Слободан Вукиќ пиел виски во ноќниот клуб „Тилт” на реката Сава во Белград кога пијанството се претворило во трагедија.
Откако турнал неколку чаши на шанкот, 30-годишниот возач на камиони се обидел да нарача уште еден пијалак. Неговите пријатели барале од него да замине. Вукиќ бил упорен. Тогаш дошло обезбедувањето.
„Ги знам тие места и луѓе”, вели неговиот пријател Мирослав Баста, кој таа декемвриска ноќ во 2015 година бил со Вукиќ. „Ќе те претепаат, а потоа ќе те исфрлат, без разлика дали си предизвикал проблеми или не”.
Неговиот страв бил основан.
Кога обезбедувањето завршило со него, Вукиќ бил облиен во крв по целото лице и маица и лежел на тротоарот пред клубот, се сеќава Баста. Не поминало многу време, кога паднал во кома. По само две недели, бил мртов. Причина за смртта била пукната слезина.
Повеќе од три и пол години подоцна, на еден од обезбедувањето му се суди од страна на Вишиот суд во Белград, под обвинение за нанесување тешки телесни повреди. Милован Тадиќ признал дека го удирал Вукиќ во ногата, но негирал дека му нанел сериозен удар во стомакот.
Инцидентот во „Тилт“ е само еден од низата напади во последниве години низ белградските клубови, дел од кои завршиле фатално, а дел резултирале со нанесување сериозни повреди, од страна на лицата кои работат како обезбедување во локалите, кои повеќе наликуваат на хулигани отколку на вистинско обезбедување ангажирано да го чува редот и мирот.
Аналитичарите велат дека постои едноставно објаснување: обезбедувањето во ноќните клубови во Србија често е под контрола на вистински силеџии, банди составени од фудбалски навивачи кои се познати по насилство на и надвор од трибините.
Ако контролирате кој влегува и излегува во клубот, автоматски ја контролирате и трговијата со дрога која се одвива внатре, што е прилично профитабилен бизнис, велат тие.
И покрај новите закони донесени со цел насилниците да се држат подалеку од агенциите за приватно обезбедување, силеџиите исто така се вработуваат и како телохранители, ноќни стражари и обезбедувачи, односно како лица на кои им се доверува јавната безбедност.
Србија и во минатото ги толерирала хулиганите. За време на војните во 1990-те години кои беснееја низ Балканот, тие служеле како засилување во редовите на паравоените сили, од кои најпознати биле „Тигрите”, со кои командувал покојниот Жељко Ражнатовиќ Аркан, водач на тврдокорните навивачи на фудбалскиот клуб „Црвена Ѕвезда“.
Откако мирот повторно завладеал на овие простори, тие се здружиле за заеднички да влијаат врз обликување на јавното мислење. Иако учествувале во војните кои самиот тој ги предводел, навивачките групи помогнале да се урне српскиот моќник Слободан Милошевиќ. Тие се познати по тоа што ги предводеле и насилните протести против апсењето на воените злосторници, независноста на Косово и правата на ЛГБТ заедницата.
Со подемот на владејачката Српска прогресивна партија во изминатите шест години, аналитичарите велат дека односот меѓу државата и фудбалските навивачки групи еволуирал во нешто налик на работен ангажман: во замена за послушност на улиците, хулиганите можат да ги извршуваат своите деловни активности без поголеми пречки.
За да го доловат ова ново ниво на интимност во нивните односи, тие посочуваат на озлогласената навивачка група од Белград со наводни врски не само со оние вклучени во бизнисот со приватно обезбедување, туку и со државни службеници, вклучувајќи висок полициски советник и генералниот секретар на српската влада.
Тие ја нарекуваат оваа група „Јаничари“.
На ти го, дај ми го
Во есента 2016 година, Александар Станковиќ, познат како „Сале мутавиот”, влегувал во неговиот сребрен Ауди А6 во белградската населба Вождовац, кога две неидентификувани вооружени лица отвориле оган врз него.
Застрелан повеќе од 50 пати во гангстерска престрелка, тој бил последниот во долгата низа лидери на хулигански групи кои биле убиени во Србија во претходните неколку години.
