Вести

Од ексминистер до вратар: 34 осомничени за пожарот во Кочани

Сите се сомничат за тешки дела против општата сигурност

Кочанското обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција сомничат вкупно 34 поединци и три фирми за тешки дела против општата сигурност. Како што објави денеска републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, во последните 13 години сите заедно со сторување или несторување придонеле да се случи трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 59 луѓе.

Според обвинителот осомничени се:

Министерство за економија (5 лица) – поранешен министер, поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник за неизвршување на службени должности, не постапиле според прописите и техничките правила и на осомниченото правно лице кое не ги исполнувало пропишаните услови и начин за вршење угостителска дејност во повеќе наврати со лиценци му овозможиле вршење угостителска дејност – кабаре.

Министерство за внатрешни работи (7 лица) – како службени лица вработени во Штип и Кочани изготвиле, потпишале и одобриле согласност и овозможиле на фирмата која ја водела дискотеката да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.

Државен пазарен инспекторат (5 лица) – двајца поранешни директори и тројца инспектори биле должни да вршат инспекциски надзор, не ги извршиле своите службени должности и во периодот од 09.01.2020 година до 16.03.2025 година во ниту еден наврат не направиле контрола над работењето на правното лице.

Дирекција за заштита и спасување (1 лице) – поранешен директор поради тоа што не ги извршил своите обврски во согласност Законот за заштита и спасување, со што овозможил „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност.

Општина Кочани (3 лица) – поранешни градоначалници кои не ги извршиле своите обврски во согласност со Законот за заштита и спасување. За целиот период општината примала уплати како надоместок за угостителски објект.

Фирма за обезбедување (6 лица) – сопственик и управител, овластеното лице на подружницата во Кочани, тројца вработени и едно лице кое не било вработено, но вршело одредени работи за таа фирма. Тие физички го обезбедувале објектот без каква било претходна проценка и подготовка. Вечерта кога се случи пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот на посетителите во објектот и не спречиле внесување и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства со кои бил предизвикан пожарот и поради кои настанала несреќата.

Група ДНК (1 лице) – за внесување и употреба на пиротехничките средства.

Фирма сопственик на диско клуб (3 лица) – осомничените се одговорни лица, сосопственици или управители во извесен период во фирмата чија подружница е клубот. Иако објектот бил со намена лесна индустрија и не исполнувал услови да биде пренаменет во угостителски објект, во целиот период осомничените добивале лиценца незаконито и организирале угостителски услуги.

Фирма за изработка на проекти (1 лице) – осомничена сопственичка која изготвила основен проект како услов за отпочнување со работа и вршење угостителска дејност – кабаре, иако знаела дека не постоеле законски услови објектот да биде пренаменет од категорија лесна индустрија во објект што врши угостителска дејност.

Продавач на билети (1 лице) – тој не водел сметка за бројот и возраста на гостите кои смеат да присуствуваат, спротивно на Законот за угостителска дејност, овозможувајќи влез и присуство и на малолетни лица на настанот.

Организатор на настанот (1 лице) усно го организирал концертот без формално потпишан договор со музичката група ДНК и притоа заедно со други осомничени, иако свесни дека капацитетот и условите во објектот тоа не го дозволуваат, овозможиле влез на околу 650 посетители помеѓу кои имало најмалку 31 дете.