Регион

Косово се надева дека судењата во отсуство ќе го зголемат бројот на пресуди за воени злосторства

Врз основа на новите измени, нема потреба осомниченото лице да се бара во државата во која се верува дека се наоѓа, за да му се суди

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Лулзим Адеми, Албанец од Митровица, во 1999 година беше обвинет дека како парамилитарец, извршил воени злосторства над цивили, дејствувајќи во соработка со припадници на Војската на Југославија, на српската полиција и на српските паравоени формации.

Адеми е обвинет за учество во протерување на Албанци од нивните домови и за убиство на најмалку 12 лица. Тој беше уапсен и држен во притвор до февруари 2000 година, кога избега.

Судот одлучи да му суди во отсуство. По обжалувањето на оваа одлука, Врховниот суд одлучи судењето да продолжи во отсуство на обвинетиот и Адеми беше осуден на 20 години затвор.

Во друг случај, кој датира од 1999 година, Божур Бишевац, Србин од Митровица, беше обвинет дека палел куќи, пукал во селани и оти истите ги терал да ги напуштат своите домови. И Бишевац избега од затвор во август 2000 година, но судот сепак му судеше во отсуство.

Потоа, во јануари 2001 година, шефот на мисијата на ООН во Косово (УНМИК), која во тоа време ја извршуваше извршната и законодавната власт во оваа земја, усвои пропис со кој се забранува судење во отсуство „поради  сериозни кршења на меѓународното хуманитарно право“. Кога оваа регулатива стапи во сила, судот се откажа од кривичното гонење на Бишевац.

Адеми заврши во затвор, а Бишевац никогаш повеќе не беше уапсен.

Регулативата на УНМИК 2001/1 издадена во јули 1998 година вели дека „на ниту едно лице не смее да му се суди во отсуство, како што е тоа дефинирано со важечкиот југословенски кривичен закон или Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд“.

По 2009 година, речиси сите прописи на УНМИК беа укинати или заменети со соодветни закони, но судењата во отсуство не беа опфатени со правната рамка на Косово.

Во обид да се зголеми гонењето на воените злосторства, косовското собрание во 2019 година, усвои измени и дополнувања на законот за кривична постапка, со цел да се дозволат судења во отсуство, во случаи што вклучуваат дела против меѓународното хуманитарно и меѓународното кривично право, извршени помеѓу јануари 1990 и јуни 1999 година.

Ова е период во кој косовските Албанци се бореа за ослободување од српската власт, а измените главно беа насочени кон решавање на случаите на воени злосторства извршени во Косово, за време на вооружениот конфликт 1998-1999 година.

Но, дури и две години по усвојувањето на амандманите, никој не е ниту процесуиран, ниту осуден во отсуство, а косовското собрание неодамна повторно усвои измени на законот за кривична постапка.

Имено, во јуни оваа година, Венецијанската комисија, советодавно тело на Советот на Европа за уставно право, соопшти дека новите одредби се „во голема мера во согласност со Европската конвенција за човекови права и основни слободи, со интерпретацијата на судот во Стразбур и со меѓународните стандарди“.

Врз основа на новите измени, нема потреба осомниченото лице да се бара во државата во која се верува дека се наоѓа, за да му се суди. Исто така, не е неопходно осомничениот да биде повикан на распит пет пати, пред да се  продолжи со случајот.

Васфије Красниќи Гудман, која за време на војната беше жртва на силување, а која оваа година беше избрана за пратеник во Собранието на Косово, верува дека амандманите ќе помогнат да се зголеми гонењето на случаите на воено сексуално насилство.

„Мислам дека гонењето и казнувањето во отсуство може да биде добра можност со судење да се потврди дека силувањето, како воено злосторство, се случило. Ваквите постапки (судењето во отсуство) се, исто така, во согласност со позитивниот европски закон“, вели Красниќи-Гудман за БИРН.

„Силувањето е најнепроцесираното злосторство во Косово, а судењата во отсуство ќе ги охрабрат жртвите да истапат“, додава таа.

Стагнацијата на односите меѓу Косово и Србија ја оневозможува правдата

Зградата на Владата на Косово. Фото: Милица Радовановиќ

Во некои земји на ЕУ, се практикуваат судења во отсуство, но други европски земји кои не дозволуваат ваков вид процедури, сметаат дека тоа е повреда на правото на обвинетиот да биде присутен, за да одговори на обвиненијата против него. Повеќето меѓународни судови бараат обвинетите да бидат присутни, иако, на пример, на осомничени лица им се судеше во отсуство пред Специјалниот суд за Либан.

Во случајот со Косово, постои еден конкретен проблем, а тоа е дека многу од оние што се бараат за да им се суди за воени злосторства, живеат во Србија, која не ја признава независноста на Косово, ниту косовскиот правен систем, па оттука и не ги екстрадира осомничените лица. Ова значи дека е малку веројатно оти некој Србин обвинет за такви злосторства, ќе биде изведен пред суд.

Амер Алија, од Фондот за хуманитарно право (ФХП) Косово, кој со години документира злосторства извршени за време на војната, ја нагласува потребата од воспоставување правна соработка со Србија, за да може случаите да бидат изведени пред суд.

Тој нагласува дека прашањето треба да се реши во контекст на тековните преговори за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кои се водат со посредство на ЕУ.

„Владата на Косово треба да инсистира на вклучување на правната соработка во агендата на преговорите со Србија, бидејќи ова е клучен услов за ефикасно гонење на воените злосторства и испорачување на правдата за жртвите“, вели тој за БИРН.

„Со новите измени (судење на обвинетите во отсуство), може да се поднесат поголем број обвиненија против поединци, кои се недостапни за судските органи на Косово. Но, не верувам дека ќе има позитивни промени, во однос на издржувањето на казните од лицата осудени во отсуство“, додава Алија.

Ларс-Гунар Вигемарк, шеф на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС), ги поздрави законските измени.

„Судењата во отсуство ќе им овозможат на косовските власти да продолжат со бројните истраги за воени злосторства што ги водеше ЕУЛЕКС, а кои наводно биле извршени од лица кои сѐ уште се на слобода, вклучувајќи ги и осомничените за кои се знае дека живеат во Србија“, нагласи Вигемарк.

Сепак, додаде тој, таквите судења треба да се дозволат само ако на обвинетиот му се гарантира правото на фер судење.

„Судења во отсуство, според новиот косовски закон, може да се дозволат само во исклучителни околности и под услов да постои ефективна процедурална заштита на обвинетите“, нагласи тој.

Ислам Ќерими, професор на Правниот факултет на Универзитетот во Митровица, посочува дека судењата во отсуство се прифатливи само во многу специфични околности.

„Судење во отсуство е дозволено во случај кога обвинетиот постојано го попречува судењето или кога имаме рочиште за потврдување на обвиненијата“, вели Ќерими за БИРН.

Во Србија, Обвинителството за воени злосторства, користеше судења во отсуство, за да ги гони поранешните припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Така, неколкумина во отсуство беа осудени за тероризам.

Но, без никаква правна соработка или заеднички договор за екстрадиција помеѓу Приштина и Белград, во многу други случаи најверојатно нема да има судење и тие случаи ќе останат неказнети.

„Без соработка помеѓу Косово и Србија, успешното процесирање на предметите на воени злосторства, ќе наиде на големи потешкотии“, заклучува, Дрита Хајдари, шеф на Одделот за воени злосторства при Специјалното обвинителство на Косово.