За „Сале мутавиот” имало низа обвиненија, заради смртни закани, тортура, тепање, кривични дела поврзани со дрога и за поседување оружје. И покрај големиот број обвиненија, тој во притвор поминал релативно малку време.
Бил осуден на пет години и 10 месеци затвор во 2013 година за водење на ланец за трговија со дрога, но Првиот основен суд во Белград го одложил неговото затворање многу пати, од кои десет пати заради здравствени причини.
Сите други обвиненија биле или отфрлени или сѐ уште се процесирале во времето на неговата смрт.
Еден ден по убиството, министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, организирал емотивна прес конференција за да објави војна против организираниот криминал, поради што многумина се запрашале зошто смртта на озлогласениот хулиган поттикнал одговор на толку високо ниво.
Станковиќ бил добро познат како лидер на „Јаничари“, фракција на екстремните фанови на ФК „Партизан“, еден од двата белградски фудбалски тимови кои привлекуваат фанатична поддршка низ цела Србија (другиот е „Црвена Ѕвезда“).
Името на групата доаѓа од називот за елитните војници кои го чувале османлискиот султан, за кои се смета дека биле регрутирани претежно од насилно одземени христијански момчиња од Балканот.
Александар Станковиќ
Кој е тој?
Поранешен лидер на „Јаничари“, застрелан во 2016
Кривични обвиненија?
Обвинет заради смртни закани, киднапирање, тортура, тепање и поседување оружје. Осуден на над пет години затвор заради кривични дела поврзани со дрога.
Пријатели на високи позиции?
Виден е како на трибините се прегрнува со вишиот полициски советник (и член на „Јаничари“). Наводно, заедно оделе на военото стрелиште со Вучковиќ и Новак Недиќ, генерален секретар на српската влада
Според локалните медиуми, подемот на „Јаничарите“ се случил во 2013 година, кога Станковиќ, во тоа време навивач на „Црвена Ѕвезда“, мобилизирал група насилници за да ја преземе контролата врз јужните трибини на ФК „Партизан“ од „Алкатраз”, доминантната навивачка група во тоа време.
Да се контролираат трибините значело да се бодрат со песни навивачите на клубот. Но, експертите велат дека тоа, исто така, им овозможува да станат дел од приватното обезбедување во одредени белградски ноќни клубови, вклучувајќи ја и трговијата со дрога во нив.
Членовите на навивачките групи на „Црвена ѕвезда” имаат слична контрола врз обезбедувањето на ноќните клубови во главниот град, велат тие.
Додека хулиганите во Белград имаат репутација дека се меѓу најнасилните во Европа, експертите за безбедност велат дека насилството нема многу врска со фудбалот.
Една истражувачка студија спроведена на 30 лидери на навивачки групи во Србија во 2012 година покажала дека 26 од нив биле обвинети од страна на полицијата за кривични дела насилство, 11 за насилство за време на спортски настани и 16 за кривични дела против официјални владини лица, се вели во извештајот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
„Со други зборови, раководењето и поддршката на фудбалските клубови е често „параван за сериозни криминални активности”, се вели во извештајот. „Криминалните групи, маскирани под превезот на навивачи, се вклучени во перење пари, корупција, нарко-криминал, даночно затајување и други форми на организиран криминал”.
Аналитичарите велат дека хулиганите можат да се извлечат, бидејќи тие им се од корист на политичарите на други начини (видете го текстот: Интимна врска).
„Првиот дел од нивната [хулиганска] работа е да се промовира националистички наратив во јавноста и да се поттикне подемот на национализмот, шовинизмот и така натаму”, вели Саша Ѓорѓевиќ, истражувач во белградскиот Центар за безбедносна политика.
„Вториот дел е трговијата со дрога, а третиот е приватното обезбедување. Првиот дел е важен поради политиката, и се чини дека тоа е некаква услуга (за политичарите на власт), а за возврат, хулиганите си го тераат својот нелегален бизнис”.
Лабаво лиценцирање?
Најмалку двајца од обезбедувачите што работеле во „Тилт“, кога Вукиќ бил смртно повреден, се познати на јавноста како верни следбеници на „Јаничари“. Тадиќ, против кој има покренато судски процес за трговија со дрога, како и за нанесување на тешки телесни повреди, е еден од нив.
