекуваме набргу да се дозволи повторно организирање културни настани“, вели Кралев, кој сега аплицирал за тримесечна финансиска поддршка преку Министерството за култура.

Јовановска додава дека туристичките работници воделе долга борба за да добијат соодветна државна помош.

„Ние сме мала држава и свесни сме колку ни се можностите. Се надеваме дека ќе можеме нормално да работиме за да не мора да примаме помош“.

Сега сите надежи се свртени кон вакцината и процесот на имунизација, кој во многу земји коинцидира со почетокот на новата година, па оттука и очекувањата дека со календарското свртување на годината, светот ќе сврти нов лист по пандемијата со корона вирусот.