Одбраната на поранешниот шеф на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Франко Симатовиќ, го негираше тврдењето на сведокот кој изјави дека во 1990 година, Симатовиќ носел оружје за Србите во Хрватска.
Радоша Милутиновиќ, Белград
Вкрстено испрашувајќи го сведок РФЈ-066, адвокатот на Симатовиќ, Михајло Бакрач, сугерираше дека тој, во тоа време, не бил во можност од Белград, преку БиХ, во Книн, да довезе околу 400 пушки во два џипа на Министерството за внатрешни работи на Србија, како што сведокот изјави во главниот исказ даден во јули.
РФЈ-066, кој тогаш бил припадник на милицијата на Српската автономна област (САО) Краина, но и близок со министерот за внатрешни работи, Милан Мартиќ, сепак, остана при својата изјава.
Тврдејќи дека Симатовиќ во полициско возило, со оружје, не можел да помине низ бројни контролни пунктови, кои во тоа време никнувале во Босна и Херцеговина и во Хрватска, Бакрач го праша сведокот, по кој точно пат соработникот на Станишиќ пристигнал во Книн.
„Не знам од каде точно поминале, имаше стотици патишта“, рече во среда, пред судот на ООН во Хаг, РФЈ-066, кој сведочеше преку видео врска од прекуокеанскa држава, со заштитен лик и изменет глас.
Бранителот на Симатовиќ рече дека има само еден пат до Книн, преку Грахово и Стрмица, но тоа не го поколеба сведокот.
РФЈ-066 останаа и при тврдењето дека на двата џипа, со кои Симатовиќ во Книн донел оружје, веднаш им биле ставени цивилни регистарски таблички. Од друга страна, тој не можеше да каже какви таблички имале џиповите, додека возеле кон Книн.
Поголемиот дел од вкрстеното испрашување на сведокот, се одвиваше зад затворени врати, со цел да се заштити неговиот идентитет. Бранителот на Симатовиќ ќе продолжи да го испрашува сведокот РФЈ-066
Во главниот исказ, даден во средината на јули, РФЈ-066 нагласи дека шефот на СДБ на Србија, Јовица Станишиќ, со посредство на неговиот помошник, Симатовиќ, во периодот 1990-1992, вооружувал, обучил и ги контролирал српските единици во САО Краина, кои вршеле злосторства и ги протерале тамошните Хрвати.
Симатовиќ и неговиот шеф, Јовица Станишиќ, обвинението подигнато пред судот на ООН ги товари за прогон, убиства, депортација и присилен трансфер на хрватски и муслимански цивили за време на војните во Хрватска и во БиХ, 1991-1995.
По четири точки тие се обвинети за злосторства против човештвото, а петтата ги товари за кршење на законите и обичаите на војување.
Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ, според обвинителите, се извршени во текот на спроведувањето на здружен злосторнички потфат, чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, а заради остварување на српска доминација.
На чело на злосторничкиот потфат, според обвинителите, бил тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ.
На продолжението на судењето, по едномесечната пауза, присуствува само Симатовиќ, бидејќи Станишиќ, со одлука на судскиот совет, е пуштен на привремена слобода до 27 септември. Тој се откажа од правото да присуствува на главниот претрес и него го застапуваат адвокатите.
Станишиќ, според наодите на лекарите во Хаг и во Белград, страда од хронична болест на дигестивниот систем и од депресија.