Според еден полициски извештај, таа вечер за безбедноста на клубот била задолжена фирмата наречена „Форт Секјурити“. Фирмата е во сопственост на Светислав Николајев, тетовиран експерт по боречки вештини од градот Вршац, во српската автономна покраина Војводина.
Самиот Николајев бил инволвиран во расправија со Вукиќ, иако не бил обвинет. Безбедносните снимки прикажани во судот покажале како тој го удира Вукиќ по главата. Повикан како сведок во судењето на Тадиќ за нанесување тешки телесни повреди, тој сведочел дека го нападнал посетителот на клубот со отворена рака, а не со тупаница.
Во 2013 година, Србија усвои закон со кој се регулираат односите на вработените во индустријата за приватно обезбедување, вклучувајќи и одредени лица кои се овластени да носат огнено оружје, како што се чувари кои го обезбедуваат транспортот на пари.
Оние кои служеле војска, исто така, можат да аплицираат за приватна лиценца за обезбедување со дозвола да носат оружје.
Новиот закон предвидува дека секој што работи во овој сектор треба да помине обука, да полага испит и да помине низ темелни безбедносни проверки за да добие задолжителна лиценца од Министерството за внатрешни работи.
Според законодавството, компаниите за обезбедување можат да работат законски само ако сите нивни вработени имаат лиценци. Според законот, 1 јануари 2017 година бил краен рок за усогласување, иако експертите велат дека многу фирми уште не го направиле тоа.
Николајев не одговорил на прашањата во врска со неговиот бизнис за обезбедување, ниту дали лицата со наводни врски со „Јаничари“ работеле за него во клубот „Тилт“.
Министерството за внатрешни работи одбило да одговори дали Николајев или лицата кои работеле за него биле лиценцирани да работат како обезбедување, дури и откако по доставената жалба Комесарот за информации од јавен интерес донел одлука дека за овие барања важи слободата за давање информации.
„Форт Секјурити“ не е активен од јули 2017 година, половина година по инцидентот во клубот „Тилт“, но Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) може да открие дека Николајев има и други интереси во бизнисот за приватно обезбедување.
Јавните документи покажуваат дека тој е официјален претставник на компанијата наречена „МК Обезбедување“.
„МК Обезбедување“ е во сопственост на Младен Курибак.
Курибак (59) е добро познат во Србија како поранешен шеф на полицијата кој бил разрешен во 2014 година како дел од чистката на шефови на полиција од страна на тогашниот премиер Александар Вучиќ, кој изјавил дека тие повеќе биле фокусирани на политика отколку на вршење на полициската работа.
Кратко откако бил отпуштен, Курибак ја основал компанијата наречена „Едукатор МК“, која обучува и им помага на вработените во приватните агенции за обезбедување да се лиценцираат, покажуваат податоците на бизнис регистарот.
Тој ја основал „МК Обезбедување“, фирмата која ја претставува Николајев, како сестринска фирма за вработување на лиценцирани лица за обезбедување во декември 2016 година.
Курибак не одговорил на прашањата од БИРН, но во извештајот на белградскиот Центар за безбедносна политика се вели дека „Едукатор МК” била првата компанија во Србија која добила дозвола од Министерството за внатрешни работи да понуди обука за сертифицирање на оние кои работат во секторот обезбедување.
Според Министерството за внатрешни работи, до крајот на 2015 година, имало десет центри за обука, повеќето од нив во поголемите градови низ цела Србија.
Во меѓувреме, според информациите од Министерството за внатрешни работи објавени од страна на Стопанската комора на Србија, „МК Обезбедување“ добила лиценца за обезбедување на лица, имоти и спортски настани на почетокот од 2017 година.
Пријатели на врвот
Не многу долго по убиството на Станковиќ во 2016 година, веб-страницата за истражувачки вести „Инсајдер“ објавила фотографија на починатиот лидер на хулиганите како на трибините прегрнува двајца други мажи, идентификувани како истакнати членови на „Јаничари“.
Еден од нив бил Ненад Вучковиќ.
Вучковиќ, со прекар „Вучко”, не е обичен фудбалски навивач.
Министерот за внатрешни работи, Стефановиќ, јавно потврдил дека тој работел за жандармеријата, силите задолжени за одржување на редот на фудбалски натпревари и јавни протести, како и за борба против организираниот криминал.
„Мислам дека не постои кривично дело за тоа да се биде фудбалски навивач или лидер на група навивачи”, изјавил Стефановиќ за новинарите кратко време откако била објавена фотографијата на „Инсајдер“. „Тој дојде во полицијата од војската. Верувам дека сите мерки за безбедност покажале дека тој не извршил никакво кривично дело”.
Ненад Вучковиќ
Кој е тој?
Постар член на „Јаничари“ и специјален советник на началникот на жандармеријата.
Кривични обвиненија?
Обвинет од полицискиот синдикат за можна поврзаност со нелегалните активности на „Јаничари“.
Пријатели на високи позиции?
Се смета дека е близок до Новак Недиќ, генерален секретар на српската влада. Обвинет за незаконско користење на стрелачки полигон со Недиќ и озлогласените хулигани.
Медиумите пишувале за неговата љубовна врска со Дијана Хркаловиќ, поранешен државен секретар во Министерството за внатрешни работи.
Според Стефановиќ, Вучковиќ бил војник сѐ до неговото префрлање во жандармеријата. Тој бил вработен во српската елитна „Специјална бригада“ до јуни 2016 година.
И министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи одбиле да одговорат на прашањата за улогата на Вучковиќ во војската и полицијата.
Барањата за интервју со Националниот совет за спречување на насилни настани во спортот, советодавен совет формиран од Стефановиќ во декември 2017 година, исто така останаа без одговор.
Ѓорѓевиќ од белградскиот Центар за безбедносна политика вели дека Вучковиќ никогаш не требало да ги помине проверките направени од Министерството за внатрешни работи, кога се придружил на полицијата со оглед на неговите наводни врски со „Јаничари“.
„Секој кандидат мора да помине безбедносна проверка”, вели тој. „Еден од елементите на безбедносната проверка е да се знае дали лицето е директно или индиректно поврзано со членови на криминални групи. Ако има такви врски, тоа лице не припаѓа во полицијата”.
И покрај неколкуте обиди, БИРН не успеа да дојде до Вучковиќ за да добие коментар.
Различни медиуми, романтично го поврзувале Вучковиќ со Дијана Хркаловиќ, поранешен државен секретар во Министерството за внатрешни работи.
Министерството не одговорило на барањето од БИРН за интервју со Хркаловиќ, пред таа да го напушти своето работно место, што било објавено на крајот од мај, без да се дадат дополнителни детали.
Вучковиќ порано бил препознатлив на јужните трибини на „Партизан“, каде што бил фотографиран од локалните медиуми како навива со членовите на „Јаничари“, меѓу кои и Станковиќ и Тадиќ. Тој, исто така, е официјален претставник на навивачите на „Партизан“ во собранието на фудбалскиот клуб.
Во февруари 2017 година, синдикатот на српската армија тврдел дека Вучковиќ постојано и нелегално го користел стрелачкиот полигон, оружје и муниција за практична вежба, заедно со Станковиќ и уште еден насилник од групата, Вељко Беливук, кој има повеќекратни пресуди за насилен криминал .
Според синдикатот, со нив имало и четврт човек: Новак Недиќ, генерален секретар на српската влада.
Вучковиќ дал изјава за ова прашање пред Групата за истрага на злосторства во рамките на Воената полиција во ноември 2018 година. Обвиненијата против супервизорите на стрелиштето на крајот биле отфрлени откако доказите мистериозно исчезнале, велат од Мрежата за известување за криминал и корупција (КРИК), белградски медиум за истражувачко новинарство.
Тоа не било единствениот пат Недиќ и Вучковиќ да бидат обвинети за незаконско дело.
Недиќ, 37-годишен поранешен адвокат, бил член на одборот на директори на „Партизан“ меѓу август 2013 и април 2014 година, кога поднел оставка за да ја преземе својата нова работа во владата.
Нема ништо необично членови на владејачката партија да бидат во одборите на големите спортски клубови во Србија. Но, интересот на Недиќ во клубот не завршил со неговата оставка, велат клупските инсајдери.
Во пролетта 2016 година, ФК „Партизан“ објавил соопштение за печат, обвинувајќи ги Недиќ и Вучковиќ дека мобилизирале навивачи да фрлаат јајца по менаџерите на „Партизан“, кои седеле во ВИП-ложата за да создадат „атмосфера на страв и јавен линч” пред седницата на владејачкото собрание на клубот, кое требало да избере нов менаџмент.
„Сето тоа потекнува од Новак Недиќ, генерален секретар на владата”, изјавил за новинарите Милорад Вучелиќ, вршител на должноста претседател на „Партизан“. Тој додал: „[Наместо јајца], можеа да бидат бомби или камења”.
Недиќ не одговорил на барањето за интервју од БИРН.
Новак Недиќ
Кој е тој?
Генерален секретар на српската влада и поранешен член на Одборот на директори на ФК „Партизан“.
Кривични обвиненија?
Обвинет од синдикатот на српската војска за незаконско користење на стрелачкиот полигон во периодот од февруари до јуни 2016 со лидерот на „Јаничари“ Александар Станковиќ и други членови на фудбалски навивачки групи вклучувајќи го Ненад Вучковиќ, специјален советник на началникот на жандармеријата.
Прогледување низ прсти?
Во јуни 2018 година, еден од српските полициски синдикати испратил писмо до Министерството за внатрешни работи, барајќи појаснување за улогата на Вучковиќ во жандармеријата по добивањето на дојава за неговата наводна вмешаност во активностите на подземјето.
Во писмото, до кое имаше пристап БИРН, синдикатот се осврнува на инцидент од август 2017 година, кога полицијата спровела рутинска контрола и го претресла автомобилот Ауди А6, управуван од Велибор Среќковиќ.
Среќковиќ, полупрофесионален рагбист кој работел и како обезбедување, бил еден од оние кои биле на должност во ноќниот клуб „Тилт“ ноќта кога Слободан Вукиќ бил наводно нападнат.
Членовите на еден онлајн форум на фудбалски навивачи го нарекол Среќковиќ „десна рака” на Вучковиќ.
БИРН не можеше да стапи во контакт со Среќковиќ за коментар.
Според полицискиот синдикат, полицајците пронашле пиштол Ц3 99, 13 куршуми, кутија за полициска значка и ќеса со „бел прав”, скриена во касетата од автомобилот во кој бил Среќковиќ.
Белградскиот виш обвинител го обвинил за поседување оружје. И обвинителството и Високиот суд во Белград одбија да му дадат на БИРН копија од обвинението, но потврдија дека неговото судење треба да започне наскоро.
Сепак, се покажа дека Аудито не било на Среќковиќ. Синдикатот во писмото навел дека има причина да верува дека автомобилот всушност не бил во сопственост на никој друг, туку на Вучковиќ – и побарал од Хркаловиќ, тогашниот државен секретар во Министерството за внатрешни работи, да го потврди ова.
Министерството за внатрешни работи не одговори на синдикатот. Ниту, пак, одговори на барањето на БИРН за интервју во врска со ова прашање со Хркаловиќ.
Велибор Среќковиќ
Кој е тој?
Полупрофесионален рагбист, наводен следбеник на „Јаничари“ и приватен обезбедувач.
Кривични обвиненија?
Се соочува со судење за поседување оружје. Парично казнет за учество во демолирање на еден белградски бар. Снимен како го тепа покојниот Слободан Вукиќ во ноќниот клуб „Тилт“, иако не е обвинет.
Пријатели на високи позиции?
Се вели дека е „десна рака“ на вишиот полициски советник Ненад Вучковиќ. Двајцата служеле во елитната „Специјална бригада“ во исто време.
Оваа дојава до синдикатот не било првпат Вучковиќ да биде поврзуван со Среќковиќ и со сомнителното Ауди.
Во 2013 година, кога „Сале мутавиот” Станковиќ ја презел моќта, Среќковиќ бил осомничен за вмешаност во демолирање на кафе-ресторанот „Холивуд“ во Белград, во сопственост на ривалот кој ја предводел групата навивачи „Алкатраз“.
Според полицискиот извештај до кој дојде БИРН, безбедносните камери го фатиле Среќковиќ како стои надвор на тротоарот, додека лицата идентификувале како насилници на „Јаничари“ влегле внатре, кршејќи го мебелот и сѐ што било од стакло.
Среќковиќ го искористил Аудито како автомобил за бегство и тргнал кон „Пионер“, затворена спортска сала во белградската населба Палилула. Според полицискиот извештај, таму се сретнал со еден човек и му ги предал клучевите од автомобилот.
Тој човек бил Вучковиќ, се вели во извештајот.
Полицијата подоцна го уапсила Среќковиќ под сомнение дека учествувал во инцидентот во кафулето „Холивуд“, но обвиненијата биле повлечени откако тој платил парична казна од околу 330 евра, покажуваат судските записи.
Против Вучковиќ не било покренато обвинение, кој во тоа време сè уште бил во војската. (Тој се префрлил во жандармеријата дури две и пол години подоцна.)
БИРН може да открие дека и Среќковиќ и Вучковиќ биле во војската во исто време, дури и во истата „Специјална бригада“. Среќковиќ ја напуштил војската два дена пред кафулето „Холивуд“ да биде искршено.
Николајев, сопственик на „Форт секјурити“, за кој се смета дека го вработил Среќковиќ во ноќниот клуб „Тилт“, се чини дека исто така, служел во истата бригада. На сликата објавена на времепловот на Фејсбук на Николајев во септември 2011 година, тој ја носи карактеристичната црвена беретка на која стои грбот на единицата.
Министерството за одбрана потврдило дека Среќковиќ служел во елитните сили помеѓу декември 2010 и декември 2013 година, но пред да им се приклучи ги поминал безбедносните проверки.
Сепак, министерството негирало дека Николајев служел во единицата.
Без разлика дали некое од овие лица имало криминални врски пред да влезе во војската, Ѓорѓевиќ од белградскиот Центар за безбедносна политика вели дека властите имаат слаба евиденција за безбедносните закани.
„Во последните шест години [откако прогресивците дојдоа на власт], постои тренд меѓу институциите да им се прогледува низ прсти на лицата за кои ќе се откријат докази [за криминални врски]”, вели тој.
„Ова води кон прашањето: ако игнорираат еден случај, дали истото го прават и во други случаи? Дали тие всушност се грижат дека луѓето вработени во овие институции се чисти?”
Ова прашање е премногу реално за семејството и пријателите на Вукиќ, бидејќи тие чекаат правдата да биде задоволена.
Тадиќ, човекот обвинет за задавање на смртоносниот удар, бил вработен како приватно обезбедување во јавниот радиодифузен сервис Радио Телевизија Србија, додека не бил ставен во притвор за време на судскиот процес против него за нанесување на тешки телесни повреди.
Во друг судски процес што започнал во март, Тадиќ се соочува со посебни обвиненија за трговија со дрога, што тој ги негира. За време на сослушувањето во овој процес во април, неговиот адвокат тврдел дека Тадиќ работел и во канцеларијата на Недиќ, генералниот секретар на владата.
Запрашан за ова од страна на КРИК, од канцеларијата на Недиќ одговориле дека никогаш не го ангажирале Тадиќ. Една недела подоцна, неговиот адвокат изјавил за КРИК, дека имало недоразбирање помеѓу него и неговиот клиент.
На 12 април Тадиќ бил ослободен од затвор и ставен во домашен притвор со електронско следење.
Сепак, неговата свршеница има објавено бројни фотографии и видео на социјалните медиуми кои го прикажуваат надвор од неговиот стан, па дури и како вози автомобил.
На една слика, Тадиќ стои во лифт со рацете во џебовите на неговата тренерка, насмеан, а неговата свршеница позира пред камерата.
Ивана Јеремиќ е истражувачка новинарка од Србија. Оваа статија, објавена на Балкан Инсајд е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН). Уредник е Тимоти Ларџ.